за

Тест · Toyota Yaris Cross 1.5 Fancy

На првото тест возење, Toyota Yaris Cross покажа сé што умее, во ексклузивната изведба со хибрид и погон на сите тркала. На тестот на бензинскиот модел не требаше да има изненадувања.

Toyota веќе има два модели што се позиционираат мошне високо во продажните статистики на европскиот пазар. Денешните Corolla и Yaris постигнуваат повеќе од кои било свои претходнички. Пред една и пол година, уште беше прашање дали Yaris Cross ќе се избори да биде трет модел на Toyota на високите пазарни позиции. Сега и тоа е потврдено. Пазарот сака Toyota. Тест на Yaris Cross без хибрид, во основната моделска изведба.

Откако Toyota пронајде нова формула за Aygo и го унапреди во Aygo X, сите модели како да ѝ пораснаа за еден број. Додека повеќето производители беспоговорно се откажаа од најмалечката класа автомобили, земајќи си како оправдување дека ЕУ поставува премногу строги норми за СО2, и тоа ги условува да вградуваат скапа катализаторска техника, што прави возилата во таа класа да чинат исто колку градски автомобил, Toyota си ги испочитува купувачите и им направи мини-СУВ Aygo X. Без разлика што заработката била мала.

И вистина, Yaris Cross сега се чини многу поголем, отколку во времето кога се појави и беше најмалечка СУВ-изведба на Toyota, на којашто допрво ѝ претстоеше да се докажува. Но, колку всушност е голем Yaris Cross, со своите 4,18 метри должина? Не мора да се бара пример надвор од марката Toyota. Дури, најдобра претстава за тоа може да се добие во споредба со еден легендарен модел на Toyota, што денес е најпродаван автомобил од својата сорта на целата планета и всушност е основоположник на сé што светот денес го нарекува СУВ. Споредба меѓу Yaris Cross од моделско годиште 2023 и RAV4 од првата од сите генерации, од 1994 година.

Големото изненадување е дека „малечкиот“ Yaris Cross го надраснува првиот RAV4 за 65 милиметри во должината. Со ширина од 1,77 метар, денешниот модел е покомотен за цели седум сантиметри. Во меѓуоскокиното растојание, два света ги делат двата модели што припаѓаат на сосем различни класи – дури 15 сантиметри предност за денешниот модел. Кога ќе се земат предвид сите зони на гмечење што ја сочинуваат безбедносната структура на денешните каросерии, заедно со сите зајакнувања и скрутувања, големината на кабината на Yaris Cross е споредлива со RAV4 од 1994 година.

Yaris Cross во првата година по пазарниот старт веќе е втора најпродавана моделска серија на Toyota во Европа

Тоа значи, дека на првиот RAV4 му било сосем доволно да понуди толку простор, за да постигне пресвртница и да стане основач на една од најважните моделски серии во историјата на автомобилизмот. И Yaris Cross не е далеку од легендите на Toyota. А, денес легендите се мерат според бројките во продажбата. Името како да е клуч за успехот. Најпродавана моделска серија на Toyota на 28-те најголеми пазари во Европа лани е Yaris, но затоа и втората најпродавана моделска серија е Yaris, но со важната додавка Cross. Станува збор за повеќе од 136.000 продадени примероци. Денешниот RAV4, што повеќе влече кон средната класа, постигнал над 86.000 продажби. Првоспомнатиот, пак, Aygo X, доаѓа до 77.345 продадени примероци. Toyota игра на големо, нема модел што подзаостанува со продажбата.

Пред малку повеќе од една година, кога почнуваше на пазарот, Yaris Cross беше како новак во најбрзиот циркус на светот, во Формула 1. Таму возат исклучително ретки таленти, што претходно брилјирале во сите пониски тркачки серии, од картинг, преку Формула 4, па 3, па регионална Ф3, па Формула 2, за на крајот да почнат да возат за кралицата на мотоспортот. И потоа, во Ф1, сцената очекува дека гласно најавуваниот новак ќе се докаже уште на првата трка, и се разочарува од секоја следна трка, на којашто тој нема да освои бодови. Сé додека не почнат големите триумфи.

