за

Ford отпушта 3.800 инженери и административци во Европа

Ford ќе задржи околу 3.400 инженери во Европа, коишто ќе работат на основните технологии што ќе ги добиваат од своите колеги во САД.

Американската компанија Ford планира во следните три години да скуси 3.800 работни места во развојот на производи и во администрацијата во Европа. Производителот на автомобили го образложи овој потег со растечките трошоци и неопходноста од смалување на работната сила, додека преоѓа на производство на електрични возила.

Околу 2.300 работни места ќе бидат укинати во фабриките на Ford во Келн и Ахен, потоа 1.300 работни места во Обединетото Кралство и уште 200 работни места ширум Европа. Американскиот производител на автомобили планира смалувањето на работната сила да го оствари преку програма за доброволно заминување на персоналот.

Работничките синдикати кон крајот на јануари соопштија дека најлошото сценарио што се спомнува е отпуштање 2.500 вработени во Европа.

Ford ќе здржи околу 3.400 инженери во регионот, коишто ќе работат на основна технологија што ќе им ја испорачуваат нивните колеги во САД. Задача на европските инженери ќе биде технологијата да ја приспособат според барањата на европските купувачи, соопшти Мартин Сандер, директор за патнички возила во Европа и директор на германскиот огранок на Ford.

„Значително се смалува работата што треба да се заврши, додека се напушта погонот со мотори со внатрешно согорување. Преоѓаме во свет со помалку глобални платформи, во којшто има смалена потреба од инженерска работа. Од тие причини мораме да ги направиме овие приспособувања“, изјави Сандер.

Ништо не се менува во стратегијата за електрификација, напомена Сандер. Останува целта, Ford од 2035 година да нуди само целосно електрични патнички автомобили и доставни возила во Европа.

До завршетокот на деценијава, Ford ќе ја префрли целата своја понуда од патнички автомобили на батериски електричен погон, додека кај доставните возила се планира во истиот рок да се достигне електрификација на две третини од понудата.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Ford News Europe (@fordnewseurope)

Ford кон крајот на годинава ќе го претстави својот прв целосно електричен модел што е конструиран врз платформата MEB на Volkswagen и што ќе се произведува во Европа. Се проверуваат и можности за модели врз сопствената електрична платформа на Ford да се произведуваат во Европа, веројатно во Валенсија, Шпанија.

Ford го прекина производството на Fiesta во Келн. Тоа е моделот што беше основа на присуството на марката на европскиот пазар уште од 1976 година. Во 2025 година ќе заврши и производството на компактот Focus, во фабриката во Сарлуис, Германија.

„Ја подготвуваме нашата организација да се натпреварува и да победи, во регионот што се соочува со историска економска и геополитичка пресвртница“, заклучува Сандер.

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Тест · Toyota Yaris Cross 1.5 Fancy

Основачот на VinFast не планира да троши уште пари на електричната марка