Киа Стоник · Дали е тоа автомобилот со најдобра противвредност до 20.000 евра?

Киа Стоник се поставува точно до границата од 20.000 евра и во полето на конкуренцијата поентира од тоа што е кросовер, што е опремена како лимузина од средна класа, и плус доаѓа со 7-годишна гаранција. На хартија сé изгледа совршено, меѓутоа што е со прашањата околу возниот комфор, безбедноста на спореден пат, моќта да ја искачи Галичица, штедливоста при патно темпо на автопат. За да се добие одговор на овие прашања, Стоник ја мина прочуената рута на Аутомедиа, којашто е во должина од преку 850 километри, најширокиот можен круг низ Македонија. Целото историско патување произведе неколку часови видео материјал.

Каков автомобил може да се добие во македонските салони со цена до 20.000 евра? Тоа не е најнискиот праг, затоа што постојат уште дузина модели што се далеку под таа цена, меѓутоа предизвикот беше да се најдат модели што се искористливи како семејни автомобили и што веројатно со децении ќе останат во кругот на семејството. Затоа, прашањето повеќе би било, каков семеен автомобил има за триесет просечни плати, според македонската статистика?

Според објавените ценовници на завршетокот на јуни, во категоријата на семејно искористливи возила во поставената ценовна граница, се издвојуваат следните десет модели (по азбучен редослед, линковите водат до објавите за моделите):

Многумина ќе бидат изненадени од разноликоста на моделите, и во поглед на каросеријата, и во поглед на моторот и перформансите, но и во поглед на класата. Со цената секако дека двојат моделите на Донгфенг, кинески производител што е најзастапен на македонскиот пазар. Еолус Шајн е најдостапната лимузина, што користи иста платформа со бројни модели од градската и компакт класата на Стелантис (Пежо, Фиат и др). Двата модели, вклучувајќи го познатиот ДФСК Фенгон 500, избрани се во повиското ниво на опременост и со автоматски менувачи. Ситроен Ц3 Еркрос е најблискиот конкурент на Стоник и воедно најнов модел во овој избор. Фиат Типо е уште еден класичен претендент за бест-бај, што ќе одушеви многумина фанови со 1,9-литарскиот дизел со 130 КС и со фактот што сепак е лимузина од компакт класата.

Опел Корса е уште еден класичар, градски модел со вообичаената комбилимузинска форма и име во коешто верува македонската сцена, избран во изведбата со 100 КС. Еуроимпекс е доследен на ветувањата што ги даде со Пежо 208 Актив со 75 КС и цена од 16.990 евра, па моделската изведба што ја избравме да биде најблиска до 20-те илјади евра е со ниво Стајл и мотор од 100 КС, што чини 19.280 евра, односно 18.400 евра со попустот во времето на тестот.

Уште едно големо освежување е Шкода Скала, којашто во времето на премиерата во 2019 година се чинеше со цената дека не е ниту риба ниту девојка, но низ годините го најде своето место и денес сериозно парира со цена од 19.610 евра, со посилниот мотор, но со основна опременост.

Сузуки Свифт има сé што е потребно да биде победник, од име, преку издржливост и трајност, до штедливост и опременост, вклучувајќи и системи за асистенција, меѓутоа Јапонците останаа верни на идејата и ги задржаа димензиите во границите на претходните генерации, така што дел од купувачите веројатно ќе ги превидат вистинските квалитети на овој Свифт – иако на тестот лани се покажа дека просторноста воопшто не е проблем. Големо изненадување е Тојота Јарис, којашто во оваа ценовна граница доаѓа со хибриден погон, но со основното ниво на опременост.

Во двете видеа од ова несекојдневно патешествие – што ја има дополнителната димензија да се доживат сите убавини на нашата вечна Македонија и заслужува препорака за секој да ја повтори, со задолжително преноќување, оти не е мала нашава земја – што се објавени на каналот на Аутомедиа на јутјуб, најдетално се пренесени сите искуства и заклучоци од возењето на Киа Стоник, како и графичките споредби со кокурентите во повеќе категории.

Стоник не е исклучив победник, споредбата повеќе служи како водич при изборот

Киа Стоник не е апсолутен победник и не исклучив победник како најдобар избор за парите, што ги засенува конкурентите во овој избор, туку намерата на Аутомедиа беше повеќе да се упати на размислување при изборот на автомобил во оваа ценовна категорија, што несомнено е најчувствителна во нашите економски услови. Полесно е да се избере најдостапниот модел и да се прогледа преку каква било забелешка, но кога човек се решава да издвои уште неколку илјади евра повеќе, тогаш очекува и да добие соодветно повеќе за парите.

Што толку ја издвојува Киа Стоник од конуренцијата?

Најголемите доблести на Киа Стоник, односно тоа што создава најмногу симпатии кај возачките и возачите, секако се во комфорното подвозје, во штедливоста и во дигитализацијата, којашто никој не би ја очекувал во возило од оваа класа. Комфорот на амортизацијата доаѓа од концептот на Стоник. Место да создава лажно масивен и цврст СУВ, што само е качен на поголеми тркала и има големи браници, Киа остана на концепт на кросовер, и тоа е најдоброто во оваа кола. Бидејќи и тежиштето е поблиску до Рио, отколку до СУВ, немаше потреба да се користат тврди амортизери и крути пружини, туку можеше да се избере комфорно нагодување на подвозјето.

Вториот дел од видеата за турата со Киа Стоник

Моторот од 1,0 литар со три цилиндри конечно треба да се сфати како технолошки напредок, место како божемна намера на производителите да заштедат, излажат или измамат. Кредото дека ништо не може да ја замени работната зафатнина, одамна не важи, односно престана да важи пред повеќе од 20 години, кога целиот автомобилски свет тргна во насока на „даунсајзинг“ на моторите. Денес, турбонатполнењето е „новата работна зафатнина“, со цел да се постигне пониска потрошувачка на гориво, а со тоа и помалку да се загадува животната средина. Во видеата од патешествието со Стоник на повеќепати е зборувано за моторот, со цел да се побијат сите предрасуди во однос на трите цилиндри и едниот литар зафатнина. Во основа, овој мотор со моќта за повлекување, а тоа е вртежниот момент, споредлив е со 1,6-литарски мотор од ерата пред даунсајзингот.

Претходна објаваКинеските производители ГАЦ и ЈАЦ со огромни загуби во вториот квартал
Следна објаваТоп 10 најпродавани модели во Европа до јуни (Дел 1): Градски, компакти, мини, средна класа

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here