
Додека кинеските производители се во потрага по локации за производство во Европа, пред да стапат на сила новите закони на ЕУ за локално потекло, советникот на БИД за Европа вели дека на аеродромите постојано среќава директори од своите соперници, коишто се на истата мисија.
Нивната задача е да најдат фабрики за монтажа на автомобили, што на кинеските производители ќе им овозможат многу побрзо да започнат со производство, отколку од темел да градат нбови фабрики, изјави Алфредо Алтавила за Ројтерс.
Шпанија и Франција и натаму се „најприменливи“ опции за БИД, најголем производител на автомобили во Кина, затоа што ситуацијата кај нив е „многу поедноставна“, вели Алтавила. Главното прашање е колку средства ќе треба да се потрошат за да се приспособат избраните локации.
„Мораме сега да најдеме нешто за купување и да го подготвиме со релативно малку пари… брзо“, изјави Алтавила при отворањето на ново дилерство за Денза, премиум марката на БИД, во Торино, Италија.
„Постојано посетувам фабрики ширум Европа,“ кажа тој, додавајќи дека веднаш по настанот треба да фати доцен лет „за Англија, да разгледам друга фабрика.“
„Располагаме со мошне голем тим, што постојано врши студии за изводливост засите објекти што ги разгледуваме,“ напоменува советникот, признавајќи дека и соперниците работат на истата задача. „Сите постојано се судираме на аеродромите,“ вели Алтавила.
Кинеските производители веќе склучија неколку договори за преземање на неискористените производствени капацитети во европските фабнрики, што се во сопственост на традиционалните производители на автомобили. Таков пример се Липмотор и Донгфенг со Стелантис, во Шпанија и во Франција, како и Џили и Форд во Шпанија. Чери се здружи со локален партнер за да ја преземе фабриката на Нисан во Шпанија.
Тие сега вложуваат посилни напори за да воспостават производствена мрежа во ЕУ, додека Брисел работи на закони „Произведено во Европа“, со коишто ќе се пропише дека електричните автомобили мора да поседуваат одреден најмал удел на делови што се произведени во Унијата.
Различно од кинеските соперници, БИД сака да купи, целосно да поседува и да обнови постоечка фабрика, со цел да забрза до почетокот на локалното производство.
БИД во моментов се во почетна фаза на производство во својата прва фабрика за автомобили во Европа, во Унгарија, а до завршетокот на годинава ќе се донесе одлука за локацијата на втората фабрика, најави Алтавила.
Во подалечна иднина, БИД евентуално ќе има потреба од „три фабрики за монтажа и една фабрика за батерии“ во Европа, за да може да ги оствари своите амбиции за раст и да ги исполни барањата на ЕУ.
Освен Шпанија и Франција, БИД разгледува и други земји, открива Алтавила. Италија, сепак, стана „План Б“, затоа што Стелантис, единствениот голем производител на автомобили во земјата, нема намера да продаде фабрика, напоменува Алтавила.
„Не можам да купам нешто што не се продава“, заклучува советникот на БИД.