Чекањето за Yaris Cross да победи сепак траеше многу кусо. Новакот на Toyota во најпродаваниот сегмент во Европа, Б-СУВ сегментот, мораше да се соочи со „монструми“ во продажбата, од ков на Peugeot 2008 или Volkswagen T-Cross. Тука се и Renault Captur, Suzuki Vitara, Seat Arona, Skoda Kamiq, Jeep Renegade, Citroen C3 Aircross, Fiat 500, Opel Mokka и Crossland, Kia Stonic. Кога ќе се избројат сите нивни изведби, со различни мотори и опрема, излегуваат близу 350 варијанти.

Само неколку СУВ-модели во Б-сегментот надминуваат сто илјади продажби на европскиот пазар

Резулатот за Yaris Cross вели: Со 136.602 возила, тој е единствено зад Peugeot 2008 (141.068 возила) и со незначителен заостаток зад Ford Puma (136.751 возила), но затоа е пред Renault Captur (134.852 возила) и Volkswagen T-Cross (со 110.885 возила). Тоа се воедно и единствените модели во класата, што надминале сто илјади продажби.

Што ли е тоа што толку убедува кај овој автомобил? Прво е искуството на Toyota. Кога ќе се спомне СУВ-изведба од класична градска комбилимузина, обично не се очекува дека просторноста во кабината ќе биде многу поразлична. Тука прво убедуваат конструкторите на јапонската марка. Исто како при првиот тест на моделот лани, во неговата супер-варијанта со хибриден погон и екстра електромотор назад, првиот впечаток по седнувањето е дека ветробранот е далеку напред. Така се создава мошне пријатно просторно чувство напред, човек би рекол дека седи во компакт.

Двајца возразни патници имаат добра комоција на задната клупа, постигната со тоа што се седи правилно високо и останува многу простор за стопалата да се сместат под предните седишта. Изненадува просторноста, и тоа не е случајно, затоа што при секое спомнување на платформата TNGA, инженерите на Toyota не пропуштаат да напоменат дека меѓу главните одлики на истата се вбројува и рационалното искористување на просторот.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Automedia.mk (@automedia.mk)

За зафатнината на багажникот нема што да се забележи. Да не беше Skoda Kamiq со своите рамно 400 литри, Toyota ќе беше рекордер. Вака, со „само“ 397 литри, Yaris Cross мора да ја препушти титулата на најголем багажник. Отсуството на двоен под и соодветно дебела подлога на подот потсетува дека ова е основната моделска изведба, со ознака Fancy. Што се однесува до вистински корисните нешта, како што се правилна форма и добро осветлување на багажникот, Yaris Cross и тука ќе направи секојдневието да биде среќно. Тоа важи уште повеќе кога ќе се открие дека задната клупа е триделна, па може да се соборува во најразлични варијанти, по потреба.

Посебно задоволство е кога ќе се откријат детали од големите теренци на Toyota, искуството со Land Cruiser и Hilux секако дека е присутно и во Yaris Cross

Вистинскиот шарм се покажува кога од возачкото седиште ќе се забележат издадените странични површини на хаубата. И точно кога човек во тој момент ќе заклучи дека ова е вистински СУВ, со гени од теренски Land Cruiser и Hilux, доаѓа следното угодување. Прскалката за задното стакло е сместена горе, и за разлика од повеќето булеварски СУВ-модели, каде што млазот се распрснува по „случаен избор“, тука некој паметен инженер пресметал вредно и обезбедил дека стаклото ќе биде чисто. Такви мали, но големи нешта, прават малите СУВ од ковот на Yaris Cross да бидат големи.

При развојот на моделот беше вклучена и варијантата со погон на сите тркала, како таа во којашто Yaris Cross го возеше првиот тест во Аутомедиа. Тоа се покажува во бројни подрачја, вклучувајќи ја секако и цврстината на каросеријата. Со четворица возразни патници, ниту моторот, ниту пак каросеријата или подвозјето не се преоптоварени. Вообичаено за тест возилата во нашата редакција, и со Cross извозевме една мошне интересна репортажа, што ќе биде објавена наскоро.

Автомобилов не е конструиран по шема, туку е воден според идеја. На бројни места се покажуваат посебностите на моделот и на тој начин се засакува оваа Toyota. Прекинувачите за прозорците што се во возачката врата, на пример, поставени се необично високо и рамно. Формата на целата рачка во вратата е посебна. И секако дека постои причина за тоа. Така поставените прекинувачи секогаш се во видокругот и овозможуваат ракување без погледот да се трга од патот.

