за

Тест: Skoda Scala 1.0 TSI 115 Ambition

Test Skoda Scala 1.0 TSI 115 Ambition
Test Skoda Scala 1.0 TSI 115 Ambition

Квартетот нови модели во компакт класата е целосен со пристигањето на Skoda Scala. Taa застанува рамноправно до неговото височество Golf и ја надминува резервата што беше оставена кај претходникот Rapid. Многу работи се менуваат со новиот компакт на Чесите. Scala заслужува дополнителна почит и како иден бестселер на македонскиот пазар.

Кога човек долго е во некоја работа, почнува да забележува шаблон, матрица. Нешто што се повторува. Кај возилата што пристигаат на тест, на пример. Досега се докажало многупати. Колку се послаби шансите, за некој модел да се продаде во повпечатлив број примероци во својата класа, толку изведбата од тој модел што ќе пристигне на тест, поседува најмногу опрема што може и вози со најсилниот мотор во понудата. Тоа не е друго, освен вградување вредности сосила, во автомобил што не е интересен за возачите.

Skoda Scala ја следи оваа матрица прецизно како пекарски мајстор кога сече симит. Од дополнителната опрема, возилото на тест можело да поседува диодни светла, приспособливо подвозје со комфорен или спортски режим, камера за рикверц, темпомат што самостојно запира и поаѓа во колона, дигитални инструменти и средишен дисплеј од 9,2 инчи од навигацијата, безжично полнење телефон или бандажи од 18 инчи, со изглед како кај концептот Vision RS. Да чини и 30.000 евра. Можело.

Scala нема потреба да замачкува очи со скапа опрема и мотор што никој не го купува, па оттаму и оваа самодоверба, на тест да се појави речиси со стандардната опрема и со сосем разумен мотор; Тоа е воедно и изведбата што ќе се продава најмногу

Место тоа, оваа Scala на тест, во тркачки сина боја во којашто ја виде половина свет, со бензинец со 115 КС и со првото достапно ниво на опрема, вози дополнително опремена со хромирани лајсни на прозорците за 123 евра, двострана покривка за багажникот за 37 евра (?!), паркинг сензори назад (290 евра), бандажи Stratos од 17 инчи (675 евра), копчиња за радио и телефон на воланот (109 евра), Smart Link (134 евра), радио Bolero со дисплеј од 8 инчи (134 евра и уште еднаш ?!) Тоа што изгледа како шега, во смисла на дел од цените на ставките од дополнителната опрема, всушност е мошне сериозно.

New item by Automedia MK / Google Photos

Цената со сите овие ставки изнесува 16.720 евра, наспроти 15.210 евра на стандардниот модел со ниво Ambition и мотор со 115 КС. Постои причина поради којашто Skoda Scala го остварува своето прво динамично претставување на македонската автомобилска сцена, во моделска изведба што е поскапа само за салонски реални 1.500 евра од стандардната верзија. Овој автомобил се очекува да биде меѓу најпродаваните, а веројатно и најпродаван – и тоа, не само поради спомнатата матрица.

Scala е прв модел на Skoda што ја користи платформата MQB A0, првпат применета кај Ibiza во 2017 година

Кажано грубо, Scala е наследник на лимузината Rapid и на нејзината изведба со пет врати Rapid Spaceback. Кажано фино: Врска нема. Додека двоецот Rapid се базираше врз старата платформска стратегија на концернот (конкретно врз верзијата PQ25), Scala се базира врз сосем друг систем на користење заеднички компоненти, односно врз системот MQB. Моментно постојат три варијации – A0, A1 и A2. Со нив се покрива практично целата понуда од модели со попречно вграден мотор напред во концернот VW. Новиот чешки модел ја користи верзијата А0, којашто во концернот прва ја доби Seat Ibiza во 2017 година. Истиот систем им служи и на Seat Arona, Audi A1, Volkswagen Polo VI, Volkswagen T-Cross – и на Scala.

New item by Automedia MK / Google Photos

Бидејќи системот MQB, покрај „хардверот“, електрификацијата на погонската спрега итн, вклучува и напредни можности за конективност и поддршка на системи за асистенција, кои имаат одреден удел во вредноста на автомобилот, повеќе не можеше да се развива концептот на Rapid, односно концептот на голем автомобил за релативно малку пари. Затоа, новиот модел мораше да порасне.

