Нио ќе биде присилен да ги зголеми цените на рамниште што е споредливо со Порше, поради повисоките царини што Европската Унија ги воведе за електрични автомобили произведени во Кина, вели основачот и извршен директор на Нио, Вилијам Ли.
Увозните царини за автомобилите на Нио во ноември пораснаа од десет на 31 проценти, по одлуката на Европската Комисија да преземе мерки против т.н. „недозволиво субвенционирање“, од страна на кинеските власти кон домашната индустрија на електрични возила.
„Со царините во Европа, продажната цена ќе биде практично на исто рамниште со цената на Порше. Во тој случај, пазарот се ограничува сé повеќе,“ изјави Ли пред аналитичарите при објавувањето на деловните резултати на компанијата на 20-ти ноември.
Очекуваното зголемување на цените ќе биде и дополнителен притисок за присуството на Нио во Европа, каде што продажбата во првите 10 месеци опадна за 27 проценти, на 1.513 возила.
Најголем пад има во Германија, каде што продажбата се намали за 72 проценти, со 338 возила до октомври. Нио претрпе штета и од укинувањето на субвенциите за електрични возила на германската влада, во средината на декември лани, затоа што основната лимузина ЕТ5 на Нио ги исполнуваше условите за купувачите да ја искористат субвенцијата.
Нио досега не ги има зголемено цените во ЕУ. Најпродаваниот модел ЕЛ6, СУВ од средната класа, почнува од 65.500 евра на германскиот пазар, што е далеку од новиот електричен Порше Макан, со цена од 80.700 евра во основната изведба.
ЕЛ6 е подостапен доколку купувачите потпишат договор за наем на батеријата. Во тој случај, возилото чини 53.500 евра, а месечната наемина за батеријата е 169 евра. Нио располага со станици за брза замена на празна батерија со полна, на 56 локации ширум Европа.
Нио во својата понуда во Европа ќе ги вклучи поевтините електрични марки Онво и Фајерфлај
Ли кажа дека компанијата е заинтересирана за Европа и покрај царинските пречки, и ќе одговори со план да ги продава моделите од своите поевтини марки Онво и Фајерфлај.
Нио веќе ги продава возилата на Онво во Кина, почнувајќи со Л60, којшто е соперник на Тесла Ипсилон. Нио во декември ќе го прикаже својот прв модел од марката Фајерфлај, на годишниот Ден на Нио во Гуангџоу.
Првиот модел на Фајерфлај е малечок автомобил што е дизајниран за да им се допадне на европските купувачи и ќе им се спротивстави на идните подостапни модели со електричен погон од концернот Фолксваген, изјави соосновачот и претседател на Нио, Лионг Шин.

Зошто Нио успеа во Норвешка
Нио годинава ја зголеми продажбата во Норвешка, со раст од 66 проценти во првите десет месеци и продадени 780 возила. Норвешка не е членка на ЕУ и има нула царини за ЕВ, што ја прави привлечна за кинеските компании, што сакаат да излезат во пресрет на намерата на скандинавската држава да ја прекине продажбата на возила со мотор со внатрешно согорување .
Продажбата на Нио секако дека се темели на Кина, каде што е постигната главнината од продажбата од 170.257 возила на компанијата до октомври. Во таа бројка спаѓаат и 4.319 примероци од Онво Л60.
Компанијата се надева во своите подостапни марки Онво и Фајерфлај, чијашто продажба во Европа ќе се зголемува и тоа ќе води до поставување поголем број станици за замена на празна со полна батерија, за потоа да се исполни и конечната цел, Нио да ја зголеми привлечноста на своите поскапи модели. „На глобалните пазари, марката Нио повеќе ќе се потпира на марката Онво,“ објаснува Ли.
Нио годинава арботи без профит и во третото тромесечје имаше загуба од 721 милиони долари.
















