
Кај фејслифтот обично е недостаток што се познава дека е фејслифт. Новото годиште на Ситроен Ц4 изгледа како моделот штотуку да се појавил во нова генерација и тоа е веројатно најприродниот фејслифт во историјата.
Ситроен Ц4 е вториот најпродаван модел на француската марка во минатата година, по Ц3, и воедно единствен модел од патничката програма што имаше раст, додека целиот европски пазар малку подзапре. Тоа е знак дека сцената уште не се заморила од Ц4, во неговото трето колено. На секои шест продадени Ц4 доаѓа по еден Ц4 Икс. Тоа е нераздвоен пар, исто и на презентацијата во Сиџес, Шпанија.
Фејслифтот не беше неопходен, но нештата ги забрза новата генерација на Ц3 и Ц3 Еркрос (заедничка презенација со Ц4/Ц4 Икс), со коишто Ситроен го почнува следниот круг на менувања на нештата од корен, почнувајќи од логото напред, па натаму. Тоа што сега се смени во изгледот на Ц4 е примена на новиот дизајнерски говор од Ц3/Ц3 Еркрос. Четворката на Ситроен треба воедно да се вклопи и во сликата на моделското семејство што подоцна годинава ќе се заокружи со новата генерација на Ц5 Еркрос.
Најдоброто е во тоа новиот изглед на Ц4 и Ц4 Икс е дело на човекот што е најповикан да ги менува нештата во нивниот изглед, а тоа е Силвен Анри, дизајнерот на двата автомобили какви што ги познававме досега. Покрај тоа, Анри е дизајнер и на фејслифтот на Ц5 Еркрос, на сегашниот Ц3 Еркрос и на фејслифтот на претходничката, а пред тоа и на Пежо 508 СВ и на бројни студии на сестринската марка во концернот Стелантис. На следниот Ц5 Еркрос, исто така.

Новиот изглед на светлата на Ц4 и Ц4 Икс сугерира на намера да се поедностави дизајнот, но реално се работи за многу посложена и поотмена шема
Наспроти моделот од 2020 година, со две линии што се развлекуваат од знакот на марката и завршуваат во две издвоени светлосни целини, сега дизајнот има многу посложена шема и главното е во тоа што посредува отменост. Ц4 и Ц4 Икс со новиот изглед како да кажуваат, нашата марка е горда што нé има во својата гама.
Клучните зафати во новата варијанта на Ц4 на Силвен Анри се во опашот. Прво се стекнува впечаток дека новата појава се должи на сменетата графика на светлата и на натписот на името на марката на црниот сјаен појас меѓу светлата, меѓутоа како што Анри лично објасни на презентацијата во Сиџес, формата на светлата е целосно сменета. Краевите на светлата се извлечени пошироко и ја продолжуваат линијата што им дава моќност на задните крила. Тоа значително го проширува опашот и прави Ц4 да изгледа дека гази цврсто на земја.
Новите светла пак ја задржуваат препознатливоста на Ц4/Ц4 Икс во ноќната слика, со тоа што сега се распознаваат две паралелни линии една врз друга, една благо закосена горе и трепкачи долу. Сите светлосни елементи користат диодна техника. Не е само до изгледот, туку и до функцијата. Вертикалните завршетоци на светлата обезбедуваат поправилно насочување на воздухот. Уште еден нов елемент е стилизираната заштита на подвозјето долу, во темно сива (кај Ју и Плус), односно мат сребрена боја (кај Макс), што ја нагласува прецизноста во изгледот.