Младоболеславска Скала: Искачувањето на една „скала“ погоре не се однесува на димензиите, туку на спецификацијата на моделот

Растењето не важи толку за димензиите, колку за моделската спецификација, почнувајќи од тоа дали во кабината или багажникот смее да останат видливи завртки и навртки, до тоа дали во сериското производство ќе се предвидат ставки, како што се спомнатите диодни светла или амбиентално осветлување во кабината, по желба во бела, портокалова или црвена боја.

New item by Automedia MK / Google Photos

Сето тоа направи, Skoda Scala да биде модел, на когошто никој нема да му ја оспорува припадноста во компакт класата. Првата реакција на публиката беше едногласна: Новиот чешки автомобил е голема закана за Golf. Секако дека публиката забележа добро, меѓутоа … Golf VIII има премиера во втората половина на октомври, еден месец порано ќе биде прикажана и новата Octavia, а уште поважно, на салонот во Франкфурт се очекува историското деби на електричниот ID 3, кој фактички е идниот „голф“.

Се поместуваат моделите во рамките на концернот, пристигаат електрични автомобили, култни модели како Golf прераснуваат во парадни коњи, замената на Rapid со Scala е дел од големите стратешки поместувања

Golf во новата генерација ќе прерасне во премиум модел и параден коњ на Волфсбург, додека Octavia IV дефинитивно се префрлува во средната класа, кадешто ќе им парира на Insignia, Mondeo & Co. Дополнително во целата ситуација околу Scala, таа пристигна со најголемиот и најзначаен бран освежувања во компакт класата, по Toyota Corolla, Ford Focus и Kia Ceed. Се случуваат големи поместувања. Skoda следи дел од нив, а друг дел самата предизвикува.

New item by Automedia MK / Google Photos

Вистина е дека извесен круг купувачи го чекаше доаѓањето на Skoda Scala во салоните, за да донесе суд околу новиот водечки квартет во класата. Чешкиот компакт го потврди тоа што претходно го забележавме кај Corolla & Co. Новата генерација модели во класата прави многу поголем скок од вообичаениот. Но, не било кои модели, туку оние суштинските, комбилимузините, или според препишувачкиот жаргон, хечбеците.

Додека кај СУВ-моделите смее да се направат „ситни“ пропусти, затоа што тие се главни на пазарот, класичните комбилимузини мораат да бидат беспрекорни

Секој што ќе седне зад воланот или каде било во Scala, ќе почувствува атмосфера и детали што „мирисаат“ на средна класа. Тоа е речиси правило во квартетот Corolla-Focus-Ceed-Scala. Оваа екстра зрелост на класичните комбилимузини е предизвикана од СУВ-изведбите, кои ја користат истата техника, но пазарот ги бара повеќе. Со други зборови, производителите можат спокојно да прерипаат некои детали во СУВ-моделите и никој да не забележи за тоа, но класичните изведби со пет врати не смеат да си го дозволат тоа.

New item by Automedia MK / Google Photos

Доказот за различниот пристап во финишот доаѓа од самиот концерн и од истата класа, но од различен сегмент. VW T-Roc, на пример, може да има тврда арматурна табла и ниту парче платно во вратите, и пак ќе се продава шампионски, со апсолутно најголем раст во продажбата. Наспроти тоа, Skoda Scala мора да има мек кокпит и секој дел мора да биде дополнително доработен, или со сјаен лак или со полирање или некаков релјеф.

Многу работи во Scala се покажуват подобро од очекувањата, но сето тоа има објаснување: Првото ниво Ambition всушност е второ ниво; Седиштата се меѓу врвните во класата

Истото се покажува и кај седиштата. Иако првата помисла е дека станува збор за спортски или посебно ергономски седишта, тие се всушност стандардни – релативнои стабдардни, затоа што Scala стартува на нашиот пазар од второто ниво на опрема, првото ниво Active воопшто не се нуди. А, истите се веројатно меѓу најдобрите седишта што стандардно се вградуваат во компакт класата, со долга седечка површина, висока потпора, одлична странична поддршка и во делот на нозете и на рамената. Тоа што и материјалот не предизвикува потење, не треба да чуди во Skoda. Возачите што ќе го забележат сето тоа, веројатно нема да се двоумат меѓу изборот на класична комбилимузина или кросовер/СУВ.