Вообичаено за Toyota, практичноста во кабината одушевува

Друг детал е малата вдлабната полица на половина висина во средишната конзола. Прво човек не знае што да прави со неа, затоа што производителите направија да заборавиме дека тоа е најпрактичниот дел за одлагање предмети, но откако ќе воспостави природниот рефлекс и ќе почне да се користи полицата, возењето ќе почне веројатно три минути побрзо, затоа што нема потреба да се бара место каде да се стават предметите од џебовите. Уште еден мал, но голем детал во „малата“ Toyota, голема колку првиот RAV4.

За подвозјето, душата на секој автомобил, само кусо: Комфорна и доволно мека амортизација, одлична изолација од звуци и генерално тивко подвозје на ранг на компакт класа, одлична спрега меѓу динамични возни својства и пријатно возење. Тоа што подвозјето е тивко и во целина мошне зрело, направено е заради варијантата со хибриден погон. Тој самиот работи мошне тивко, и секаков звук што обичен мотор ќе го прикрие, во верзијата со хибриден погон би се слушало уште толку посилно.

Овој Yaris Cross вози со бензинец од 1,5 литар, со три цилиндри, без турбонатполнење. И без хибрид. Тоа е истиот мотор што се впрегнува и во хибридниот модел, како и во неодамна тестираната Corolla Sedan. Тоа што јапонскава марка нé има поучено досега: За еден хибриден погон да биде добар и штедлив, неопходен е добар и штедлив мотор. Таков е овој 1,5-литарец, што во нехибридната верзија постигнува 125 КС и 153 Nm, наспроти верзијата што се вградува во хибридниот модел, со 92 КС и 120 Nm.

Еластичниот мотор дозволува градското темпо да се следи релаксирано во петтиот степен на пренос

Главната одлика му е рамномерното ослободување сила, а тоа значи дека повлекува уште од најниски вртежи. Тоа е предимството на трите цилиндри. Мотор со зафатнина од 1,5 литар, со три цилиндри, повлекува посилно од пониски вртежи, во споредба со мотор со иста зафатнина, но со четири цилиндри. Станува збор за мотор со висока еластичност. Во градското секојдневие, поретко ќе се посегнува по менувачот. Еластичноста е воедно и основа за штедливото возење. Со брзо префрлување до петтиот степен, возењето со градско темпо е мазно, тивко, штедливо.

Од друга страна, зафатнината од 500 сантиметри кубни по цилиндар е оптималната вредност меѓу ефикасност и моќност. Затоа повеќето 1,5-литарци од нова генерација се трицилндарски мотори, дволитарците се четирицилиндарски, трилитарските се шестцилиндарски, четирилитарските се осумцилиндарци. Вредноста во градското секојдневие ќе се движи околу седум литри, што е одлична вредност. На отворено, може да се смета на вредност со шестка пред запирката. На рутата по којашто ја возевме репортажата, по ридски терени, со често забрзување и сопирање, со четири возрасни патници – и често запирање, заради фотографирање – вредноста на потрошувачката беше 7,9 литри според патниот компјутер. Тоа би требало да важи како највисока граница на потрошувачка, и тоа е уште една добра вест што ја носи овој автомобил.

Најголемата сензација е опременоста. Тука не станува збор за клима уред или тркала од лесен метал – што Тојота Авто Центар, патем, ги вклучува уште во основната моделска изведба на Yaris Cross за македонскиот пазар – туку за технологијата што е суштина на денешните автомобили, а тоа се системите за асистенција за безбедност и комфор.

Големиот број системи за асистенција, Toyota ги вградува практично гратис во своите модели

Приспособливиот темпомат е посебна благодат кога се вози во колона, при што брзината се раководи според возилото напред. На тоа доаѓа и систем за задржување во лента, како и предупредување при опасност на пат и препознавање пешак или велосипедист на пат. На крајот, долу под воланот ќе се забележи и копче за вклучување на автоматиката за долго светло. Toyota уште од старт пристиска да постигне водечка улога на пазарот во овие системи за асистенција, и затоа истите се стандард во Yaris Cross и понатаму во целата гама, додека кај конкуренцијата честопати мора да се доплаќа за овие системи.

