
На Донгфенг му успеа уште едно големо изненадување на тукашната сцена, откако го пушти во продажба Мејџ, спортски кросовер што прикажа динамичен изглед, но на тестот се покажа дека и го заслужува тој изглед, со спортските возни својства. Во време кога и на македонската сцена сé погласно се зборува за хибриди и електрични возила, и за скапи горива, Донгфенг доаѓа со изведба на Мејџ со приклучен хибриден погон и досег од околу 80 километри на струја.
Веќе кон завршетокот на месецов или рано во следниот месец, во салоните на Донгфенг доаѓа следниот важен новитет. Мејџ, модел чиешто појавување на сцената секако дека беше забележано, а потоа и соодветно реализирано во пристојен број на продадени возила, ќе додаде уште еден квалитет.
Мејџ ПХЕВ е новата изведба во понудата од модели, и како што веќе сите препознаваат во оваа стандардна ознака што стои за Плагин-Хибрид-Електрично-Возило, станува збор за хибриден автомобил што поседува можност за надворешно полнење на батеријата.
За разлика од обичните хибриди, Мејџ ПХЕВ поседува значително поголема батерија, во случајов од 17 киловатчасови, со којашто може да се постигне досег до 81 километри според ВЛТП, доколку се вози во чисто електричен режим.

Системска моќност од 220 КС
Погонската спрега ја сочинуваат познатиот 1,5-литарски турбо бензинец од генерацијата Мах Пауер, којшто се одликува со висока штедливост и мирна работа, и електромотор со моќност од 88 киловати, односно 120 КС. За разлика од класичниот бензински Мејџ, тука моќноста на моторот е значително спуштена, на 82 киловати / 111 КС, но тоа е направено со цел да се постигне исклучителна штедливост. Вртежниот момент само на бензинецот достигнува 205 њутнметри.

Донгфенг наведува досег од 1.200 километри во комбинирана работа
Како што напоменува Донгфенг, тоа е посебна изведба на моторот од класичниот Мејџ што е приспособена за приклучен хибриден погон, односно моторот работи во милеров циклус, со задоцнето затворање на вшмукувачките вентили, како принцип што веќе на големо се користи во браншата, со цел да се спушти потрошувачката на најниска можна мера.
Како резултат од тоа се постигнува ефикасност од 45,18 проценти, вредна за почит меѓу познавачите и инженерите. Доколку не се наполни батеријата и се вози во класичен хибриден режим, Донгфенг Мејџ ПХЕВ троши во просек 5,3 литри бензин на сто километри.
Посебноста во приклучниот хибриден погон на Мејџ ПХЕВ сепак е во првиот менувач во браншата, што се води како „4-степен + 2Е ЦВТ“. Истиот е развиен со цел да се избегне завивањето при посилно забрзување, коешто е одлика на пример на хибридите на Тојота, односно постигнува мазно префрлување од еден во друг режим на возење, а во исто време подржува и спортско возење.

Различен изглед во споредба со стандардниот Донгфенг Мејџ
Новата погонска изведба на Донгфенг Мејџ, којашто ќе се нуди заедно со досегашната верзија со 200-на КС, се разликува и во изгледот. Наспроти ракошниот нос на неелектрифицираниот Мејџ, овој има мазни површини и повеќе е затворен, со цел да се постигне уште подобра аеродинамичност.
Додека кај Донгфенг Мејџ динамиката доаѓа од изгледот на маската, тука презема предната светлосна група, со дневни светла долу, што кинескиот производител ги нарекува „очници на тигар“ и работни светла со 144 диоди. Се разликува и изгледот на тркалата од 19 инчи, коишто исто така имаат форма што помалку го попречува стуењето на воздухот.
Вообичаено за Донгфенг Мејџ, и тука рачките на вратите се вовлечени и назад цврсто стои голем спојлер што личи како да е симнат од авион.

Бирачот на програми за возење е префрлен зад воланот
Опременоста вообичаено ќе биде уште аргумент што ќе ги убедува купувачите. Покрај електрично задвижувани седишта, панорамски покрив по цела површина, следат уште возачки екран од 10,25 инчи и средишен дисплеј од 14,6 инчи. Се наведува и поддршка за Епл Карплеј и Андроид Ауто.
Во системите за асистенција, уште постоечката изведба на Мејџ не остава празнини, но за потсетување: Предупредување при опасност од судир, самостојно запширање при пешак или велосипедист на пат, приспособлив темпомат, систем за следење лента и автоматско долго светло, а на тоа уште запирање кога при излегување наназад наидува возило попреку и предупредување при отворање врата, ако наидува друго возило, пешак или велосипедист.
Увозникот АБЦ Брадер ја најави и цената за моделот со приклучен хибриден погон од 31.900 евра, со што Донгфенг Мејџ ПХЕВ сосем сигурно е уште еден предизвик за конкуренцијата, а добра понуда за купувачите.