New item by Automedia MK / Google Photos

Дури и надворешноста остава впечаток на „класа“. Маската е како најавна шпица за автомобилот, како филмски трејлер, како што треба да биде. Одмерена хромирана рамка, што на моменти е заоблена, а на моменти прави остар преод во светлата, кои и самите изгледаат како да се изработени од кристално стакло. На тоа доаѓаат и вертикални ламели во маската, што не изгледаат како недоработени да се извадени од калап и вградени – сето тоа создава предубедување, дека Scala е добар автомобил уште пред да се проба.

New item by Automedia MK / Google Photos

Првичниот впечаток не мами. Внатре е просторно, пријатно, прегледно, добро изработено и лесно за ракување. Плус, традиционалната функционалност на Skoda се покажува секогаш кога ќе се посака да се остави предмет или да се најде истиот. Тоа што остава посебен впечаток е вниманието, за секоја површина и секој материјал да бидат изработени со различен финиш. Веројатно идејата е да се воспостави асоцијација со чешката мајсторија во обработката на кристал. Убаво изгледа, во секој случај.

За просторноста е најдобро да се опише дека човек ќе посака да трча низ кабината

Scala често ќе ги освојува решавачките симпатии по седнувањето назад. Со меѓусокиното растојание од 2.649 mm, „чешката скала“ е иста со Ceed и Corolla, па дури и пет сантиметри покуса од Focus, но системот MQB го прави своето и назад се добива фактички најголема должина на просторот за нозе во класата. Останува повеќе од доволно висина и ширина, се седи правилно високо и со целосна потпора за телото, има и простор за стопалата. Седењето назад на подолги патувања, тука не е измачување.

New item by Automedia MK / Google Photos

Триумфот следи по отворањето на багажникот. Со зафатнината од 467 литри, Skoda не им остава простор на конкурентите: Ceed нуди 395, Focus 375, Corolla 361 литри. Тоа се повторува и кај вредноста од 1.410 литри со соборена клупа. Некои комби-изведби не нудат толку простор. За тоа колку правилно е изведена формата на багажникот, најдобро е да се замисли вжештена коцка како се става во путер.

Техниката од Polo во Scala се забележува исто колку што техниката од Golf досега се забележуваше во Octavia

Најважното прашање: Како во возењето се однесува компакт што е конструиран врз база на системот MQB A0, односно врз Polo? Најверодостојниот одговор: Исто како што и Octavia, во сите три генерации досега, успеваше да се замеша меѓу моделите од средната класа, притоа секогаш користејќи ја основата од Golf. Компактната Skoda прво остава впечаток со лесното возење, при што „лесно“ се однесува на впечатокот како возилото да е многу полесно од неговите 1.240 килограми. Токму тоа привлекува најмногу кај новите генерации компактни модели од концернот – како една од најважните придобивки на системот MQB Ax.

New item by Automedia MK / Google Photos

Единствено Toyota Corolla со своите 1.240 килограми може уште да им парира на 1.209-те килограми на Scala. Kia е потешка 88 килограми, Ford додава дури 113 килограми. Со помалку товар на грб, и на амортизацијата ѝ е полесно да ги совлада нерамнините на патот, а секако дека профитираат и возните својства и возачкото уживање. Само нијанси откриваат дека долу работи основа од Polo, главно при преминување преку груби оштетувања на патот. Тогаш може да допрат слаби вибрации до кабината, проследени со традиционалниот звук на тропање.

