за

Конечно изглед каков што доликува за бикот: Ова е Lamborghini Asterion

Почнува париското автомобилско лудило. Lamborghini денес го откри изгледот на концептниот автомобил Asterion. Има што да се види: Целата историја на Lambo во линиите на овој болид од иднината.

Италијанците се држат цврсто до традицијата кога станува збор за нивната национална гордост, брзите марки. Кај Lamborghini се знае дека за моделите се користат славни и историски имиња од светот на биковите, животното што во логото го носи секој болид од Сант Агата Д’Болоњезе. Во тој поглед, ниту последнава креација не отстапува. Asterion е името на минотаурот од грчката митологија, со човечко тело и глава на бик.

Следно, во вториот дел од моделската ознака се користат буквите LP, за лонгитудинално, односно надолжно поставен средишен мотор. Кај Asterion тука е малку необично. Целото негово име гласи LPI 910-4. Што бара тоа дополнително „И“ во ознаката на Ламбо? Вишокот буква стои за „ибридо“, за хибрид. Тука повторно се побудуваат асоцијации на митолошкиот лик Астерион. Ова е првиот модел со хибриден погон на Lamborghini. Струјата во суперспортските возила веќе не изненадува. Неа ја користат Porsche 918 Spyder, Ferrari LaFerrari и McLaren P1. Според Lamborghini, Asterion е концептен автомобил што веќе утре може да почне да се произведува.

Пред задната оска стои 5,2-литарскиот V10 познат од Lamborghini Huracan. Неговите 610 КС се здружуваат со моќта на трите електромотори, за да постигнат системска моќност од 910 КС. Еден електромотор се наоѓа меѓу моторот и седумстепениот менувач со двојна спојка, додека останатите два електромотора се вградени на предната оска. Италијанските техничари ги вградија батериите во средишниот тунел.

При искористување на сите четири погонски единици, овој Lambo со погон на сите тркала спринтува до сто за три секунди, а крајната брзина изнесува 320 километри на час. Следуваат вредности што не сме свикнати, ниту пак особено заинтересирани да ги читаме кога станува збор за автомобили од суперспортската лига: 4,12 литри на сто километри. Толку троши Asterion LP 910-4 според норма. Енергијата во батериите треба да биде доволна за 50 километри на струја, со брзина до 125 километри на час.

Италијанците моментно вежбаат со тежина, односно настојуваат да ја смалат тежината на своите болиди – за полесно да се задоволат идните уште построги еко-норми. Во таа насока, Asterion поседува лесна и цврста карбонска моношасија, која надоместува за дополнителната тежина од батериите. Вежбата со тежината на Asterion ќе биде корисна и за идниот Urus, најаветниот спортски теренец на Lambo.

Во кабината се спојуваат алуминиум карбон и титан. Возачот пред себе гледа волан каков што претходно немало во Lamborghini. На воланот има три копчиња за избор на програмата за возење: Zero (за струја), Ibrido (за хибрид) и T (termico, односно моторот со внатрешно согорување). Тоа е многу повеќе на место отколку таблетот, преку когошто се ракува со навигацијата, мултимедијата и клима уредот. Ќе биде подобро ако испадне дека некој го заборавил таблетот пред снимањето. Некои работи едноставно не спаѓаат во сериозен тркачки болид од овој ранг.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Jaguar ги објави цените за новиот XE: Старт од 27.000 фунти

Вечер на Volkswagen на салонот во Париз: Премиера на Skoda Fabia