
ДС Но. 8, новиот знаменосец на премиум марката на концернот Стелантис, осмислен е како кросовер од средна класа, со целосно електричен погон и со досег до 750 километри. Може да се избере и изведба со погон на сите тркала.
Но.8 ќе почне да се продава во Европа во средината на 2025 година, соопштија од ДС. Цените уште не се објавени.
Тоа е првиот модел на ДС што ќе биде понуден само со електричен погон. Но. 8 ќе се произведува во фабриката на Стелантис во Мелфи, Италија. Моделот е констрuиран врз платформата СТЛА Медиум, којашто дозволува од неа да се изведат и варијанти со погон со мотори со внатрешно согорување, како што е случај со Пежо 3008 или Опел Грандленд.
Но. 8 е прв од двата нови модели на ДС што ќе се произведуваат во Мелфи и ја користат платформата СТЛА Медиум, заедно со замената за компактниот СУВ-модел ДС 7.

Понудата ќе вклучува неколку изведби, почнувајќи од верзија со преден погон, со батерија од 74 кВч и досег до 572 километри. Изведбата со батерија од 97 кВч ќе дозволува досег до 750 километри, додека третата погонска опција вклучува погон на сите тркала и досег до 686 километри. ДС наведува и дека моделот со долг досег ќе може да мине 500 километри по автопат со брзина од 120 км/ч.
Моделите со преден погон минуваат 100 километри со 12,9 кВч, додека верзијата со погон на сите тркала троши 14,2 кВч на сто километри.
Електромоторот кај изведбите со преден погон располага со 260 КС, верзијата со погон на сите тркала има два електромотори со вкупно 375 КС.
При користење брз полнач со еднонасочна струја, ДС може да полни со преку 200 кВ. Во тој случај, наполнетост од 80% се постигнува за 27 минути, наведуваат од ДС.
Шампионскиот досег во голем дел се должи на аеродинамичноста
ДС посочува дека подолгиот досег на Но.8 во споредба со конкуренцијата се должи во дел и на купе-формата со висока аеродинамичност. Од соперниците, најблиску е Ауди Ку 6 Е-трон Спортбек, со досег малку под 700 километри.

Покривот се спушта во спојлер, за којшто ДС открива дека заштедува 12 километри досег. Меѓу останатите зафати што придонесуваат за аеродинамичноста спаѓаат впуштените рачки во вратите, вклучувајќи рачки за задните врати што се преместени во задните столбови, како и приспособливи отвори за воздух во пердниот браник, за коишто ДС наведува дека имаат за 95 проценти подобра аеродинамичност во споредба со обични отвори за воздух. Тоа додава уште 18 километри досег. Дополнителни 14 километри доаѓаат благодарение на целосно рамниот и обложен под.
Сите мерки заедно придонесуваат со 60 километри во досегот.
Главните електрични соперници се Ауди, БМВ и Мерцедес
Меѓу потенцијалните конкуренти се вбројуваат модели од германските премиум марки, како Ауди Ку 6 Е-трон и Е-трон Спортбек, БМВ и Икс 3 и Мерцедес-Бенц Е Ку Ц. Кинески ривали се Нио ЕС6, БИД Сил Ју и Силајон 7, како и Експенг Г6.
Најпродаван модел во сегментот на СУВ од средна класа до октомври е Мерцедес ГЛЦ, со продадени 78.845 возила. По него се Волво Икс Ц 60 (72.942), БМВ Икс 3 (46.134) и Ауди Ку 4 Е-трон (40.010), којшто е воедно и најпродаван електричен модел во истиот сегмент.

Новиот кокпит располага со надолжно поставен екран од 16 инчи
Арматурната табла на Но. 8 е ослободена од вишок копчиња и прекинувачи, воланот има краци во форма на Х, во кокпитот доминира долг, но релативно низок средишен дисплеј од 16 инчи.
Звучниците се вградени горе во облогите на вратите, со цел да се постигне целосно опкружување со звук.
Дебело поставените седишта располагаат со грејачи за врат, што се вградени во потпирачите за глава и за коишто ДС наведува дека поефикасно го грејат телото. Седиштата располагаат и со масажа и со вентилација. Задните седишта се грејат и се ладат.
ДС се осамостои како независна марка од Ситроен во 2014 година. Првиот модел од сопствен развој, ДС 7, почна да се продава во 2017, по него следеа кросоверот ДС 3, лимузината од средна класа ДС 9 од кинеско производство и компактниот ДС 4.
Марката е дел од групацијата премиум марки на Стелантис, заедно со Алфа Ромео и Ланчиа. Со неа раководи Оливие Франсоа, кој е воедно и извршен директор на Фиат и директор за маркетинг на цел Стелантис.
ДС досега не ги достигна продажните цели, коишто предвидуваа дека марката ќе се продава добро и во Кина и во Европа, со стотици илјади возила годишно. До октомври, во Европа се продадени 31.822 возила, за 25 проценти помалку од лани, покажуваат податоците од Датафорс.















