
Салонот што се одржува до 19-ти јануари во центарот Брисел Експо беше воедно и бина за прогласување на победникот во изборот на Автомобил на 2025 година во Европа. Поради тоа што бриселскиот салон не се одржа лани, прогласувањето на Автомобилот на годината тогаш беше одложено за салонот во Женева. Тој, пак, нема да се одржи годинава.
Повеќе од 60 марки изложуваат годинава на салонот во Брисел. Во минатото, за време на одржувањето на салонот се правеа 30 проценти од вкупниот број на нарачки за нови возила на годишно ниво на белгискиот пазар. Тоа е шестиот по големина пазар за нови автомобили во Европа. Купувачите добиваат попусти при нарачка за нов автомобил за време на салонот.
Меѓу производителите што имаат силен настап на салонот е концернот Стелантис. Производителот со 15 марки, групирани околу Пежо и Фиат, вклучувајќи го и кинескиот Липмотор, на салонот изложува 12 марки.
Од седумте модели што влегоа во финалето на изборот – Алфа Ромео Јуниор, Ситроен Ц3/е-Ц3, Купра Терамар, Дачиа Дастер, Хјундаи Инстер, Киа ЕВ3 и Рено 5/Алпин А290 – жирито додели најмногу бодови за двоецот Рено/Алпин. Минатата година исто така победи модел на Рено, електричниот Сеник. Само двапати во историјата на изборот се иа случено еден производител година за година да ја освојува титулата. Претходно тоа му успеа на Фиат, со Пунто, и по него со Браво/Брава.

Тојота Урбан Крузер е електричен СУВ со достапна цена
Тојота Урбан Крузер е целосно електричен СУВ од градската класа што се произведува во Индија, како дел од соработката со Сузуки, и моделот ја имаше својата светска премиера токму во Брисел. Урбан Крузер – порано постоеше модел на Тојота со истото име – се вмешува во најжестоката конкуренција, во најголемиот сегмент на европскиот пазар, на малечки СУВ. Токму во овој сегмент најмногу се зголемува продажбата и на електричните модели.
Главни конкуренти се Пежо 2008, Опел Мока, Опел Фронтера и Ситроен Ц3 Еркрос. Доаѓаат и нови модели, како Рено 4, Шкода Епик и Фиат Гранде Панда, како и новиот БИД Ато 2. Моделот се нуди со две големини на батерија, со поевтина ЛФП-хемија, со 49 кВч или 61 кВч.
БИД ја продолжува европската офанзива со малечкиот електричен модел Ато 2

БИД Ато 2 го имаше своето долго очекувано европски деби во Брисел. Кинезите се надеваат на двојно поголем успех отколку со Ато 3, компактен електричен СУВ што беше најпродаван ЕВ во својот сегмент во 2023 година. Моделот веќе е во продажба во Кина под друго име и освои пет ѕвезди спроед Грин НКАП, за ниска потрошувачка на енергија и ниска количина на стакленички часови. Ато 2 располага со електромотор од 130 кВ, тежи малку над 1,5 тон и постигнува досег до 312 километри.

ДС Но. 8 е новиот знаменосец на премиум марката на Стелантис
ДС Аутомобил имаше деби на својот нов знаменосец, Но. 8, целосно електричен кросовер од средната класа, што може да вози 750 километри до следното полнење и достапен е и во изведба со погон на сите тркала. Тоа е прв модел на ДС што ќе се произведува само со електричен погон. Но. 8 се произведува во Мелфи, Италија, врз платформата СТЛА Медиум на Стелантис, којашто може да двоми и погон со мотор со внатрешно согорување, како што е случај со Пежо 3008/5008 и Опел Грандленд.
Но. 8 е воедно прв од двата нови модели на ДС врз платформата СТЛА Медиум, што ќе се произведуваат во Мелфи, заедно со заменичката за компактниот СУВ-модел ДС 7. Новиот модел ја заменува лимузината од средна класа ДС 9 во гамата на францускиот производител.

Липмотор Ц10 доби електрична изведба со продолжен досег и бензинец како генератор на струја
За увозот и продажбата на Липмотор надвор од Кина денес е надлежен концернот Стелантис. Липмотор на белгискиот салон лансираше нова електрична изведба од Ц10, во којашто се користи бензинец како генератор на струја, со цел да се добие поголема слобода при подолго патување. Тоа еден од првите модели од новата генерација со овој вид погон – порано БМВ го нудеше својот и3 во таква изведба.
Кога ќе се испразни батеријата, погонскиот електромотор од 158 кВ (215 КС) му препушта на бензинецот од 1,5 литар, којшто тогаш ја полни батеријата од 28,4 кВч. Досегот на струја изнесува 145 километри, но со помош на генераторот / бензинецот, може да се вози до 950 километри. При комбинирана работа, потрошувачката во „рекламен“ режим изнесува 0,4 литар.
Липмотор веројатно ќе се монтира во Полска, за да се избегнат дополнителните царини што ЕУ ги воведе за ЕВ од Кина. Тоа важи и за моделите со продолжен досег, односно генератор.

Фиат Гранде Панда првпат се појавува пред публика
Публиката ќе може во Брисел да ја погледне во живо Фиат Гранде Панда. Тоа е кросовер од градската класа, којшто ја дели техниката со новиот Ситроен Ц3 и конструиран е врз платформата Смарт Кар, што овозможува мошне достапни цени. Италијанците очекуваат многу од Гранде Панда, како модел што треба да ја врати некогашната моќ на италијанската автомобилска индустрија.















