Производителите во цената на своите автомобили ги пресметуваат погонот, подвозјето, опремувањето на кабината, системите за асистенција и за безбедност, – сосем јасно, сé што се вградува во нив, се наплаќа. Единственото што се добива бесплатно е дизајнот. Тој за цело ова време се добивал гратис. Но, тоа е всушност „марката“. Пежо 3008 преку дизајнот прикажува колку е различен како севкупен автомобилски концепт, од тркалата до покривот.
Кога некоја агенција би направила општо истражување на светскиот пазар, дали возачките и возачите би платиле повеќе за дизајнот на некој автомобил, доколку тој се наплаќа, во случајот на Пежо 3008 тие веројатно би се сложиле со таков вид наплата. Ако се наплаќа за силен мотор, долга каросерија, богата опрема, зошто ете и дизајнот да не се наплаќа и тој да биде вклучен во цената?
Но, една од многубројните убави работи кај автомобилите е тоа што дизајнот всушност не се наплаќал никогаш. Пример, Фиат 500 во 1950-те и 1960-те години, несомнено автомобилска икона, што всушност беше создаден да биде достапен, а не да биде дизајнерско ремек дело. Истото важи и за Јагуар Е-Тајп. Со врвни перформанси, култниот британски спортски автомобил се купуваше за половина од цената на Ферари, Порше или Астон Мартин. Кој уште нема да се сложи дека тоа е еден од највпечатливите и најубави дизајни на автомобил на сите времиња.
Кај Пежо, исто така нема отстапка. Легендите 404, 205, 406 Купе, секако 206, сите тие се модели што успеале и што имаат незаборавен дизајн, што Пежо не го наплаќал. Новиот 3008 е различен од сé оваа куќа досега. Повторно е различен. Дизајнот тука напредува постојано, нема резервираност или безидејност што ќе се продава како традиција.
Пежо 3008 е модел со две нули, од времето кога марката почна да ја развива понудата од модели кон тогаш новите каросериски видови – тоа значи дека различноста му е вродена на 3008, тој е еден од специјалистите на Пежо, специјализиран да се разликува
Со дизајнот на осумкава со две нули, специјалистка на Пежо, исто е како со музика од некој клуб што се шири низ просторот. Кога човек уште е далеку од клубот, гледа светло и ги слуша само басовите, насетува добар ритам. Со приближување, почнува да се препознава песната, за непосредно пред влезот во клубот да почне да се препознаваат и пејачката и одличното озвучување.
Така и со Пежо 3008. Со оваа силуета, уште оддалеку се препознава дека тоа може да биде само новиот нула-нула-осум и никој друг. Уште е свежа сликата кога пред десетина години се појави илустрација, на којашто беше прикажана страничната силуета на неколку дузини СУВ-модели, сите во бела боја и со сиви кругови што го покриваа изгледот на тркалата. Застрашувачка вистина, сите модели изгледаа исто. На таа слика, новиот Пежо 3008 ќе се разликува и ќе отстапува. Најновово француско парче автомобил се препознава оддалеку по силуетата. Како што човек се приближува, открива сé повеќе детали, за тоа на крајот да доведе до одушевеност.
Помагаат многу и трите светлечки ленти што потсеќаат на траги од мачја шепа и што веќе одамна прераснаа во обележје на марката. Но, сé друго е сменето. Предните светла се веројатно рекордно тенки, четири прсти во висина, ништо повеќе. За тоа нивно својство да се нагласи уште толку, светлата ги соединува сјајно изработена лента во боја на графит, на којашто со сета гордост е напишано 3008.
Ај-кокпит се добива само во Пежо и никаде на друго место – во неговата трета генерација, напредокот одушевува
Целата оваа музика е само најава за тоа што следи внатре. Овој кокпит што се добива само во Пежо и на никое друго место, повторно напредуваше, односно е поверно да се оцени дека тој се смени повторно. Заоблениот дисплеј што се протега по две третини од ширината на кокпитот воопшто не изгледа пренападно, туку точно се вклопува во средината. Тој личи како да е поставен врз површина што е речиси хоризонтална и во тест возилото е обложена со материјал налик на платно.
Дисплејот остава впечаток како да лебди над таблата, држачите не се гледаат. Сега не е „само“ дисплеј, туку тој е придружен со алуминиумска плоча по целата ширина, што е изработена со посебна технологија и од неа зрачи светлината од амбиенталното осветлување. Тешко да се одреди дали таа доаѓа од светлечки елементи зад плочата или можеби во самата плоча се наоѓаат светлечките тела. Ефектот е постигнат, тоа се фини нешта. Може да се избира меѓу осум бои. Нема претерување, сé е по вкус.
