Силни емоции владеат кај Skoda во предвечерието на салонот во Париз. На вечерта на концернот Volkswagen, меѓу другите премиери е новата генерација на Skoda Fabia.
Третата генерација на Skoda Fabia денес и официјално доживеа премиера пред медиумите, личностите од јавниот живот и шефовите на автомобилските концерни. По традиција, концернот Volkswagen одржува посебна вечер со премиери на неговите марки непосредно пред официјалното отворање на најголемите салони на автомобили во светот. Вечерва, ден пред да биде отворен парискиот салон на автомобили за оваа година, Volkswagen ја претстави младешката и динамична Fabia со избалансирани пропорции, форми како на кристал и остри линии. Новата Fabia е воедно и прв модел на Skoda за когошто ќе бидат достапни MirrorLink и SmartGate, за поврзување со паметен телефон. Шефот на марката, Винфрид Валанд, за првото јавно појавување на Fabia изјави: „Skoda го изгради своето име со висока функционалност и многу простор. Сега е време за функционалноста на нашите автомобили да се спои со впечатлив и емотивен дизајн. Со третата генерација на Fabia повторно поставуваме репер во класата на малечките возила. Досега 3,5 милиони купувачи се решија за овој модел. Сакаме да ја продолжиме оваа успешна традиција.“ Утре изутрина ќе следува официјалната светска премиера и на комби изведбата на новата Fabia.