Благиот хибриден погон е веројатно најдоброто што го донела електрификацијата досега. Чисто електричните се скапи, класичните хибриди не се толку скапи, а овие се точно по мера. Тест на Опел Корса со благ хибрид.
Опел Корса е еден од оние автомобили, кај коишто нема двоумење. Таа е константа, непроменлива големина на пазарот. Од појавувањето на Корса А во 1982 година, до сегашната Корса Ф, што се произведува од 2019 година наваму, пазарот никогаш не ги уизгуби симпатиите за овој модел.
Најдобриот доказ за тоа колку се почитува денес најмалечкиот модел на Опел, доаѓа токму од германскиот пазар. Во изминатите четири години, Корса е најпродаван модел од градската класа во Германија, на најголемиот и најпребирлив пазар во Европа.
Платформата на денешната Опел Корса е иста со Пежо 208/2008, а тоа значи и со ДС 3 Кросбек (2018), Ситроен Ц4, Ц4 Икс (2020), Опел Мока (2020), Џип Авенџер (2023), Фиат 600 (2023), Алфа Ромео Јуниор (2024), Ланчиа Ипсилон (2024). На оваа фина дружина се придружува и Донгфенг Еолус Шајн, модел што лани беше на тест во Аутомедиа и што нé потсети дека кинескиот концерн своевремено покри 40% од трошоците за развој на оваа платформа (ЦМП). Така денес функционира автомобилскиот свет. Без заедничка платформа за многу модели, не може да се создаде доволно добра платформа.
Новото моделско годиште ѝ донесе на Опел Корса сменет изглед, освежена внатрешност и нови системи за асистенција, но најважната новина сепак е 48-волтниот благ хибриден погон
Корса од минатата година вози во освеженото моделско годиште, и тоа ѝ се гледа. Светлата и маската сега сочинуваат една заедничка целина и го создаваат познатиот Опел Визор, што им дава извесна отменост на моделите од единствената германска марка во Стелантис.
Освен во изгледот, има мали освежувања и во внатрешноста, главно во новиот волан и во новите облоги на седиштата. Секако мораше да се надополни и арсеналот од системи за асистенција, што ЕУ од јули ги бара за секое возило што се продава во Европа. Тоа се несомнено корисни ставки, посебно кога ќе се земе предвид дека системите за задржување во лента, предупредување при замор и слично, се „корисни“ затоа што намената им е да спречат опасни ситуации при возењето.
Има зафати и кај електричната изведба, што подизгуби од пазарната сила и престана да биде главна во насловите, откако Берлин во декември ’23 ги укина субвенциите за електрични автомобили во земјата.
Некрунисаниот херој на електрификацијата
Главната новина, барем тоа што нé засега на македонскиот пазар, каде што електричните автомобили уште немаат постигнато учество од барем еден процент во продажбата, тоа е воведувањето на изведбата со благ хибриден погон. Таков е и моделот на тест.
Благиот хибриден погон е некрунисан херој на електрификацијата, главно поради тоа што е најдостапната форма во којашто електрони се вмешуваат во погонот, а главно и поради тоа што работата му е сосем делотворна, во смисла на задржувањето на потрошувачката во разумни граници.
Погонската спрега ја сочинува 1,2-литарски трицилиндарец со турбонатполнење и 100 КС, во комбинација со електромотор од 21 кВ (28 КС) и 55 њутнметри, што е вграден во 6-степениот автоматски менувач со двојна спојка. При поаѓање, при паркирање, движење по паркинг или во метеж, Опел Корса Хибрид обично вози чисто на струја. Енергијата за тоа доаѓа од батеријата со 890 Вч, односно корисни 432 Вч. За споредба, класичните хибриди на Тојота користат батерија со капацитет од малку над 1 кВч. Батеријата е малечка, лесна, се наоѓа под возачкото седиште, и што е најважно, евтина е за вградување.
Место бавен и здодевен, се покажа дека Опел Корса е брз и забавен автомобил
Првата помисла е дека Опел со овој модел сака да ги услужи клиентите што бараат автомобил што ќе им троши малку, што не чини колку класичен хибрид, и што веројатно ќе возат бавно и незаинтересирано околу автомобилот. Тоа би било многу погрешно. Затоа што, Опел Корса Хибрид е многу динамично автомобилче со овој погон.
Најсреќни ќе бидат возачи што умеат да уживаат во лесната управливост на малечките автомобили по кривулести патишта, најдобро по некој прегледен планински пат. Лесниот нос, поради тоа што и моторот е лесен, создава темпераментни возни својства, брзо и неосетно префрлување на тежиштето на каросеријата од еден во друг свијок.
Возачкото уживање го поткрепува вмешувањето на електромоторот. Неговите 55 њутнметри, дополнително на 205-те њутнметри на бензинецот, по такви кривулести патишта создаваат перформанси како да се вози 1,6-литарец. Германците стандардно го опремуваат хибридот со рачки на воланот за префрлување на степените. Тоа е главното во Корса, уживањето.
Електромоторот секогаш ќе се јави за поддршка, некако чудно батеријата секогаш има енергија
По таква релаксирачка тура, човек може спокојно да се влечка во тоа што се нарекува градски сообраќај, со повеќе време во чекање, отколку во возење. Тука се покажува на дело автоматиката, па и поддршката од електромоторот, што секогаш е тука некаде во заднина.
Штедењето може да биде и забавно. На една од турите што се прикажани во видеото, Корса Хибрид дојде до просечна потрошувачка од 3,8 литри, без намера за штедење. Тоа беа десетина километри возење од Говрлево, преку Соње и Сопиште, до Припор и Кисела Вода. Конфигурацијата на теренот одговара, но и тоа станува забавно, кога ќе се погледне во патниот компјутер, и таму ќе изненади потрошувачка што некому би му се чинела нереална.
Сите технички податоци, опременоста и цената на Опел Корса Хибрид во нашиот онлајн каталог Автосалон.мк
https://avtosalon.mk/listings/opel-corsa-1-2-hybrid-100-e-cdt6-at/
Примерокот на тест е првата изведба на Корса што е достапна со 48-волтен благ хибрид. Освен во нивото Едишн, коешто спокојно може да се избере, хибридниот Опел е достапен и во спортското ниво ГС, со соодветна разлика во цената. Редовната цена на тестираниот модел во Еуроимпекс е 24.810 евра, односно 23.500 евра со акцискиот попуст во периодот на тестот.
Тоа секако е широкоград потег од македонскиот увозник, сосем извесно во констултација со производителот, затоа што благиот хибриден погон станува сé повеќе застапен во понудата од модели на Опел и со овој чин се овозможува погонот да допре до поширок круг купувачи.















