Киа Ексид 1.6 Референс · Тест · Малку луксуз не е вишок

Киа Ексид е долго на пазарот и не остана незабележана. Додека се случуваа бурни промени на автомобилска сцена, овој кросовер остана главно непроменет. Точно тоа сега му е најголемата предност.

Киа Ексид, автомобил што никогаш не се вклопуваше во познатите шаблони. Или како што тоа го порачува со своето име, Ексид, што на аглиски значи да надмине нешто од очекувањата, било да е тоа по големина или по број, оваа Киа секогаш беше нешто повеќе. Кросоверот во меѓувреме го доживеа својот втор фејслифт, којшто на веќе познатите квалитети, го додава најважниот. Противвредноста. Тест.

Киа го пушти Ексид во време кога на сцената немаше многу компактни кросовери. А, и тие што се нудеа, не беа забележани. Исклучок беа единствено првиот Рејнџ Ровер Евок од 2011 година. Но, тој е премиум модел и најмалку двапати е поскап од компактните кросовери на големоволуменските марки. Втор исклучок беше Тојота Ц-ХР од 2016 година, точно од јапонската марка, што со овој модел сакаше да докаже дека умее да создаде и автомобил со нездодевен изглед, па и забавен за возење. И, успеа во тоа.

Сите овие обиди беа противодговор на успехот на еден автомобил, а тоа беше Нисан Кашкај. Но, тој беше чиста спротивност од кола со згодна појава. Јапонскиот кросовер беше практична, солидна, јапонска „кутија“, што луѓе ја сакаа затоа што беше голема колку СУВ, но не беше нападна и скапа како СУВ. Наспеоти тоа, овие навалија со стилот.

Само предните врати се исти со Сид, секој друг дел од каросеријата е различен кај Ексид

Во времето кога Киа по стоти пат се имаше докажано како дизајнерски способна марка, Корејците го пуштија Ексид. Додека останатите имаат некои остри линии и се изгубени во насоката, дали да бидат спортска комбилимузина качена на големи тркала или СУВ со тркачки спојлери, оваа е заоблена, женствено заоблена, накај неодолива.

Киа го создаде и го произведуваше Ексид само за европскиот пазар. Името Ексид излезе како згоден спој од Сид, комбилимузината и основа на семејството модели од компакт класата на Киа, коешто асоцира на семе, затоа што Киа сакаше да докаже дека е и европска марка (ЦЕЕД доаѓа од Комјунити оф Јуроп Јуропиан Дизајн). Корејците решија на тоа име да додадат Икс, како тогаш стандардна буква за возила што вкрстуваат два различни концепти, класична комбилимузина и СУВ.

Ексид беше 4-та каросериска изведба во семејството Сид, покрај стандадниот модел, комбито Спортвагон и отменото комби-купе Про Сид. Денес остана само Ексид, не оти производителот се откажа од семтентот, туку затоа што Сид е заменет со К4, автомобил со сосем поинаков пристап и со производство во Мексико, но тоа е веќе друго поглавје.

Промени во изгледот, во внатрешноста, во возењето

Промените во новата моделска година се воочуваат уште во носот. Ексид е воедно и последен модел во целата понуда на Киа, којшто го усвои изгледот со светла во форма на соѕвездие, односно како што велат дизајнерите, со Стар Меп. Пред кросоверот, промените го зафатија и самиот бестселер Спортаж, како и малечкиот кросовер Стоник.

Новиот изглед на светлата и отсуството на маска, на местото каде што ѝ е местото, бара привикнување, но ништо страшно. Во историјата постојат само два фејслифти коишто биле утнати: Едниот е на Форд Мондео, неспорно најгрдиот фејслифт во историјата, вториот е на Мултипла, оригиналниот и храбро осмислен ван, за којшто менаџерите наредија да се „оддизајнира“, односно да се направи да изгледа повеќе како тогашното Стило. Со Киава е многу полесно и побрзо за човек да се навикне на новиот изглед.

Тоа најверно ќе го покаже времето кога овој фејслифтиран Ексид ќе се појави на пазарот на користени автомобили. Голема е веројатноста дека со противвредноста што ја нуди по последново освежување, тој ќе стане плен на ловците на добри понуди.