Воланот е вообичаено мал, зарамнет горе и оздола, со помал средишен дел и повидливи краци. Формата на воланот, со сите задебелувања, личи како да е дело на милијарди сензорски отчитувања на начините на коишто возачите го држат и вртат воланот во текот на возењето, и врз таа основа е оформен овој волан. И пак, ај-Кокпит, сега панорамски ај-Кокпит, се добива само во Пежо.
Задоволството од една страна произлегува од огромниот заоблен дисплеј, од друга страна од амбиенталното осветлување што содржи напредна технологија
Под дисплејот и светлечката плоча е изведен широк отвор за проветрување. Една од најголемите промени во новиот кокпит е преселувањето на бирачот за возење. Во почетокот ќе се случува возачите да имаат најчист ветробран во околината, затоа што по грешка, од навика ако претходно возеле понов автомобил со автоматик, ќе посегнуваат по рачката на бришачите. Тоа е сепак работа на привикнување и не е нешто што би пречело во возењето.
Сето тоа чистење на просторот на средишната конзола е направено за да се внесе голема промена и во тоа подрачје. Бидејќи мануелен менувач не е предвиден ниту под разно, со преселувањето на бирачот горе во таблата се создаде основа за просторот меѓу двете седишта да се осмисли од корен. Во подигнатата половина од конзолата се поставени главните копчиња за климатизацијата, во форма на Г. Во спуштената половина, десно во конзолата, изведена е затворена преграда со солидна зафатнина. Телефонот е сокриен на полнач под средишниот дисплеј и конзолата. Нема потреба да се гледа екранот на телефонот, за тоа уште одамна постојат напредни технологии на поврзување на телефонот со возилото, односно со дисплеите.
Уште една Пежо-посебност: Во средишниот дисплеј, практично третиот дисплеј, поставен врз средишната конзола, следи новото усовршување на ај-тоглс. Тоа се софтверските полиња за пристап до основните фунции на возилото – клима, радио, телефонија, навигација – што може да се програмираат и со едно допирање да се дојде точно до потфункцијата што возачот сака да ја има на тоа поле. Решението е познато од новиот 308 и сега доби и можност за лизгање до втор екран, каде што се прикажува вториот сет софтверски полиња, со други функции. Вкупно 10.
Бидејќи во 3008 нема да се вградуваат дволитарски мотори – односно моделот е развиван главно за електричен погон – каросеријата е искористена рационално и се добива мошне просторна кабина
Во поглед на просторноста нема забелешки, назад дури се добива и повеќе простор од очекувањата, а тоа е една од придобивките на новата платформа. Тоа е всушност најголемата новина кај автомобилов. Пежо 3008 е прв модел што ја користи платформата СТЛА Медиум на концернот Стелантис. Во основа, платформата е развиена за електричен погон и сé e ново. Просторната придобивка што се чувствува во кабината доаѓа во еден дел од тоа што не се предвидени големи и тешки мотори од два литри за вградување во 3008, па затоа и поголем дел од должината на каросеријата оди во корист на просторот за патници. Се забележува дека прагот на вратите е мошне низок, пристапувањето и излегувањето од кабината е лесно.
Моторот е 1,2-литарски ПјурТек, којшто доживеа неколку преправки во споредба со претходните годишта на моторот, главно со цел за тој да се приспособи за усвојување на благ хибриден погон. Најсреќната промена е во тоа што место ремен, сега се користи ланец. Во раните генерации на моторот е предвидено мошне строго придржување до сервисните интервали и уште построго е околу изборот на маслото во моторот, затоа што ременот се подмачкува со тоа масло. При непочитување на интервалите и спецификацијата на маслото се јавуваа проблеми што не е непознато на сцената. Со преоѓањето на ланец, тоа станува минато.
Моторот со три цилиндри и 1,2-литар во тестираниот модел, лаиците брзо го оценуваат како „слаб за таа каросерија… нема да издржи долго“, меѓутоа нештата се менуваат кога ќе се земе предвид дека тоа е мотор со турбонатполнење и во поглед на моќноста и вртежниот момент, тој е споредлив со атмосферски 1,8-литарец.
Благиот хибрид е најсимпатичната форма на електрификација – тоа што се добива во возењето вреди многу повеќе од разликата во цената во споредба со автомобил со целосно класичен погон
Пежо масовно го користи 1,2 ПјурТек во својата гама, затоа што ЕУ притиска со мерење на емисијата на ЦО2 на производителите на автомобили. Доколку просекот од емисијата на ЦО2 од сите возила што Пежо ќе ги продаде годинава биде над 95 грами на километар, концернот ќе мора да плати стотици милиони евра казна пред Комисијата на ЕУ, заради надминување на лимитот. Тоа е борбата, а причината за таа борба е забавување на климатските промени – теми што за жал уште остануваат „смешни“ на овие простори.
