Кинески БИД во Турција ќе произведува електрични автомобили во фабрика од милијарда евра

Се очекува Турција наскоро да објави дека е потпишан договор со кинескиот производител на електрични автомобили БИД, за изградба на фабрика во вредност од 1 милијарда долари, во западниот дел од земјата, соопштија претставници на турските власти.

Турскиот претседател Реџеп Тајп Ердоган се очекува да го објави договорот на свеченост во областа Маниса, каде што ќе се гради фабриката.

Од БИД и од турската влада немаат одговорено со коментар.

Новата фабрика ќе му овозможи на БИД полесен пристап до Европската Унија, со којашто Турција има потпишано спогодба за слободна трговија. ЕУ ги зголеми царините за увоз на кинески електрични автомобили, оптоварувајќи го БИД со дополнителни 17,4 проценти казнена царина, над 10-те проценти што важат од претходно.

Турција е воедно и пазар којшто самиот ќе биде опслужуван од фабриката, затоа што електричните автомобили лани постигнаа удел од 7,5 проценти во вкупната продажба на возила. Земјата брои близу 90 милиони жители.

Турција на 5-ти јули соопшти дека отстапува од намерата од пред еден месец, за воведување дополнителни 40 проценти царина за сите возила што ќе бидат увезени од Кина. Отстапката од тие планови беше направена за да се охрабрат производителите да вложуваат во земјата. Одлуката следеше по преговорите меѓу Ердоган и кинескиот претседател Си Џинпинг одржани во четвртокот, за време на средбата на Организацијата за кооперација на Шангај, во Астана, Казахстан.

БИД постигна огромен раст во изминатите неколку години и прерасна во најпродавана автомобилска марка во Кина.

Производителот со седиште во Шенџен соопшти дека во следните години ќе се врати со подостапни електрични автомобили во Европа, вклучувајќи го компактот Сигал, за којшто директорите најавуваат цена под 20.000 евра.

БИД во Унгарија ја гради својата прва фабрика за електрични автомобили во Европа, што се очекува да почне со работа во 2026 година. Компанијата на 4-ти јули ја отвори својата прва наменска фабрика за електрични авотмобили во Југоисточна Азија, во Тајланд. БИД ја презеде и поранешната фабрика на Форд во Бразил и бара локација за фабрика во Мексико.

Продажбата на БИД во второто тромесечје скокна на рекордни 982.747 возила, што е за 40 проценти повеќе во споредба со истиот период лани.

Иако продажбата на БИД во Европа е ниска, марката се развива брзо и компанијата се подготвува за масивна маркетиншка стратегија. Кинезите меѓу другото го презедоа местото на Фолксваген, како главен спонзор на европското првенство во фудбал.

БИД во првите пет месеци продаде 12.944 автомобили во ЕУ, АФТА и ОК, што претставува масивен скок во споредба со 2.120 возила во истиот период лани.

Електрични автомобили во македонските салони

Претходна објаваПорше има намера да го преземе бизнисот со батерии на Варта
Следна објаваЈули е месец на Фиат 500 веќе 67 години

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here