
Близу 2 милиони продадени лимузини и СУВ на Мерцедес-Бенц ширум светот лани и преку 400.000 доставни возила со трикраката ѕвезда се билансот за минатата година. Продажбата посебно се засили во последното тромесечје. Дали трендот ќе се пренесе и во 2025, зависи главно од новиот ЦЛА.
Продажбата на Мерцедес-Бенц Груп лани го постигна врвот во последното тромесечје, со 625.800 луксузни лимузини, СУВ и ванови. Од октомври до декември, беа продадени за 5 проценти повеќе возила отколку во претходниот квартал. Во уште една година што ја става браншата на тешки маки, Штугарт постигна 2.389.000 продажби на патнички модели и ванови на светскиот пазар (-4%).
Тоа што е посебно важно за имиџот на марката, а уште поважно за профитот, е фактот што најскапите моделски серии што ги нуди Мерцедес-Бенц, лани постигнаа удел од 15,9 проценти во вкупната продажба. Тоа се т.н. топ-енд модели, односно модели на Мерцедес-АМГ, Мерцедес-Мајбах, Г-Класа, С-Класа, ГЛС и електричните Е Ку С и Е Ку С СУВ.
Во матичниот сегмент, продажбата порасна за 6 проценти, што се должи на одличната прифатеност на новата Е-Класа и на новиот ГЛЦ. Германците можат да бидат задоволни и од растот од 9 проценти во САД. Побарувачката за модели со приклучен хибриден погон, што сé почесто доаѓаат и заминуваат и од салонот на Мак Аутостар, порасна за 13 проценти.
На добрите вести им се придружуваат и вановите на Мерцедес-Бенц, со раст од 16 проценти во третиот квартал. На годишно ниво, резултатот сепак беше под 2023 година. Камионите и автобусите на Мерцедес-Бенц веќе со години се водат како посебна групација Дајмлер Трак, во интерес на движењето на акциите на берзата.
Куса проба на електричната Г-Класа во Мак Аутостар
С-Класата остана лидер во својот сегмент со пазарен удел од околу 50% на главните пазари
Продажбата на модели од топ-енд сегментот во последниот квартал лани порасна за 34% во споредба со третиот квартал, со продадени 82.800 возила. Заслугата за тоа е кај Мерцедес-АМГ, С- и Г-Класата. Побарувачката порасна најмногу на пазарот во САД. Од моделите од овој сегмент за цела година беа продадени 281.500 возила. Тоа е послабо од 2023 година, главно поради кинескиот пазар и намалената побарувачка за електрични возила.
Затоа пак за 6 проценти порасна продажбата во кор-сегментот, со 1.167.100 возила. Тоа е резултат од големиот интерес за Е-Класа и за ГЛЦ, којшто е воедно и најпродавана моделска серија лани.
Во последниот квартал лани за 16% порасна и побарувачката за вановите, со продадени 105.700 возила. Главен двигател за продажбата е европскиот пазар. За цела година се продадоа вкупно 405.600 примероци. Пет проценти од продажбата на вановите отпаѓа на елеткричните модели, со продадени 19.500 примероци.