Оваа Skoda не е замислена да убеди по првите пет минуви возење, туку освојува чекор по чекор; Тоа е како да се загриза Чоко Минт, а претходно да не се знае дека внатре има чоколада

Управувањето работи релативно лесно и со тоа го открива „сетапот“ на автомобилот. Scala може да се вози мошне динамично, со предизвикување на будноста на системите за контрола на стабилноста, со нагли промени на правецот и провоцирање на опашот да се измести нанадвор во остри свијоци, без притоа да се влегува во критични ситуации. Но, оваа Skoda не е создадена како автомобил што ќе импресионира за пет минути екстремно возење, туку повеќе ќе убеди со долготрајните квалитети. Под тоа се подразбира секојдневно возење до работното место, но и крстосување по автопат, при семејно или можеби и деловно патување.

New item by Automedia MK / Google Photos

Еднолитарскиот турбо бензинец со 115 КС денес е стандард не само во моделите од компакт класата на концернот VW, туку е стандард и генерално меѓу производителите. Трите цилинцри веќе одамна ги имаат одбрането сите напади во поглед на нивната издржливост или „несоодведноста за тежината на возилото“. Со максимални 200 њутнметри, еднолитарскиот TSI е во предност пред Ceed (172 Nm), Focus (170 Nm) и Corolla (185 Nm).

При ракувањето со менувачот се стекнува впечаток како рачката да е продолжение на зглобовите во дланката; Тука не се зборува за механизам, туку за анатомија

Отсуствува секаква идеја за слабост при поаѓањето, затоа тоа Scala го прави тоа суверено и рамномерно. Дури, чувството при забрзување во повисоките степени на пренос е слично како кај TDI во неговите рани денови, кога се стекнуваше впечаток како возилото да е закачено на долга еластична лента што го влече нанапред. Со спринтот до темпо сто за помалку од десет секунди и крајна брзина еден km/h над 200, секако дека нема простор да се зборува за евентуална потреба од дополнителна сила. TSI повлекува исто при темпо над 120 km/h во шестиот степен, како што ќе повлече од 80 km/h во еден степен подолу. Релаксираното возење е главниот именител тука.

New item by Automedia MK / Google Photos

Релаксираноста важи и при помислата на буџетот. Просечната потрошувачка повеќе се движи кон петка пред запирката, отколку пред седумка. На тестот се покажаа 6,4 литри, со вклучена климатизација при јулска жега.

New item by Automedia MK / Google Photos

Околу климатизацијата се кршат копјата, поточно околу прашањето дали мануелен клима уред е доволен, или сепак треба да се доплати 428 евра за автоматска клима. Вистината е следнава. Доколку Skoda Scala оставаше впечаток на евтин и едноставен автомобил, никому немаше да му пречи тоа што во тест-возилото работи првата опција. Тоа сепак е прашање на доплата, којашто е во прифатлива ценовна рамка.

Имајќи ги предвид ставките што се избрани во тест-возилото, „апгрејдот“ од Ambition во Style практично чини околу 1.000 евра и тоа вреди за сите пари

Втора опција е да се избере нивото Style, коешто со моторот 1.0 TSI со 115 КС бара доплата од 2.410 евра над „основното“. Заедно со автоматската контрола на клима уредот, со ова ниво доаѓаат сензори за паркирање назад, целосно диодни предни и задни светла, радио Bolero, приклучоци USB-C, Smart Link, хром лајсни, копче за старт на моторот, команди за радио и телефон на воланот, алу-бандажи од 16 инчи и неколку материјали и обработки со повисока спецификација отколку во Ambition.

New item by Automedia MK / Google Photos

Имајќи предвид дека тест-возилото поседува дополнително половина од ставките што се вградуваат стандардно во Style, разликата во цената меѓу двете нивоа практично изнесува помалку од 1.000 евра. Уште една опција е седумстепениот менувач со двојна спојка, чијашто цена со масовното вградување во VW веќе е преполовена и доплатата денес чини 1.260 евра. За комоцијата при секојдневно возење во град и за предноста во потрошувачката на гориво, тоа е доплата што секако вреди за размислување.