Yaris Cross со основното ниво на опрема на македонскиот пазар Fancy, се вади од салон со тркала од лесен метал, сензор за дожд, затемнети задни стакла, диодни магленки, средишен дисплеј од 8 инчи, задна камера, клима уред, потпирач за лакти напред, кожа на воланот и на рачката на менувачот, самозатемнувачки ретровизор, електрична паркирна сопирачка – и тоа што е најусреќувачка ставка во деновите кога зимата ќе реши пред крај да покаже зошто е зима, греење во предните седишта. Повеќе има опрема, отколку што нема. Во основниот модел, Fancy. Тоа е поздрав од долгите години работа на Тојота Авто Центар.

Цената за моделот, со 1,5-литарски бензинец со 125 КС и ниво Fancy изнесува 23.290 евра – за модел што е далеку од основен. Ова може повеќе да се оцени како оптимална понуда, во поглед на понуденото и цената. Нивото Chic за уште 2.400 евра доплата додава диодна техника за сите светла на возилото, алу-тркала поголеми за еден инч (17 инчи), предни и задни сензори со самостојно запирање, пристап и старт без клуч, дигитални инструменти од 7 инчи и уште еден пар звучници екстра. Хибридот во истото ниво Fancy чини 26.790 евра, односно 3.500 евра повеќе од тестиранава изведба. Кај хибридната изведба се вклучени и автоматика за клима уредот, избор на режими за возење и уште неколку ставки, така што разликата во цената хибрид-бензин би се свела на околу 2.000 евра. Меѓутоа, како еден меѓузаклучок, хибридот не е услов за Yaris Cross да биде добар избор, затоа што и чисто бензинската изведба си има свои предности.

Во Toyota сакаат да им угодат на своите клиенти. На пример, со мали изненадувања. Едно копче на коешто пишува iMT прави извесна непознаница. За што точно служеше ова копче, ќе заборави човек … Сеќавањето доаѓа на место кога ќе се забележи дека со вклучен iMT, моторот додава меѓугас при префрлување во понизок степен на пренос. Од една страна, нема подвиткување на вратот кога нов возач ќе седне да го „испроба“ моторното сопирање, а од друга страна, искусен возач ќе се забавува кога ќе препознае колку добро функционнира системот. Уште една корисна функција, е тоа што во остри „лакти“ на патот, кога човек ќе се заборави и треба среде свијок да префрли степен подолу, рачката на менувачот се движи мазно, не постои можност таа да запне, па да треба да се запре и да се поаѓа од ново.

Toyota Yaris Cross е автомобил за којшто не се прашува „а, има ли тоа“ или „а, може ли тоа“

Врската меѓу RAV4 и Yaris Cross е многу поголема отколку што би можело да се насети. Yaris Cross е концептот на забавно, необврзувачко возило за сите генерации на RAV4 од средината на 1990-те, што е пренесен во денешницата. Тоа не важи само за димензиите и за слободата да се вози надвор од асфалт, туку важи за целиот дух на моделот. RAV4 низ генерациите стана „премиум име“ и денес практично покрива две класи возила, компакт класата со основните изведби, и средната класа со најскапите изведби. C-HR е стилски тркач, речиси уметност на тркала. Новата Corolla Cross e сериозно семејно возило, Highlander го застапува амерканскиот дух на поголемо е поубаво. Така излегува дека Yaris Cross е најзабавниот и најмалку обрзувачки модел во СУВ-понудата на Toyota.

Дизајнот се разликува толку, што кога во мрак се проаѓа покрај редица возила наредени на паркиралиште, Yaris Cross се препознава уште оддалеку, не може да е утне. Носот, исто така, тоа е дизајн на нос на ајкула. Од нештата што не се толку „забавни“, односно се сериозни квалитети на Yaris Cross, по тестов, се издвојуваат просторноста на кабината, тивкото и добро балансирано подвозје, не само одличната, туку и надмоќна опременост, еластичноста и штедливоста на моторот, добрите возни својства. Сето тоа се заокружува со цената.

Технички податоци и главни ставки од опременоста на тестираниот модел, до нашиот онлајн-каталог со сите нови автомобили на македонскиот пазар, АВТОСАЛОН.МК

Toyota Yaris Cross 1.5 Fancy

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mercedes-Benz eSprinter: 400 километри на струја, полни за 42 минути

Ford отпушта 3.800 инженери и административци во Европа