Бензинецот со 136 КС работи како благ хибрид. Во менувачот е вграден електромотор со моќност од 21 КС и вртежен момент од 55 њутнметри, којшто кусо му помага на моторот при забрзување, поаѓање, одржвување на брзината, но и електромотор што е способен неколку стотини метри самостојно да го движи 3008. Батеријата е мала, нема ниту еден киловатчас и вградена е под совозачкото седиште, но сосем е делотворна за да се добие симпатичен благ хибриден погон.
Постигнување потрошувачка од осум литри не е уметност, посебно во град, затоа што благиот хибрид брилјира токму во услови со често запирање и поаѓање, кога батеријата брзо се полни од залетот и ја испорачува потребната енергија за компактниот СУВ да забрза, појде, да одржува брзина.
Градското возење е проследено со сосем ново чувство, што во голем дел произлегува и од постојаната помош од електромоторот
Самиот електромотор и батеријата веројатно би чинеле под илјада евра, но 1.2 ПјурТек доаѓа стандардно со 6-степен менувач со двојна спојка, така што мора и тоа да се земе предвид при споредување со модели од други марки со слична моќност.
Помошта од електромоторот се чувствува постојано и тоа внесува пријатно чувство во возењето. Во градски услови, 3008 поаѓа практично како електромобил. При паркирање, маневрирање, главно е активен електромоторот, бензинецот мирува. За возило што тежи преку 1,6 тон, 230-те њутнметри што се испорачуваат веќе од 1.850 вртежи се покажуваат сосем доволни за 3008 да искачи на „Ветерско“ без брзината да попушти.
Комфорот е традиционална одлика на Пежо, тоа што новиот 3008 го менува е напредок во поглед на динамичноста и темпераментот во возењето, во споредба со претходникот. Тоа се придобивки од новата архитектура, што на возачите ќе им понудат поголема доверба во возилото.
Изработката на багажникот го прикажува вистинскиот карактер на гран-туризмо
Багажникот располага со истата зафатнина, што значи 520 литри, и остава впечаток со завршната изработка. Пежо сака 3008 да го позиционира повеќе во насока на премиум сегментот и тоа се огледува и по само двете нивоа на опременост во коишпто моделот е достапен во моментов – во највисоките нивоа, Алур и ГТ.
Ценовникот почнува од 35.780 евра за ниво Алур. За нивото ГТ, како кај тестираниот модел, треба да се смета на 40.140 евра. За разликата во цената, кај ГТ следуваат дополнително светла со пиксел-ЛЕД техногија и трите лавовски канџи, Три-Д задни светла, безжичен полнач за телефон, напредни функции поврзани со онлајн-услуги, панорамски дисплеј од 21 инчи, греење на волан, грб на Пежо на страничните крила, алу-педали, челични прагови, патосници, седишта обложени со алкантара, вештачка кожа и платно, автоматика за долго светло, паркинг сензори напред, електрика за вратата на багажникот, спојлери, потпирач за раце назад… уште бројни ставки, што 3008 вистински го претвораат во ГТ‚ во отмен гран-туризмо, во големина на СУВ од компактна класа.
„Опсесивно сината“ боја како кај тест-возилото е заштитна боја на 3008 и вообичаено за Пежо следи без доплата, наспроти класичните металик лакови што чинат 630 евра. Панорамски покрив доаѓа во пакет со филтер со активен јаглен – делотворен во скопскиот зачаден сообраќај – со аудио систем Фокал, плус звучна изолација на ветробранот, по цена од вкупно 2.370 евра. Напреден систем за тракција доаѓа во пакет заедно со мрежа за одвојување на багажникот и греење на ветробранот, по цена од 570 евра. Најнапредни системи за асистенција, вклучувајќи и полу-автопилот, чинат во пакет 1.740 евра. Кој има намера лускузот да го донесе до ниво на виша класа, може да доплати и за напа-кожа, што чини 2.340 евра.
Пежо ги развива новите модели без резерва, сé што се има „дома“, се послужува пред клиентите
По најновиот 3008 сам доаѓа заклучокот дека тоа што Пежо го прави различно од повеќето „генералистички“ марки е во тоа што не остава резерва. Пежо 3008 изгледа како концептен автомобил што е нацртан на дизајнерски табли и оттаму директно е пренесен во фабрика. Нема резерва, наспроти некои марки што оставаат точно половина резерва меѓу тоа што ќе го најават преку концептен автомобил и тоа што ќе го реализираат во сериски модел. Нема резерва во смисла на стравување дека на дизајнерите ќе им се изгуби креативната моќ кога ќе треба овој 3008 да се замени со наследник.
