Субвенците и поставените лимити за емисијата на ЦО2 ја забрзаа продажбата на електрични автомобили во Кина и помогнаа Британија да ја престигне Германија, како најголем пазар за батериски електрични автомобили во Европа, соопштија од агенцијата за истражување Ро Моушн.
Производителите на ЕВ очекуваат дека 2025 ќе биде година на трансформации, бидејќи забавува растот во продажбата во Кина, додека во Европа стапуваат на сила построги ограничувања во поглед на емисијата на ЦО2. Неизвесност постои дали идната влада на Трамп ќе ја промени политиката на САД во поглед на електричните автомобили.
Глобалната продажба на целосно електрични и приклучни хибридни автомобили во декември порасна за 26 проценти во споредба со истиот месец во ’23, меѓутоа тогаш растот беше поголем отколку лани, покажуваат податоците на Ро Моушн.
Продажбата во Кина во декември се зголеми за 37 проценти, на 1,3 милион возила, односно за цела година достигна 11 милиони возила.
Во САД и Канада, продажбата на ЕВ во декември забележа раст од 8,8 проценти и 190.000 продадени возила, додека во Европа беа продадени 310.000 возила, што е за 0,7 процент повеќе од истиот месец во 2023.
На останатите пазари, декемвриската проажба донесе раст од 26 проценти.
Неизвесност околу продажбата на ЕВ во 2025 година
„Укинувањето на субвенциите во Германија имаше поразително влијание врз целиот европски пазар. Доколку и САД го следат примерот, истото ќе се случи таму,“ укажуваат од Ро Моушн.
Директорот за податоци во Ро Моушн, Чарлс Лестер, коментирајќи ја ноемвриската продажба, кажа дека „не постои видливо намалување на продажбата“ на главните модели на ЕВ од кинеско производство, откако ЕУ воведе дополнителни царини за нив кон завршетокот на октомври.
Документ на ЕУ во минатата недела откри дека производителите што се соочуваат со построги ограничувања за емисијата на ЦО2 имаат намера да се здружат и да откупат кредити за емисија од производителите што имаат поголем удел на електрични автомобили во својата продажба. Тоа меѓу другото ги вклучува Тесла и Полстар, околу коишто се формираат т.н. пулови за ЦО2. На тој начин ќе се избегне плаќање високи казни кон ЕУ, при надминување на ограничувањата.
Кина, во меѓувреме, објави на 8-ми јануари дека ќе продолжи со програмата за субвенционирање и во 2025 година, со цел да ја поттикне продажбата на електрични автомобили.
















