за

Nissan Pulsar: Може ли Nissan да биде обичен?

Оваа марка нé научи од неа да очекуваме необични автомобили. Qashqai, Juke, GT-R, па дури и Micra, сите тие отстапуваат од главната струја. Сега ни доаѓа Pulsar, навидум обична комбилимузина. Дали?

Во последните седум години од Nissan ни доаѓаа најчесто модели што кај другите производители се водат само како поткласа и ја пополнуваат празнината меѓу одделните моделски серии. Но, се покажа дека Nissan е само чекор пред конкуренцијата со своите кросовери Qashqai и Juke. Додека другите марки се држеа тврдокорно до своите „обични“ модели, Јапонците продаваа сé повеќе од своите „необични“ модели. Денес, големите марки повеќе не можат да си дозволат во нивната понуда да отсуствува модел во класата на Qashqai или Juke. Сепак се чини дека дојде време и Nissan да ја пополни празнината во својата понуда и на пазарот да се појави со обичен автомобил, со класичната комбилимузина Pulsar. Умее ли Nissan сеуште да прави автомобили за „главната струја“?

Тоа што Pulsar има да понуди повеќе од другите модели во класата на Golf е просторноста во кабината. Многу повеќе. Со меѓуоскино растојание од 2,7 метри и рационално искористување на просторот, компактниот Nissan нуди повеќе простор на задната клупа дури и од некои модели од средната класа – 692 милиметри. За ориентација, просечната должина на просторот за нозе во компакт и средната класа изнесува 562, односно 585 милиметри. Багажникот е повеќе просечен со своите 385 литри, односно 1.395 литри со соборена клупа. Но, патниците на задната клупа не се единствени што уживаат во просторната понуда. Тоа важи и на предните седишта. Со вовлекувањето на облогите во вратите се отвори дополнителен простор за Pulsar да понуди потпирач за рака во вратите, што со широчината од 95 милиметри може да се носи и со луксузните лимузини.

Во средишната конзола доминира дисплеј од 15 сантиметри, а слична големина има и дисплејот на патниот компјутер, на когошто возачот може да избира дали ќе се прикажуваат информациите од навигацијата, од возењето, како и совети или предупредувања. Сосема вообичаено за новите генерации, преку овој дисплеј може да се избираат и дотерувањата за трепкачите, бришачите или за централната брава.

Мошне импресивен е арсеналот од помошни системи. Со комбинирање на сликите од камерите во предната маска, во капакот на багажникот и во страничните ретровизори се добива приказ на возилото од птичја перспектива, што е голема помош при паркирањето и ставка што ретко се среќава во компакт класата. Возачот може да избере и приказ од само една од видеокамерите. Составен дел од овој „Around View Monitor“е контролата на објекти во движење при излегување од паркинг наназад – единствено во класата – што нуди дополнителна безбедност како од возила што наидуваат, така и од лица што минуваат зад возилото. Камерите служат и за предупредување во возењето кога има возило во мртвите агли, како и за системот за следење лента – и уште еден важен детал, камерите поседуваат автоматски систем за миење на нечистотијата. Самостојното запирање при опасност од судир го заокружува безбедносниот пакет. На списокот на дополнителна опрема се наоѓаат и системот за навигација NissanConnect со пристап на интернет, диодни предни светла (стандардно во нивото Tekna).

Понудата од мотори на стартот ја сочинуваат турбобензинецот 1.2 DIG-T со 115 КС и 1,5-литарскиот dCi со 110 КС и 260 Nm. Во почетокот на следната година ќе се придружи и 1,6-литарски турбобензинец со 190 КС. Системот старт-стоп и повратокот на енергијата при сопирање се стандард кај сите мотори. Основниот бензинец користи 6-степен мануелен менувач и го забрзува Pulsar за 10,7 секунди до сто, а просечната потрошувачка изнесува пет литри на сто километри. Со дизелот од партнерот Renault, компактниот Nissan постигнува просечна потрошувачка од само 3,6 литри на сто километри.

Nissan ги нуди вообичаените три нивоа на опременост Visia, Acenta и Tekna, со клима уред, шест воздушни перници и блутут коненција уште во основното ниво. Средното ниво Acenta дополнително поседува алу-бандажи, двозонска автоматска клима, пристап и стартување без клуч, кожа на воланот и рачката на менувачот и автоматика на светлата и бришачите. Конкретните детали околу нивоата на опременост за одделните пазари ќе бидат познати по стартот на продажбата на Pulsar кон крајот на годинава.

Производството на новиот модел се одвива во фабриката на Nissan во Барселона, од кадешто во 2013 година излегоа 131.900 возила од марката. Покрај Pulsar, во Барцелона се произведуваат и сите верзии на комбито NV200 за европскиот пазар, како и Pathfinder и Navara.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Opel стартува со продажба на Adam и Mokka во Јужна Африка

Во Америка се краде автомобил на секои 45 секунди