Кај Пежо нема резерва ниту во кокпитот. Тоа што ај-кокпит денес толку двои од шемата и многумина ќе се одушеват од свежината, но и од унапредената практичност, резултат е од експерименти што се направени точно навреме, кога Пежо го пушти првиот ај-кокпит. Во меѓувреме се сменија најмалку три генерации, нормално е нештата да се движат кон совршенство.
Околу техниката, Пежо 3008 е осмислен првенствено за изведбата со електричен погон. Доколку Пежо беше мала марка, што продава само во ЕУ, Французите немаше да се мислат дали 3008 да го нудат само и исклучиво во е-изведба. Меѓутоа, Пежо е марка што се продава глобално, 3008 ќе се продава и во Азија и во Јужна Америка, а тоа се огромни пазари. Моделот секако ќе се продава и во Италија, Полска, во Централна и Југоисточна Европа, каде што електричниот погон уште не е толку масовно пробиен. Затоа, 3008 се добива и со класичен бензинец – далеку од класичен. Моторот работи како благ хибрид и тоа е во моментов најсимпатичната форма на електрифијација. Соодносот меѓу предностите од е-моторот и цената на благиот хибрид, далеку е подобар од која било друга форма на елеткрификација.
Сите технички податоци, цени и главните ставки од опременоста на Пежо 3008 Хибрид 136 ГТ се прикажани во онлајн-каталогот за сите нови модели на автомобили на македонскиот пазар АВТОСАЛОН.МК
https://avtosalon.mk/listings/peugeot-3008-hybrid-136-e-dcs6-gt/
Споредба на новиот модел и на моделот од претходната генерација
|
|
3008 1.2 Хибрид (2024 год.) |
3008 1.2 Хибрид (2021 год.) |
| Вид на мотор | Бензински, благ хибрид | Бензински, благ хибрид |
| Ознака на мотор | HN09 | HN09 |
| Менувач | Автоматски менувач со двојна спојка | Автоматски менувач со двојна спојка |
| Број на степени | 6 | 6 |
| Класа на емисија | Euro 6e (WLTP) 36EA | Euro 6d-ISC-FCM (WLTP) 36AP-AR |
| Број на цилиндри | 3 | 3 |
| Подготовка на смеша | Директно впрскување | Директно впрскување |
| Натполнење | Турбо | Турбо |
| Вентили по цилиндар | 4 | 4 |
| Работна зафатнина | 1199 ccm | 1199 ccm |
| Моќност / Вртежен момент | 100 kW (136 КС) / 230 Nm | 100 kW (136 КС) / 230 Nm |
| Максимална моќност при | 5500/min | 5500/min |
| Максимален вртежен момент при | 1750/min | 1750/min |
| Положба и вид на електромотор | Куќиште на менувач / синхронен мотор со постојан магнет | Куќиште на менувач / синхронен мотор со постојан магнет |
| Моќност / вртежен момент електромотор | 16 kW (21 КС) / 51 Nm | 16 kW (21 КС) / 51 Nm |
| ДИМЕНЗИИ И ТЕЖИНИ | ||
| Должина | 4542 mm | 4447 mm |
| Ширина | 1895 mm | 1841 mm |
| Висина | 1641 mm | 1624 mm |
| Меѓуоскино растојание | 2739 mm | 2675 mm |
| Растојание од подлога | 198 mm | 219 mm |
| Круг на вртење | 10,6 m | 10,7 m |
| Агол на пристап | 18,7 степени | 20,0 степени |
| Агол на излез | 25,7 степени | 29,0 степени |
| Багажник | 520 l | 520 l |
| Багажник со соборена клупа | 1480 l | 1482 l |
| Тежина на празно возило | 1648 kg | 1553 kg |
| Дозволена тежина | 2080 kg | 2050 kg |
| Носивост | 432 kg | 497 kg |
| Приколка со сопирачки | 1200 kg | 1250 kg |
| Гуми | 225/55R19 | 225/55R18 |
| ПЕРФОРМАНСИ, фабрички | ||
| 0-100km/h | 10,2 s | 10,0 s |
| Највисока брзина | 201 km/h | 200 km/h |
| Höchstgeschwindigkeit elektrisch (Hybrid) | – | – |
| Бучава во возење | 67 dB | 65 dB |
| Град (WLTP) | 5,3 l/100 km | 4,8 l/100 km |
| Периферија (WLTP) | 5,4 l/100 km | 5,3 l/100 km |
| Отворен пат (WLTP) | 5,0 l/100 km | 4,9 l/100 km |
| Автопат (WLTP) | 6,7 l/100 km | 6,6 l/100 km |
| Просек (WLTP) | 5,7 l/100 km | 5,6 l/100 km |
| CO2 (WLTP) | 129 g/km | 125 g/km |
| Резервоар | 55,0 l | 52,5 l |















