
Тојота повторно го пишува името Урбан Крузер во понудата од модели. Разликата од моделот со ниски прозорци со „мафијашки“ изглед од завршетокот на првата декада од веков е во тоа што погонот сега е целосно електричен. Уште една разлика прави тоа што новиот Градски Крстосувач е модел што заеднички е развиен со Сузуки и произведуван во Сузуки.
Новиот Урбан Крузер ја покажува целата смисла на соработката меѓу Тојота и Сузуки, гледано во европски размери. Ако досега се чинеше дека Сузуки е марката што единствена користи од таа соработка и ги нуди хибридното комби Свејс – односно Тојота Корола Туринг Спортс – и приклучниот хибриден СУВ-модел Акрос, којшто очигледно е РАВ4, сега Тојота е таа што го става своето лого на модели на Сузуки.
Намерата со Урбан Крузер, целосно електричен модел, се состои во тоа што најголемиот производител на светот и воедно владетел на пазарот на возила со хибриден погон, додава целосно електричен СУВ со многу подостапна цена од повеќето модели со погон на струја што во моментов се наоѓаат во продажба. За цените, сепак треба допрво да се чуе.
Тојота кај новиот модел ги цени впечатливиот изглед, просторноста на кабината поради рационалноста на електричниот погон и напредната технологија.
Дизајнот на Крузер беше покажан со концептот Урбан СУВ. Со новиот модел се зафаќа во најголемиот пазарен сегмент во Европа и воедно сегмент во којшто претстојат историски промени, со доаѓањето на новиот бран модели на струја, од ковот на Ситроен е-Ц3 Еркрос.
Тојота од 2026 година ќе нуди 15 целосно електрични модели, од кои шест се на посебно развиена платформа за погон на струја – вклучувајќи и модели со погон на водород
Со додавањето на целосно електричниот модел, Тојота продолжува да балансира со различните видови погон, и во целата понуда од модел го нуди својот специјалитет – хибридниот погон, заедно со приклучен хибриден погон и целосно електричен погон. Со тоа, јапонскиот примус се приспособува на движењата на пазарот, место да се сосредоточува само на иднина со еден вид погон, односно на целосно електирчен погон.

Сите овие чекори се во насока на намерата на Тојота, до 2035 година да ја сведе емисијата на ЦО2 на нула, односно до следниот чекор, целото производство и дистрибуција на возила до 2040 година исто така да биде со нулта емисија на ЦО2.
Од тоа што е сменето во изгледот на Сузуки еВитара, највпечатливи се светлата со облик на потковица и остриот преод од хаубата во носот, што сцената го познава како „нос на ајкула“. Браниците се различни од еВитара, од којашто пак се презема светлечката лента по целата ширина на опашот.
Со димензиите, Урбан Крузер е за педа подолг од Јарис Крос, бестселерот на Тојота во Европа – и секако хибрид.
- Должина: 4,285 милиметри (+105 милиметри од Јарис Крос)
- Ширина: 1,800 милиметри (+35 милиметри)
- Висина: 1,640 милиметри (+45 милиметри)
- Меѓусокино растојание: 2,700 милиметри (+140 милиметри)
Кругот на вртење изнесува само 10,4 метри, што секако е важно во град и уште една заслуга е на електричниот погон. Тркалата стандардно доаѓаат со пречник од 18 инчи. Двобојна каросерија со покрив во црна боја ќе биде вклучена како опција.

Задната клупа лизга по должина, за соодветно да се добие повеќе место за багаж или за колената на патниците. Во повисоките нивоа, клупата ќе биде и триделна и со местење по агол. Кокпитот е ист со еВитара, со знак на Тојота на воланот.
Урбан Крузер ќе биде достапен со две големини на батерија, како и со опција за погон на сите тркала. Батеријата од БИД користи хемија литиум железо фосфат (ЛФП), што е поевтина за производство, а пак трае подолго и побезбедна е од батерија со класична хемија.

- Основниот модел доаѓа со батерија од 49 кВч, моќноста на електромоторот е 106 кВ, односно 144 КС. Вртежниот момент изнесува 189 њутнметри.
- Втората батериска варијанта нуди големина од 61 кВч, електромоторот постигнува максимални 128 кВ, односно 174 КС.
- Најпрестижната погонска изведба доаѓа со погон на сите тркала, со втор електромотор назад со 48 кВ, дополнително на предниот електромотор со 135 кВ, односно 184 КС. Системскиот вртежен момент достигнува 300 њутнметри.
Топлинска пумпа е стандард и помага да се намали енергијата што клима уредот ја троши од батеријата за приспособување на температурата во кабината.
Посебноста на конструкцијата е во тоа што носечката рамка на подот е исклучително цврста и со тоа се избегнува потребата од попречно зајакнување, а со тоа се ослободува повеќе простор за батеријата.

За досегот и за брзината на полнење уште не се соопштуваат податоците.
Вообичаено за Тојота, системите за асистенција се сеопфатни. Урбан Крузер доаѓа стандардно со дигитални инструменти од 10,25 инчи и средишен дисплеј од 10,1 инчи, во една целина. Опциите за електрика за седиштата, панорамски покрив или аудио систем Џи Би Ел укажуваат на тоа дека Тојота сака со овој модел да ги освои и купувачите што бараат повеќе софистицираност во возилото.
Цените и почетокот на продажбата не се објавени.
Видеото во стил на филм од научна фантастика што го претставува новиот модел
https://www.toyotaecollection.com/















