Администрацијата на Трамп значително ги спушти стандардите за штедливост на автомобилите, ставајќи ѝ крај на политиката којашто ги пристискаше производителите на автомобили да ја смалат потрошувачката на гориво на своите возила и да ја поттикнат продажбата на батериски електрични автомобили.
Производителите сега се обврзани да испочитуваат потрошувачка од најмногу 34,9 милји со галон бензин, што одговара на 6,74 литри на сто километри, како просек од сите свои модели на патнички автомобили и доставни возила, што ќе ги продаваат од моделската година 2031 година натаму.
Тоа е драстично спуштање на стандардите за потрошувачка од најмногу 50 милји со галон бензин, коишто беа воведени во времето на претседателот Џо Бајден.
Со овој потег се остварува намерата на претседателот Доналд Трамп, да ја попушти државната политика што ги притискаше производителите на автомобили да ја подобрат штедливоста на своите автомобили, пикапи и комбиња со бензински мотори, и што го поттикнуваше преоѓањето на електрични авотмобили,
Трамп повеќепати ги напаѓаше тие стандарди, обвинувајќи дека со нив значително пораснаа цените на новите автомобили и нарекувајќи ја таа политика „смешно оптоварувачка“.
Министерот за транспорт Шон Дафи цени дека со оваа отстапка ќе поевтинат новите авотмобили. Уште пред САД да го нападнат Иран и да предизвикаат нагло поскапување на горивата, оспорувачите на притисокот од Трамп предупредија дека ослабувањето на стандардите за штедливост води кон тоа возачките и возачите да плаќаат повеќе за гориво.
Автомобилската и нафтената индустрија ценат дека овој потег претставува победа на нивните жалби дека претходните стандарди ја обесхрабрувале продажбата на традиционални мотори со внатрешно согорување, во корист на електричните модели што не испуштаат штетни материи. Производителите се жалеа дека построгите стандарди што ги воведе Бајден, биле премногу агресивни и биле насочени кон зголемена продажба на електрични автомобили, што пазарот не можел да ја следи.
Липмотор Ц10 · На пат од 800 километри со електричен автомобил низ Македонија (Прв дел)
