Но, освен сменетиот изглед, постои уште една важна работа, што ги охрабрува луѓето да се решат за модел што реално е на пазарот од 2019 година. Правилото е: Автомобил што минал фејслифт, трае подолго и подобро е составен од автомобил од првите години на производство. Фејслифтот е одлична пригода за и техничарите да зафатат таму каде што има потреба да се чепне. Кусо, ако некоја завртка требало да биде малку потстегната кога било стартувано производството, сега веројатно е потстегната колку што треба. И клучното, овој автомобил ќе трае подолго.

Сите податоци за моделот на тест погледнете ги на нашиот онлајн-каталог со сите нови автомобили на македонскиот пазар Автосалон МК

Kia XCeed 1.0 T-GDi Reference

Што е сменето кај Киа Ексид МГ2027?

Главните промени, освен во носот и во истиот стил во опашот, се во двата екрани од по 12,3 инчи под заедничко стакло – освен во основниот модел – и во додавањето 1,0-литарски Т-ГДи во понудата, како основен мотор. Точно е дека и тој е со три цилиндри, но за разлика од моторите на Форд или Стелантис на коишто „им недостига цилиндар“, за овој мотор досега не се пријавени поплаки од клиентите. Во автомобилот на тест си работи познатиот 1,6-литарец од Спортаж, без каква било електрификација, а пак солиден. Но, за тоа подоцна.

Тоа што не може да се превиди „зад воланот“ секако е самиот волан, и тој со новиот стил на марката. Ексид ја усвои од Спортаж и Соренто сензорската лента со две функции, што еднаш служи за контрола на климата, а другпат за инфо-забавата. Соодветно на тоа се смени и формата и местото на отворите за воздух.

Сменети се и дел од материјалите и боите во кабината, но и натаму се добива впечаток за солидна и грижлива завршна изработка, лесно ракување, речиси „возвишено“ чувство, односно впечаток како да се седи во автомобил што е класа погоре.

Тестираниот автомобил е со врвното ниво Референс и како што кажува името, тоа е нивото со коешто другите може да се споредуваат. Новина со фејслифтот е тоа што кожените седишта се вентилирани во врвното ниво. Единсвено што отсуствува за Киава да биде полна со опрема до таван е токму панорамскиот покрив.

Има напредок и во поврзувањето со телефон и користење онлајн-услуги, па дури и користење дигитален клуч, кога телефонот служи како клуч.

Тоа што ќе се почувствува дури во возење, и тоа брзо по поаѓање, секако е тивката и смирена работа на подвозјето. Претходната генерација немаше проблеми да ги вози своите патници удобно и достојно, но инженерите ете се погрижиле за тоа чувство да го поддотераат уште малку. Промени се случија во задната оска, но и напред, со додавање хидраулични граничници за помеко прифаќање на груби нерамнини. И со „валците“ на тест возилото, Ексид пак амортизира примерно.

Други компактни кросовери во времето пред и со Ексид

  • Ауди Ку 3 Спортбек (2019)
  • Рејнџ Ровер Евок (2011)
  • Лексус У Икс (2021)
  • Мазда Ц Икс 30 (2019)
  • Мерцедес-Бенц ГЛА (2014)
  • Мицубиши Еклипс Крос (2017)
  • Нисан Кашкај 2 (2014)
  • Рено Аркана (2021)
  • Субару Крострек Икс В (2012)
  • Тојота Ц ХР (2016)
  • Фолксваген Т-Рок (2017)

Сите впечатоци, забелешки и искуства од тестот може да го погледнете во видеото на нашиот канал на Јутјуб

Погледнете го целото видео од тестот на Киа Ексид 1.6 Референс

Репортажата со Киа Ексид во областите Копачка (Кичевско) и Железник (Демир Хисар)

Патувањето со Киа Ексид во една област што многумина или имаат заборавено кога последен пат ја посетиле или воопшто не ја посетиле, го прикажува вистинскиот карактер на кросоверот. Тој од една страна нуди слобода за истражување, без оглед на видот на патот (секако со резерва, не е теренец) или квалитетот на патот, а од друга страна е отмен превоз, со елегантниот изглед и со удобноста во патување.

Претходна објаваРено ќе вложи 10 милијарди евра за да произведува евтини електрични автомобили во Франција
Следна објаваЛипмотор ги објави цените на Б03 Икс, струјата е сé поевтина

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here