Првото појавување на новите модели пред светот некогаш беше основна смисла на големите салони на автомобили во Франкфурт или Париз. Денес, и најголемите премиери може да се следат на паметен телефон на улица или на паметен ТВ дома, па така и премиерата на новото моделско годиште на С-Класата на Мерцедес-Бенц. Поводот е посебен.
Денешниот 29-ти јануари е важен датум за Мерцедес-Бенц, во одбележување на 140-годишнината откако светот го доби првиот автомобил воопшто. Слоганот на настанот е „140 години иновација“ и секако дека главната носителка на оваа свеченост е освеженото моделско годиште на знаменосецот С-Класа.
Шефот Ола Калениус сними заедничко видео со креативецот Џастин Це, за да ги навести големите новитети што ги донесува новата С-Класа. Во видеото пуштено првично на јутјуб, секако не отсуствува тениската легенда Роџер Федерер, еден од главните амбасадори на Мерцедес-Бенц.
С-Класата на видеото уште е маскирана, меѓутоа не се менува само изгледот. Мерцедес-Бенц ја води лимузината како модел од комплетно нова генерација и се повикува на преку 2.700 делови што се сменети или усовршени од досегашната С-Класа. Според Штутгарт, „новата С-Класа ја зајакнува позицијата на Мерцедес-Бенц во комфорот, иновирањето и безбедноста.“
Ола Калениус укажува на една од најголемите „промени“, а тоа е враќањето на гордо исправената ѕвезда што стои на маската. Со таа старо-нова класика доаѓа и најнов развој на полето на дигиталната интелигенција, што доаѓа од новиот оперативен систем на Мерцедес-Бенц, МБ.ОС. Третата голема промена е зголемениот обем на преправки што по нарачка може да ги изврши одделението Мануфактур. Таа дејност станува сé повеќе барана од сопствениците на скапите модели на марката.
Премиерата на новата С-Класа ќе се следи на вебсајтот
https://www.mercedes-benz.com/de/fahrzeuge/s-klasse-livestream/
Во делот во возење, Калениус посочува на усовршената комфорна работа на пневматската амортизација Ерматик, со интелигентно управување со силината на придушувањето на нерамнините. Тоа важи посебно за долги нерамнини, што се својствени најмногу за Јужна Европа и САД.
Шефот Калениус веќе создаде практика сам да ги претставува новите модели пред нивната светска премиера, како што беше случај со електричниот ЦЛА и со Г-Класата на струја, во живописни предели во Австрија и Шведска. На тој начин, извршниот директор ексклузивно упати во новитетите кај моделите на Мерцедес-Бенц, додека ги тестира на патеките и полигоните на компанијата.
Мал е бројот на возила што со толкава постојаност имаат оставано печат врз автомобилската индустрија, како Мерцедес-Бенц С-класа. До денес, таа поставува мерила во безбеднбоста, комфорот и инженерското умеење, и како никој друг модел ги застапува напредокот и иновацијата. Тоа што пред 140 години го започнаа Карл Бенц и Готлиб Дајмлер, беше многу повеќе од нова, револуционерна форма на мобилност. Тоа беше заложба. С-Класата е доказ дека таа заложба опстојува до денес.“
Ола Калениус, претсдател на управниот одбор на Мерцедес-Бенц Група АГ















