Новата Мерцедес-Бенц С-Класа вози во град без возач

Штутгарт ја одбележа 140-годишнината од првиот автомобил во светот и воедно автомобил од којшто произлезе денешниот Мерцедес-Бенц, со својот знаменосец, со освежена С-Класа.

Новиот слоган што Мерцедес-Бенц го користи при пуштањето на новите модели на сцената гласи „Добредојде дома“. Во тој случај, човек треба да се чувствува добредојдено најмногу во С-Класа.

По половина деценија од премиерата во септември 2020 година, тековната генерација на С-Класата доби најголемо моделско освежување во историјата. Повеќе од 2.700 делови од претходниот модел се усовршени или се целосно нови. Тоа важи и за изгледот и за технологијата.

Главната промена во изгледот на новото моделско годиште на С-Класата на Мерцедес-Бенц ќе се гледа и ноќе, посебно ноќе. Ѕвездата на марката од Штутгарт, едно од најпрепознатливите обележја на марка што ги познава Земјата, сега може да свети. Во истата насока продолжува и преработената маска, што е зголемена за 20 проценти и исто така може да свети, ако се избере соодвениот пакет.

Германскиот пионер наведува дека осветлената ѕвезда им помага на возачките и возачите да се чувствуваат побезбедно кога се движат по пат, и тоа сигурно не е напразно кажано, туку е направено истражување. Како потсетување, во Мерцедес-Бенц работат дузини психолози, коишто вршат најразлични истражувања, од чувството при притискање на прекинувачите, до звукот при затворање на вратите.

Јасно се препознаваат и новите дигитални светла, што светат во шема на две трикраки ѕвезди. Зад новата генерација на Диџитал Лајт стои технологија микро-ЛЕД, којашто го зголемува осветленото поле пред возилото за 40 проценти и воедно многу попрецизно ги насочува светлосните зраци.

Следната голема промена е во суперкомпјутерот што користи оперативен систем МБ.ОС, сопсвениот „виндоус“ на Мерцедес-Бенц. Како пример за неговата моќност, тој од едно место управува со сите функции, многу побрзо. Покрај тоа, софтверот се обновува по пат на податочен облак, без потреба возилото да се остава во сервисна работилница за да се вчита нов софтвер. Исто како кај телефон, така и во автомобилот со тек на време ќе доаѓаат нови и усовршени функции.

Од моќниот суперкомпјутер произлегуваат и новите и усовршени системи за асистенција, вклучувајќи и автопилот. Тоа значи дека новата С-Класа може самостојно да се движи од една до друга точка во град, без возачот да преземе каков било зафат. Таа привилегија во почетокот ќе биде достапна само во Кина, понатаму во САД, а за Европа уште е неизвесно, затоа што законите уште го ограничуваат користењето технологија за автономно возење.

Меѓу новините што пристигаа масовно во новите генерации на модели на Мерцедес-Бенц, во овие малку повеќе од пет години од премиерата на С-Класа, секако спаѓа и МБУКС Суперскринот. Тој отсега се вградува стандардно во луксузната лимузина, заедно со виртуелен асистент што користи вештачка интелигенција и овозможува говорните команди да му се задаваат на возилото како да се зборува со човек, почнувајќи со „Еј, Мерцедес“.

Голем обем на промени се случија на ова поле, меѓу кои и интелигентно ракување со функциите на менито. Истите тие психолози спомнати во почетокот, имаат работено на лесното движење низ менито, низ илјадниците функции на Мерцедесот, и го развија т.н. зеро-лејер, за главните функции секогаш да бидат достапни уште во почетниот дисплеј, без потреба да се влегува во подмени. Навигацијата исто напредуваше масивно и во овој случај се работи за МБУКС Сараунд Навигација на база на Гугл Мапи.

Мерцедес-Бенц го цени просторот на задните седишта како „маса за состаноци“. Тоа се случува ако се нарачаат два дисплеи од по 33,3 сантиметри, со сите функционалности на МБУКС како на предните седишта, со вклучена техника за видео-конференција, и уште бројни системи, што навистина го претвораат просторот во директорска канцеларија. Производителот дополнително наведува дека, С-Класата на тој начин станува „мирен личен простор за спокојство“.

Понудата од погонски единици опфаќа најширок распон, од класичен дизел, до приклучен хибрид, линиски шестцилиндарски и В8-мотори, сите со одрердена стапшка на електрификација. Моќност без мачење, така се опишува погонот во С-Класата. Пневматската амортизација секогаш е на дело во лимузината, а може да се доплати за активно подвозје со интелигентно управување со амортизерите и со управувана задна оска (4,5 степени или 10 степени, по желба).

Меѓу новините во поглед на удобноста спаѓаат и греениот безбедносен ремен, дигитална контрола на отворите за проветрување и нов внатрешен филтер што користи струја, како дел од Енерџајзинг Ер Контрол – кусо, човек во С-класа дише воздух на Галичица.

Безбедноста е тема во Мерцедес-Бенц уште откако тогашната С-Класа, во 1959 година прва почна серија краш-тестови. Денес тоа значи до 15 воздушни перници по целата кабина, заедно со усовршен систем за сведување на оптоварувањето на телото на патниците при судир на најмала можна мера – тоа е познатиот При-Сејф.

Повеќе се ангажира и одделот Мануфактур, каде што сé повеќе се работи на посебни нарачки на клиентите. Кај новата С-Класа, тоа значи лак во спектар од преку 150 бои, понатаму преку 400 бои за внатрешноста, лично советување со експерти, односно изработка на С-Класа како костум по мерка.

Почеток на продажба на 30-ти јануари

Клиентите ќе можат да пристапат до конфигураторот за новата Мерцедес-Бенц С-Класа од денес, 30-ти јануари. Секако станува збор за конфигуратор за германскиот пазар, којшто може да послужи за ориентирање. Кога точно ќе се појави С-Класа на македонскиот пазар, наскоро ќе соопшти Мак Аутостар.

Во Германија, изведбата С 350 д 4Матик во продолжена изведба чини 112.326 евра. Понудата ја сочинуваат уште С 450 д 4Матик, бензински С 450 4Матик, С 500 4Матик, С 580 4Матик, хибридни С 450 е 4Матик и С 580 4Матик. Последнава изведба ја заокружува целата гама со цена од 152.260 евра во Германија, без опции.

Претходна објаваНово во салон: Ситроен Ц4 Икс е последната лимузина на пазарот, што и не е лимузина
Следна објаваДефендер од ограничена серија Трофи Едишн во салон во Скопје

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here