
Возилата што користат погон на водород имаат беспрекорно чиста емисија и на сто километри испуштаат околу литар чиста вода, полнењето трае исто колку бензинците и дизелите, досегот е во ред. Секако има и сериозни пречки: Прашање е производството на водород што бара многу енергија, исто како што е прашање и мрежата од станици за точење водород. Голем проблем се резервоарите.
Покрај овие големи предизвици, ретко се спомнува третата пречка, а тоа е трајноста на резервоарите во коишто водородот се чува под притисок од 700 бари. За претстава колкав е тој притисок, замислете дека тежина од нешто повеќе од 700 килограми, притиска врз површина од 1 сантиметар квадратен.
Овие резервоари обично се изработуваат од карбопластика, односно полимер зајакнат со карбонски влакна. За нив се пропишува точно одредено време на користење, коешто производителот го декларира. По истекот на тој рок, резервоарот повеќе не смее да биде во оптек. Доколку сопственикот има намера да продолжи да го користи возилото, мора да ги замени резервоарите за водород. Без тоа, нема регистрација.
Во возилата обично се вградуваат два или три резервоари. Еден чини околу 10.000 евра. На тоа треба да се додаде и работна рака. Се работи за постапка што трае неколку денови. Така лесно се доаѓа до сума од околу 35.000 евра, што далеку ја надминува вредноста на возилото по 15 години.
На големите онлајн берзи за користени автомобили може да се најдат користени возила со погон на водород. Единаесет години стар Хјундаи и икс 35, со 70.000 поминати километри, на мобиле.де чини 4.390 евра. Но, од претходно наведеното, јасна е причината за таа цена. Секако, клучен услов е сопственикот да живее во земја каде што постојат станици за точење водород.
Зошто резервоарот за водород мора да се замени безусловно
Резервоарите за водород од карбопластика стареат. За да добијат сертификат, производителите мора да докажат дека материјалот, внатрешната обвивка, компонентите, ќе издржат одреден број години. За разлика од останатите компоненти, за коишто се пропишува одреден период на контрола и продолжување со експлоатација, производителот на возилото тука точно пропишува колку години смеат да се користат резервоарите.
Повеќе модели со погон на водород се пуштени во редовна продажба или во експериментална примена во ограничен круг на корисници:
- Тојота Мираи, две генерации
- Хјундаи и икс 35, Нексо
- Мерцедес ГЛЦ Ф-Сел
- Хонда Кларити Фјул Сел
- БМВ и Икс 5 Хидроген
БМВ стартува со водородна и Икс 5 во 2028 година
Баварците долги години експериментираа со погонот на водород, а во 2028 година и кај нив ќе стане реалност – и Икс 5 што точи водород како погонско гориво. Во меѓувреме и законските норми се сменија, така што водородниот БМВ ќе може да вози со оригиналните резервоари 25 години.

Резервоарите за автогас или метан исто така имаат рок на експлоатација
Возилата со многу позастапениот автогас или метан во споредба со водородот, исто така имаат резервоари за коишто е предвиден рок на користење, но нивната поправка или замена чини далеку помалку. Пресуден факт е тоа што постои широка афтермаркет-мрежа, што овозможува смалување на трошоците.
Водородот има бројни специфики поради коишто мора да постапува крајно внимателно. Проблемот е во тоа што не постои постапка за проверка на исправноста на резервоарите за водород. Во индустријата секако се користат такви постапки, но за возила во приватна сопственост, тоа е прескапо. И самите производители мора да се заштитат, а го прават тоа преку поставувањето строги рокови за експлоатација.
Избор од содржините на Аутомедиа МК
- БМВ откажува моделски серии, несигурна иднината на Серија 8, Икс М, и4
- Шведска си го поддотера Волвото, малку шминка, повеќе безбедност
- Пежо 3008 · Тест · Колку е штедлив 1,6-литарскиот бензинец?
- Коментар: Колите ги избркаа луѓето од градот
- БМВ и Икс 3 во Кина се продава 30.000 евра поевтино во споредба со Европа
- Опел Фронтера во подостапна изведба, со рачен менувач и основна опрема















