Во фабриката во Раштат, зад Шварцвалд, ако се гледа од седиштето на Мерцедес-Бенц во Штутгарт, денес започна сериското производство на новата ГЛА. Први се на ред изведбите со целосно електричен погон. Уште пред да заврши годинава, ќе се придружат изведбите со 48-волтен благ хибриден погон, коишто се поважни за македонскиот пазар.
Тоа што ГЛА се произведува во Раштат е добра вест за задржувањето на продукцијата во Германија. Со новиот СУВ, Раштат ја засили својата улога како центар за моделите од компакт класата на Мерцедес-Бенц.
Фабриката на воздушна линија од одвај 70 километри од седиштето на Мерцедес-Бенц во Штутгарт, почна со работа во 1992 година и денес вработува околу 7.000 лица, со што е најголем работодавец во регионот.
Фабриката е осмислена за на иста лента да се произведуваат хибридни и елеткрични модели, со што меѓу другото може и побрзо да се одговори на промени во побарувачката на пазарите ширум светот.
Новата Мерцедес-Бенц ГЛА се произведува во халата за монтажа 4.0. Германскиот производител вложи ниска трицифрена милионска сума во пренамената на соседната хала 4.1, каде што од следната година ќе се пресели продукцијата на ГЛА.
Целото преселување е испланирано до детал уште сега, со примена на дигитална близначка, односно со симулација на одвивањето на производството во иднина. Тоа штеди време и пари. Принципот на дигитална близначка се користеше и при подготовката на самата хала 4.0,во 2023 година.

Оперативниот систем на Мерцедес-Бенц се вчитува од облак во производството на ГЛА
МБ.ОС се вчитува во секое возило директно од податочен облак, место за тоа да се користат различни хардверски модули.
Деловите за вградување во ГЛА во Раштат пристигаат од фабриките во Унтертиркхајм (Штутгарт), Каменџ и Купенхајм. Од првата фабрика доаѓаат електричните погонски оски за новата ГЛА, како модули што се составени од електромотор, енергетска електроника и преносник. Батериите се испраќаат од саксонски Каменц, каде што работи огранокот Акумотив. Мерцедес-Бенц веќе 13 години самостојно произведува батерии.
Од фабриката Купенхајм што е оддалечена десетина километри, од 2009 година се испорачуваат делови за каросеријата. Од почетокот на годинава, Купенхајм практично стана дел од Раштат.
