Главното прашање кај Skoda Scala не е колку може да биде најксапо, туку дали и основното е доволно добро

Колку и да прави Skoda прашањето на дополнителната опрема да биде актуелно и прифатливо, со цените кои се меѓу најниските во конкуренција и се дел од политиката на самата марка, сепак главното внимание е околу тоа, дали може да се живее и со основната моделска изведба? Дефинитивно, да. Основниот модел во ценовикот вози со верзија на 1.0 TSI со 95 КС, но разликата од 650 евра во споредба со изведбата од 115 КС, доаѓа првенствено од петстепениот менувач што се вградува таму. Чисто заради предноста во потрошувачката при почесто возење во автопат поради подолгиот преносен однос во шестиот степен на пренос, вреди да се размисли околу изборот на TSI 115.

New item by Automedia MK / Google Photos

Сериската опрема, пак, ги надминува очекувањата. Исто како Corolla & Co, чешкиот компакт доаѓа стандардно опремен со неколку системи за асистенција, иако не го достигнува втрвното ниво на јапонскиот модел. Следење на лентата со активен зафат за враќање во лента спаѓа во стандардниот пакет, заедно со самостојно запирање при опасност од судир. Магленки, радио со дисплеј од 6,5 инчи, грејачи во ретровизорите, сензор за дожд и автоматско соборување на долгите светла, висинско и лумбално местење и за совозачкото седите, кожа на волан и рачка на менувач, темпомат, потпирач за рака напред, мрежа на капакот на багажникот, сето тоа укажува на солидна опременост уште во старт.

Секако, мора да се има предвид дека Порше Македонија не ја нуди Scala со основното ниво Active, коешто во основа повеќе одговара за големи возни паркови, кадешто заштеда од неколку стотини евра по возило на крајот достига големи суми.

Некој спомна дека би било добра идеја да се изведе Scala RS?

Со тоа што Scala го покажа на тестот, само повеќе расте љубопитноста околу изведбата 1.5 TSI со 150 КС, којашто пристига наесен. Во тој случај ќе станат поинтересни опциите, како пакет за динамика, со спортски седишта и волан, со алу-педали и црн таван (462 евра), потоа спортско подвозје спуштено за 15 mm со избор на спортска или нормална програма (356 евра), можеби и дигитална инструмент табла (425 евра) или еден од трите понудени дизајни на бандажи од 18 инчи.

New item by Automedia MK / Google Photos

Приказната околу Scala е далеку од завршена. Извесно е дека во блиска иднина во неа ќе проработи хибридна техника, веројатно благ хибрид со стартер-алтернатор, а веќе е потврдена и изведбата G-Tec со погон на метан и моќност од 90 КС. Најпријатното изненадување сепак би била изведба RS, покрај GTI, S3 или Leon Cupra. Така и почна приказната, со концептот Vision RS.

Главниот „проблем“ кај Skoda е тоа што маркава досега нема произведено лош автомобил

New item by Automedia MK / Google Photos

>>>> Кај Skoda Scala едно паѓа на ум. Чешката марка досега нема направено лош автомобил. Skoda Favorit им беше добра и на Германците, кои по преземањето на марката направија само потемелен фејслифт со Felicia. Моделската серија 105/120/130 од 1970-те уште го нема поттикнато интересот на сцената на олдтајмери, но со задниот погон и имиџот на Skoda е сосем извесно дека и неа ќе ѝ порасне вредноста. Skoda 100 и Skoda 1000 MB веќе одамна се ѕвезди, па дури и кај нас има примероци што се чуваат љубоморно.

Покрај ваква традиција на „супербност“, можно е Skoda некогаш да направи лош автомобил, а светот воопшто да не го забележи тоа. Skoda Scala дефинитивно не е тој автомобил.

Scala ја докажува и независноста на својата марка. Ако досега некаде потсвесно владееше идејата, дека Млада Болескава само добива налози од Волфсбург и го работи само тоа што ќе биде кажано од горе, сега ова претстава се губи целосно. Факт е дека Skoda е производ на добар менаџмент. Секако дека постојат одредени рамки што ги поставува концернот, но Skoda успеа да постигне оригиналност во истите и да се издвои над името на Volkswagen.

Уште неколку сцени од возењето на Skoda Scala

New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos

 

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

citroen zitron germanija

Citroën стана Zitrön во Германија: Заради смешка, но добра

Foprd Electric F-150 vlecenje vagoni

Ford F-150 со погон на струја повлече вагони тешки 450 тони