Производителот на спортски автомобили Порше во минатата година испорача 310.718 возила. Тоа се за три проценти помалку возила отколку преклани. Главниот и единствен пазар што ја повлече продажбата на Порше удолу е Кина, каде што марката имаше минус од 28 проценти и 56.887 испорачани возила.
Во соопштението од компанијата, Порше наведува дека „долготрајно влошената економска ситуација“ во Кина е причина за намалената продажба во земјата. Луксузните авотмобили од германските производители наидуваат на сé позабавена продажба на тамошниот пазар.
Минусот на Кина речиси се надоместува со растот на останатите пазари
Порше и покрај предизвиците успеа да надомести за намалената продажба во Кина преку растот на сите останати пазари ширум светот. Најдобро се покажа Европа, со зголемена побарувачка за спортските модели од Штутгарт.
Тука беа испорачани 75.899 возила, што претставува раст од осум проценти. Само во Германија, пазарот за Порше порасна за дури 11 проценти, на 35.858 возила. Со тоа, Европа е втор најголем пазар за марката, по Северна Америка. Во САД и Канада беа продадени речиси исто толку возила како преклани, со 86.541 примероци.
Кајен е најпродаван модел
Сé поважни стануваат прекуокеанските пазари и пазарите во раст, како Малезија, Индонезија, Австралија или Дубаи и Саудиска Арабија. Порше лани продолжи да ја зголемува продажбата во тие региони и испорача 55.533 возила, што претставува раст од 6 проценти. Тоа се воедно и главните пазари што придонесоа да се надомести забавената продажба во Кина. Од таа причина, Германците ја засилуваат продажната мрежа таму.

Најпродавана моделска серија е Кајен, којашто воедно постигна и рекорд со испорачани 102.889 возила. Со раст од дури 18 проценти, големиот СУВ ја покри ослабнатата продажба на лимузината Панамера, што постигна близу 30.000 продажби (-13%).
Главната прилина за тоа пак е Кина, каде што стана мошне тешко да се продаваат скапите лимузини на германската спортска марка. Уште подраматична е промената кај електричниот Тајкан, чијашто продажба во Кина ослабна за 48 проценти, со 20.836 возила.
Продажбата на електричниот Макан почна одлично
Голема надеж дава електричниот Макан, чијашто продажба започна лани. Иако моделот стана достапен дури кон завршетокот на септември, Порше лани имаше испорачано дури 18.278 возила.
Заедно со верзијата на Макан со мотори со внатрешно согорување, од оваа моделска серија во минатата година беа испорачани вкупно 82.795 возила, што е пад од пет проценти.
Уделот на спортските автомобили со електричен и хибриден погон се зголеми од 22 на 27 проценти. Само половината од овие возила се чисто електрични. Макан уште не успеа да надомести за забавената продажба на Тајкан.
Колоната електрични Тајкани на есенското Порше Експериенс во Македонија
View this post on Instagram
Матичниот модел на марката, 911, постигна 50.941 испораки, што претставува раст од 2 проценти. Од двоседите Бокстер и Кајман, лани се испорачаа 23.670 возила, што е уште еден плус од 15 проценти. Нивните наследнички ќе бидат чисто електрични автомобили. Од средината на годинава, двата модели повеќе нема да се нудат со мотор со внатрешно согорување.
Порше значително ја освежи понудата од модели, меѓутоа предвидувањата за 2025 година содржат извесна резерва. „Секако дека сме свесни, дека економските и геополитичките услови ќе ни бидат поголем предизвик во 2025 година, од кога било досега,“ кажа директорот за продажба Детлев фон Платен.
