Без промени во формата на металот, новите Ц4 и Ц4 Икс личат како да се од сосем нова генерација
Аеродинамичноста важи и за новиот дизајн на тркалата од 18 инчи, што се води како Амбер. Меѓу основните краци се вметнати пополнувања од вештачки материјал, заради постигнување аеродинамичност, пониска цена, но пониска тежина. Во истата насока се сменети и страничните прагови, што визуелно ја продолжуваат силуетата. Исто како кај Ц3 и Ц3 Еркрос, во нив се поставени мали додатоци во контрастна боја.
Две бои се нови во палетата: Менхетен зелена и меркур сива. Уште претходно беше додадена Еклипс сината боја, покрај, црвена, бела и црна со бисерен ефект. Останува и изборот на двобојна комбинација, со црн покрив.
Седиштата Адвансд Комфор се редизајнирани и тоа можеше да се почувствува по кривулестите планински патишта над Сиџес. Облогата што го обезбедува комфорното седење сега е 15 милиметри подебела, додека за обезбедување на страничната поддршка се корситат материјали со различна цврстина и структура.
Галерија · Ситроен Ц4 Хибрид 136 Макс
Со новите седишта се постигнува чувство блиско до знаменосецот Ц5 Икс
Комфорот секако останува главно обележје во возењето, а заслугата за тоа е во познатата амортизација Адвансд Комфор, чијашто работа се приспособува според грубоста на нерамнината и брзината на возење, со цел да се обезбеди познатото Ситроен-чувство на летечки тепих.
Дисплејот за возачот е сменет, со пречник од 7 инчи, со повисока резолуција и графика што повеќе се совпаѓа со средишниот дислчеј од 10 инчи. Уште една новина е тоа што во дисплејот за возачот сега се прикажуваат и упатувањата од навигацијата.
Средишниот дисплеј е збогатен со функцијата на виџети, како и со гласовни команди што реагираат на „Хелоу Ситроен“. Секако не отсуствува и Чет ГПТ, којшто е дел од пакетот Конект Плус и нуди интелигентна интеракција со функциите на возилото. Проекциски дисплеј во боја е уште една важна новина.
Конективноста и дигитализацијата се обработени теми во моделското освежување на компактните Ситроени, но има новини и во системите за асистенција, коишто се вкупно 20 на број.

Околу 40% од компонентите на 1,2-литарецот кај хибридниот модел се разликуваат од изведбата на моторот без електрификација
На тест возењето во Шпанија стоеја на располагање благ хибриден и целосно електричен Ц4 и Ц4 Икс. Кај првиот, станува збор за 48-волтна блага хибридна техника, со електромотор од 28 КС што е вграден во менувачот со двојна спојка и овозможува голема заштеда при возење во град. Според Ситроен, до 50 проценти од патот при градски метеж ќе се минат чисто на струја. Тоа што исто така е допадливо кај Ц4/Ц4 Икс со 48-волтен благ хибрид, со 100, односно 136 КС, е нечујното и неосетно стартување на моторот, затоа што напред работи дополнителен стартер што преку ремен го стартува моторот.
Електричната опција нуди моќност од 136 или 156 КС. Во посилната верзија, се вградува и батерија од 55 кВл, што нуди досег до 415 километри (е-Ц4), односно до 425 километри за е-Ц4 Икс. Послабата, но и подостапна изведба, доаѓа со батерија од 50 кВч, со досег до 355/360 километри. Можноста за користење брзи полначи дозволува полнење со моќност до 100 кВ, при што наполнетост од 80% се постигнува за помалку од 30 минути.
Третата и најдостапна погонска варијанта е класичен 1,2-литарец со турбонатполнење и 130 КС, со 8-степен класичен автоматски менувач.
Галерија · Ситроен е-Ц4 Икс Макс
Адаптер ќе овозможи на е-Ц4 и е-Ц4 Икс да се приклучи ладилник, радио, да се наполни тротинет
Од втората половина на годинава, Ситроен ќе понуди и технологија В 2 Икс, односно можност потрошувачи на струја буквално да се приклучат на Ц4 и од неговата батерија да црпат струја. За да се користи оваа функција, единствено треба да се нарача адаптер од понудата на прибор на Ситроен.
Во таа средина во којашто секој вози за себе и сите возат заедно, место да се престигнуваат или присилуваат, Ситроен Ц4 и уникатниот Ц4 Икс се покажаа како возила од марка што сака да им угоди на своите корисници, на француски начин. А, тоа значи, комфорни седишта, комфорна амортизација, просторна кабина, најразлични видови погон, разумно ниво на технолошки напредок.
Ситроен Ц4 и Ц4 Икс се на пат да станат безвременски класичари на коишто нема да им заврши времето откако ќе престане производството

Ц4 и нераздвојниот Ц4 Икс и по фејслифтот ќе го задржат духот на класичари во понудата на Ситроен, како едни од ретките модели во компакт класата, што долго ја задржуваат свежината и не ѝ здосадуваат на сцената. Ситроен е меѓу марките што во овие времиња на електрификација, дигитализација и автоматизација се променија најмногу, а пак е поблиску до моделите од времето на Андре Ситроен, од кога било досега. Со секој нов модел, францускава марка само придобива нови симпатии. Тоа прави со нетрпение да се очекува што следно ќе се понуди. А, тоа веќе е на пат: Ситроен Ц5 Еркрос, со простор за уште поголема Ситроен-слобода.















