
Кинеските производители продолжија со брзото освојување на пазарот, со продажба зголемена 111 проценти и со рекорден удел од 11,7 проценти од пазарот. Тоа дополително притиска врз традиционалните европски марки, што потешко преоѓаат на електричен погон.
Продажбата на батериски електрични возила (БЕВ) порасна на 245.120 возила, што на овој вид погон му донесе удел од 29 проценти на пазарот. Во истиот месец лани, нивниот удел изнесуваше 20 проценти.
Во август пораснаа и приклучните хибриди, со 13 проценти угоре и продадени 94.664 возила. Обичните хибриди исто така се движеа по нагорна линија, со 108.507 возила, за 8,4 проценти повеќе од лани.
Наспроти тоа, бензинците забележаа минус 14 проценти, а дизелите изгубија 20 проценти од ланскиот пазар.
Овие податоци го потврдуваат забрзаното префрлување на Европа, од мотори со внатрешно согорување кон електрични и хибридни возила, во време кога горивата се скапи и престојат уште построги закони за смалување на загаденоста.
Оваа транзиција произведе добитници и губитници. Кинеските марки и специјалистите за електрични возила го освојуваат пазарот, додека на традиционалните европски производители им се смалува заработката поради скапиот развој на електричните модели.
Кинеските марки постигнаа најголем раст во август, зголемувајќи ја продажбата за повеќе од половина, на 97.639 возила, на пазарите во ЕУ, ОК, Исланд, Норвешка и Швајцарија.
Најголем придонес кај Кинезите даде групацијата Чери, со раст од 210 проценти и продадени 24.332 возила, односно дури 16.486 повеќе возила во споредба со август лани.
Би Уај Ди исто така напредуваше, зголемувајќи ја продажбата 131 проценти, на 26.103 возила.
САИЦ, производителот на МГ, падна на третото место меѓу Кинезите, со зголемена продажба за 32 проценти и 21.132 возила. МГ беше водечка кинеска марка на пазарот во Европа, откако стартуваше тука во 2011 година, сé до годинава.
Меѓу најголемите европски производители на автомобили владее измешана слика. Групацијата Фолксваген остана на водечкото место и покрај падот од 3,5 проценти и продадени 210.376 возила. Матичната марка Фолксваген имаше пад од 3,8 проценти, додека Ауди отиде 11 проценти во минус. Шкода е светлата точка, со раст од 5,5 проценти, благодарејќи главно на побарувачката за електричните модели Елрок и Енијак.
Кај Стелантис нема промени, со благ пад од 0,7 проценти и 110.697 возила. Зголемената продажба кај Фиат, Ситроен и Опел, не надомести за послабите резултати на Пежо, Џип и Алфа Ромео.
Фиат Гранде Панда е меѓу главните носители на растот кај италијанската марка, а наспроти тоа е падот од 29 проценти кај Џип Авенџер.
Групацијата Рено се соочи со пад од 4,6 проценти, поради смалената побарувачка кај Дачиа, којашто сепак не успеаја да ја покријат новите електрични модели на Рено. Возилата како Рено 5 Е-Тек, Рено 4 Е-Тек и штотуку лансираниот Твинго Е-Тек, придонесоа матичната марка да постигне благ раст, но ослабна продажбата на главните модели на Дачиа.
Зголемената побарувачка за модел Уај придонесе за растот на Тесла од близу 10 проценти.
Премиум марките имаа различни судбини. Мерцедес-Бенц накачи со зголемената побарувачка за ГЛЦ и ЦЛА, има и раст од близу 1 процент кај Волво, додека БМВ е 1 процент во минус.
Од азиските производители, Тојота зголеми 2,6 проценти, на 60.880 возила, а Мазда имаше најголем раст меѓу традиционалните марки, со 39 проценти угоре. Хјундаи имаше силен пад, што на групацијата ѝ донесе пад од 8,7 проценти, и покрај зголемената продажба на сестринската марка Киа.
Од јануари до август се продадени 9.217.977 возила или за 5,6 проценти повеќе од првите осум месеци лани. Најголем раст донесоа електричните автомобили со 38 процент во плус и вкупно 2.135.675 возила, зголемувајќи го својот пазарен удел на 23 проценти, наспроти 18 проценти во истиот период лани.
Приклучните хибриди постигнаа раст од 22 проценти, со 966.998 возила, додекаобичните хибриди се 13 проценти во плус, со 1.268.199 возила.
Уделот на возила без електрифициран погон, односно обични бензинци и дизели, заедно се под 50 проценти, додека во истиот период лани имале 58 проценти од пазарот.
Липмотор Ц10 · На пат од 800 километри со електричен автомобил низ Македонија (Прв дел)














