БИД ќе гради фабрики во Европа, најавува приклучни хибриди и премиум марки

БИД Силајон 7 беше прикажан пред публиката на салонот во Париз во октомври лани

Најголемиот производител на автомобили во Кина, БИД, има амбиција да стане главен играч во Европа, со две нови фабрики што стартуваат в година, со продукција од 500.000 возила.

Плановите на БИД за Европа се мошне храбри, но нема да биде лесно тие планови да се спроведат успешно.

Во 2024 година, четири години откако БИД почна со продажба во Европа, кинескиот производител продаде малку под 50.000 возила во ЕУ, во Обединетото Кралство и во ЕФТА (Норвешка, Швајцарија, Исланд). Во споредба со претходната година, со 18.000 возила, продажбата порасна близу трипати.

БИД е на 31-то место според продажбата и уште заостанува зад најуспешниот кинески производител на автомобили, САИЦ со својата марка МГ, со заостаток од преку 190.000 возила. МГ лани продаде 243.390 возила во Европа и се најде на 20-то место.

Плановите на БИД за овие состојби да се сменат предвидуваат нагласок на најпродаваниот сегмент возила во Европа, на малечките СУВ-модели, каде што го има Ато 2.

Кинезите го откажаа претходниот план да продаваат само ЕВ во Европа и додадоа приклучни хибриди. Со тоа целат повеќе кон пазарите на југот и на истокот на Европа, каде што купувачите се резервирани кон целосно електричните автомобили, меѓутоа може да се одоброволат да изберат електрифициран модел со приклучен хибриден погон.

БИД во Европа ќе донесе две премиум марки: Денза, којашто цели кон германските премиум марки и треба да почне со продажба годинава, за во 2026 да следи Јангванг, луксузна марка со големи СУВ, како конкуренција за Ланд Ровер и Мерцедес-Бенц, а има и спортски модели во понудата.

Задачата да ги спроведе овие амбициозни планови на европскиот пазар, каде што владее жестока конкуренција, ќе ѝ припадне на Стела Ли, извршна потпретседателка, надлежна за Европа и Северна Америка. Вториот човек со таа задача е Алфредо Алтавила, поранешен висок менаџер од Фиат Крајслер Аутомобилс, кој во септември беше назначен за специјален советник за Европа.

Најпродаван модел на БИД лани на европскиот пазар беше компактниот електричен СУВ-модел Ато 3 (13.727 возила), пред големиот СУВ-модел Сил Ју (11.721), понуден со електричен и со приклучен хибриден погон, и пред електричната компактна комбилимузина Долфин (11.452).

БИД сепак има клучна зависност од кинескиот пазар. Продажбата порасна за 41 проценти, на 4,27 милиони возила, што прави тоа да е трета најпродавана марка во светот, по Тојота и Фолксваген. Од вкупната продажба, на извоз отпаѓаат 417.000 возила, вклучувајќи ја Европа. БИД сега се шести најголем автомобилски концерн во светот.

БИД Долфин со производството во Европа ќе биде ослободен од царини за ЕВ што се увезуваат од Кина во ЕУ

Долфин и Ато 3 ќе бидат првите модели на БИД од фабриките во Европа

Првата фабрика на БИД во Европа, во Сегедин, Унгарија, почнува со производство во октомври. Втората се наоѓа во Измир, Турција, со предвиден почеток на производство во март 2026 година. Двете фабрики заедно ќе располагаат со капацитет за производство на 500.000 возила годишно

Во интервју за германскиот магазин Капитал во декември, Ли кажа дека првите два модели што ќе се произведуваат во Унгарија се Долфин и Ато 3.

Малечкиот кросовер Ато 2 и градското мини Сигал веројатно ќе бидат следните модели од Европа, изјави Ли за магазинот.

БИД Сил Ју СУВ е првиот модел со приклучен хибриден погон што кинескиот производител го понуди во Европа

Брзо приспособување на промените на пазарот во Европа

БИД брзо реагираше на промените што се случија на европскиот пазар, каде што лани се намали продажбата на електрични автомобили.

Планот на кинескиот производител е од секој нов модел да понуди изведба со приклучен хибриден погон, по шест месеци од пуштањето во продажба на моделот со целосно електричен погон.

Прв модел со приклучен хибриден погон во Европа беше СУВ-моделот од средната класа Сил Ју, во февруари 2024 година. Моделот располага со 1,5-литарски бензинец и две варијанти на електромотор, со системска моќност од 218, односно 324 КС. При погон на струја, досегот изнесува 70 километри.

Малечкиот електричен кросовер Ато 2, што стартува со продажба во април, ќе добие изведба со приклучен хибриден погон кон завршетокот на годината.

Денза З9 ГТ е осмислен како конкурент на Порше Тајкан и Панамера

БИД преоѓа и во премиум сегментот, со марките Денза и Јангванг

БИД ќе ја прошири својата понуда во Европа, почнувајќи со продажбата на премиум марката Денза налето и со марката луксузни СУВ-возила Јангванг, в година напролет.

БИД веќе ги има прикажано моделите на Денза и Јангванг во Европа. Електричниот миниван со 7 седишта Д9 имаше премиера на ИАА во Минхен во септември 2023.

Марката Јангванг ја имаше својата европска премиера на салонот во Женева лани, со големиот СУВ-модел У8. Со должина од 5,32 метри, У8 има слична големина со најдолгата изведба на Рејнџ Ровер Дефендер, со седумседот 130, долг 5,36 метри.

Денза е создадена како заеднички проект на БИД и Мерцедес-Бенц во 2010 година. Мерцедес-Бенц во моментов поседува 10 проценти.

Според објавите во неколку медиуми, Денза во Европа ќе ја понуди и спортската лимузина З9 ГТ, како конкурентка на Порше и БМВ.

З9 ГТ се произведува во електрична и приклучна хибридна изведба.

Со три електромотори, Денза З9 ГТ располага со моќност од близу 1.000 КС. Со батерија од 100 кВч, спортската лимузина постигнува досег од 630 километри според кинеските норми. Изведбата со приклучен хибриден погон постигнува комбиниран досег од 1.100 километри.

Јангванг У8 треба да им конкурира на Г-класата на Мерцедес-Бенц и на Ланд Ровер Дефендер

Јангванг У8 со приклучен хибриден погон – може меѓу другото да изведе „тенковско свртување“ во 360 степени – конкурира на Ланд Ровер Дефендер и на Г-класата на Мерцедес-Бенц, како обид на БИД да се вмеша во премиум сегментот.

БИД не ги наведе цените на моделите на Јангванг во Европа. У8 се продава по цена од околу 150.000 долари во Кина.

Видеото од тестот на БАИК У5 Плус од најмладата кинеска марка на македонскиот пазар

Претходна објаваСитроен Ц4 и Ц4 Икс на прво возење во Шпанија: Природен фејслифт
Следна објаваХонда ќе ги продолжи преговорите со Нисан, доколку замине шефот Учида

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here