Ситроен Ц4 Икс доаѓа со целосно нов изглед на предните светла и со зафати што го повторуваат тој стил по целата предница. Причината за таа промена е јасна кога ќе се погледнат носовите на новите генерации на Ц3, Ц3 Еркрос и Ц5 Екрос, покрај свежо пристигнатата лимузина-кросовер во салонот на Автонова. Вистинската привлечност на Ситроен Ц4 Икс сепак лежи во страничната силуета.
Мириса на ново во салонот на Ситроен. Најстар модел е кросоверот Ц5 Икс, којшто првпат се појави на автомобилската сцена во 2022 година. Сите останати модели имале премиера од 2024 наваму. Ситроен Ц4 во новото моделско годиште неодамна беше на тест-возење во Аутомедиа и уште еднаш увери дека е меѓу најоригиналните модели во компакт класата. Првото возење на новото моделско годиште беше во Шпанија, на завршетокот на јануари лани.
Французите при развојот на Ц4 се раководеа според големата легенда на Ситроен од 1970-те години, моделот ГС. Исто како што малечкиот брат на ДС и Ц Икс можеше со хидропневматика да се подигне од земја, така и Ц4 уште од фабрика доаѓа со екстра растојание од подлогата. Кросовер како по книга.
Ц4 Икс буквално ја развлекува идејата од Ц4 и додава огромен багажен простор, како најважен критериум за избор на македонските возачки и возачи. Меѓутоа, за разлика од последниот бран лимузини од компакт класата, кај коишто опашот изгледаше како да е закачен отпосле, Иксов изведува силуета што повеќе движи кон купе, отколку кон лимузина, и тоа создава голема привлечност. Кога ќе се додаде и зголеменото растојание од подлогата, делотворните заштитни облоги во долните делови од каросеријата, па уште и двете хромирани издувни цевки назад, тоа веќе е неодоливо.
Зафатите назад одвај се препознаваат, меѓутоа и немаше причина за нешто да се менува. Други новини што дојдоа со фејслифтот се тркалата од 18 инчи со нов дизајн и двете нови каросериски бои, менхетен зелена и еклипса сина.
Во внатрешноста се поосетни промените, затоа што Ситроен Адвансд Комфорт седиштата добија 15 милимиметри подебела облога, за чувство како во фотелја. Пред возачот работи екран од 7 место од пет инчи, со нова графика, а посуштинска е промената во средишниот дисплеј од 10 инчи, со унапредена врска преку Епл Карплеј или Андроид Ауто. Меѓу достапните системи за асистенција сега има приспособлив темпомат, предупредување за возило во мртов агол и камера во 360 степени.

Гамата на Ситроен Ц4 Икс на македонскиот пазар почнува со изведбата со 1,2-литарец („со ланче“) со 130 КС и класичен и мазен 8-степен автоматски менувач, со цена од 25.990 евра, со ниво на опременост Плус. Тоа е второто ниво кај Иксот. Првото ниво Ју е достапно само со благ хибрид со 145 системски КС, што е 1.000 евра поскап од класичниот бензинец со 130 КС, којшто сепак има повеќе опрема.
View this post on Instagram
Хибридниот модел со второто ниво на опременост Плус чини 27.990 евра. За разликата од 1.000 евра во споредба со Ју, се добиваат тркала од 18 место од 16 инчи (челични), лакирани рачки, слабинско местење кај возачко седиште и греење на предните седишта, седишта со нагласен комфор, самостојно собирање на ретровизори и задна камера.

Двете погонски варијанти се достапни и во третото ниво Макс, каде што сериски е вграден приспособлив темпомат, автоматско долго светло, ЛЕД светла со понапредна функција, затемнети задни стакла, тркала од лесен метал, самозатемнувачки внатрешен ретровизор, седишта со комбинација од еко-кожа и штоф, заедно со потпирач за лакти назад и отвор за скии, приспособлив багажен под, масичка што се извлекува пред совозачкото седиште и пристап и старт без клуч.
На тоа следат уште навигација, предни паркинг сензори, инструменти во боја и предупредување за возило во мртов агол. Цената за бензинецот во врвното ниво е 28.490, за хибридот 30.490 евра. Сите наведени цени вклучуваат 1.500 евра промотивен попуст.
Од дополнтелна опрема може да се избере навигација (630 евра) и пакет со греени прскалки за ветробран и ЛЕД-магленки (470 евра) кај Плус. Бензинецот со овој пакет и ниво Макс, дополнително поседува и греење на волан. Друга опција кај Плус се тркала од лесен метал од 17 инчи, за 300 евра, и покрив во црна боја за 350 евра.
Во врвното ниво Макс може да се доплати за пакет што содржи систем за задржување во лента, безжичен полнач, камера со приказ озгора, проекциски дисплеј (750 евра), панорамски покрив (1.100 евра) и седишта обложени со алкантара (1.100 евра)
Единствени лимузини од компакт класа што се во понуда на производителите на автомобили, покрај Ситроен 4 Икс, се Ауди А3, Мазда 3, електрична Киа ЕВ4 и новата генерација на Мерцедес-Бенц ЦЛА. Главно, премиум.
















