Волво планира 13 нови модели до 2030, дел за западните пазари, дел за Кина

Волво Карс ќе пушти 13 нови модели до 2030 година, од кои седум за западните пазари и шест наменети посебно за Кина.

Волво Икс Ц 60 доаѓа со сменет изглед и со нови приклучни хибриди; До 2030 година доаѓаат седум новитети во Европа и САД

Во најголемата моделска офанзива во својата 99-годишна историја, Волво ќе пушти на пазарот 13 нови модели до 2030 година. Посебно се развиваат модели за западните пазари, а посебно за Кина, во услови кога царините, технолошките стандарди и различните барања на купувачите условуваат различен пристап при развојот на автомобилите.

Тоа е различно од вообичаениот пристап во браншата, за автомобилите да се развиваат за целиот светски пазар. Место да се работи на понуда од модели што е скроена за сите поголеми пазари, Волво посебно ќе развие седум модели за Европа и САД, и шест возила посебно за Кина. За нив ќе се користат различни платформи, софтвер и технолошки партнерства.

Геополитичката затегнатост и различните барања на купувачите од еден до друг регион, го менуваат пристапот во развојот на автомобилите. Регионализацијата ќе биде клучна за растот на продажбата на Волво.

Извршниот директор Хакан Самуелсон вели дека производителите на автомобили мора да ја направат таа промена што ќе остане трајно.

„Во минатото, во некои случаи функционираше со една фабрика што го произведува истиот модел за светскиот пазар, но тоа денес не е случај,“ соопшти Самуелсон при објавувањето на новата стратегија на Волво на 17-ти септември.

Волво ќе користи сопствена техника во Европа и САД

За западните пазари, Волво ќе се потпира на технологијата што веќе ја поседува и владее. Седумте нови модели за Европа и Северна Америка ќе се конструираат врз тековната платформа СПА2 и врз нејзината наследничка СПА3. Срце на технологијата е компјутерската платформа Хагин Кор. Софтверски дефинираните возила ќе поседуваат електричен погон или хибриден погон од третата генерација.

Со оваа стратегија, Волво ќе ги подели трошоците за развој на повеќе модели, додека во исто време ќе постигне поголема добивка од инвестициите што веќе се направени во платформи, софтвер и производство. Директорите напоменуваат дека инвестициите во технологија и производство за идните возила за западните пазари ќе бидат пониски во споредба со постоечките модели.

Волво ќе продолжи да нуди електрични модели и до завршетокот на деценијата ќе ја лансира третата генерација на своите приклучни хибриди. Втората генерација на ПХЕВ штотуку стартува со новите Икс Ц 60 и Икс Ц 90.

Со проширувањето на изборот на погони, Волво очекува да привлече купувачи што уште не се подготвени да се откажат целосно од мотори со внатрешно согорување.

Џили ќе му помага на Волво во Кина

За Кина ќе се применува друга стратегија.

Шесте нови модели за Кина ќе се развиваат преку продлабочување на соработката со матичната компанија Џили. За тие возила ќе се користи платформата ЕЕА на Џили, посебен софтвер и заедничка мрежа од добавувачи со Џили.

Со овој пристап, Волво ќе стане поконкурентен на најголемиот пазар за возила во светот, каде што домашните производители го засилија притисокот врз странските марки, преку брз развој на модели и агресивна ценовна политика.

Место своите модели за светскиот пазар да ги приспособува за Кина, Волво ќе создава автомобили што посебно се скроени за тамошните барања и вкусови, како и за дигиталните екосистеми.

Волво ги отвора фабриките за производство по налог

Долгорочна цел на Волво е маржата да надмине 8 проценти, наспроти 1,6 процент во првото полугодие.

Тоа ќе се постигне главно преку користење исти компоненти. До 2030, Волво очекува околу 30 проценти од деловите во возилата да бидат заеднички со Џили. Во моментов се околу 10 проценти. Ќе се заштедат и 5 проценти во заедничката набавка на суровини.

За производството да стане поефикасно, Волво ќе го смали бројот на фабрики во коишто произведува исклучиво модели на Волво, од сегашните седум на пет фабрики. Погоните во Гент (Белгија) и во Ченгду (Кина) ќе бидат отворени за производство по налог.

За да се поедностави производството, во фабриките ќе се произведуваат само модели со една платформа. Исклучок е Гент, каде што ќе се работи со две платформи.

Волво ги реорганизира фабриките:

  • Торсланда, Шведска: Модели од средна класа
  • Гент, Белгија: Модели од компакт и средна класа
  • Кошице, Словачка: Модели од средна класа
  • Чарлстон, САД: Модели од виша класа
  • Таижу, Кина: Модели од средна класа
  • Дакинг, Кина: Модели од виша класа
  • Ченгду, Кина: Модели од средна класа

Томас Ингенлат, кој во февруари се врати во компанијата на место на главен дизајнер, најави дека во следната пролет, на одбележувањето на 100-годишнината, шведската компанија ќе прикаже концептен автомобил што ќе го најави изгледот на следната генерација модели на Волво.

Ингенлат не откри детали околу 13-те нови модлеи до 2030, но напомена дека компанијата ќе воведе модел поголем од Икс Ц 90, наменет главно за САД, но со можност тој да се нуди и во Европа.

 

Претходна објаваКинески авто-производители во трка да купат европски фабрики пред новите закони

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here