Милијардерот Фам Нат Вуонг повеќе не планира да вложува свои пари во VinFast, изјави извршната директорка на компанијата. Виетнамскиот производител на електрични возила доцни со плановите за изградба на фабриката во САД и отпушта вработени.
Вуонг, чијшто имот се проценува на 4,1 милијарди долари, претседател е на Vingroup, конгломерат што е присутен во градежништво и трговија со недвижнини, во забавни паркови и во образованието.
Виенамскиот богаташ го основаше VinFast во 2017 година. До септември лани, сопствениците и инвеститорите вложија околу 7,5 милијарди долари во електричната марка, за да се покријат оперативните трошоци и капиталните инвестиции.
„Господин Вуонг во моментов нема планови“ за лично да продолжи да вложува во VinFast, изјави извршната директорка Ле Ти Ту Туј, одговарајќи на прашањето од Блумберг Њуз.
VinFast имаше загуба од 1,3 милијарда долари во 2021 година и уште близу 1,5 милијарда долари во првите девет месеци од 2022 година. На тоа укажува документацијата со којашто располага американската комисија за хартии од вредност и берза, пред планираната почетна јавна понуда, односно пред компанијата да стартува на берзата. Во декемвриската пријава исто така се наведува дека компанијата очекува да продолжи да бележи загуба во следните години.
VinFast требаше уште во септември да почне со изградба на фабрика во Северна Каролина, САД. Тоа го најави шефицата Туј за време на економскиот форум во Катар во јули лани. Изградбата на фабриката дури беше поздравена од претседателот Бајден, кој во март објави на твитер дека тоа е „последен пример за ефектите од мојата економска стратегија“.
Туј неделава изјави дека во фабриката „главно е завршена подготовката на градилиштето“ и дека VinFast е во „завршна фаза со добивањето дозволи за изградбата да почне“. Таа додаде дека VinFast уште е во роковите со коишто се предвидува пробното производсрво во фабриката во Северна Каролина да почне во 2024 година.
Колку подолго се одложува изградбата, толку повеќе време ќе биде потребно за VinFast да почне со локално производство на електрични возила во Северна Америка. Тоа е условот, за возилата на VinFast да може да се добие американската субвенција во висина од 7.500 долари за електрични возила.
View this post on Instagram
Во меѓувреме, VinFast планира да ги произведува електричните возила во својата фабрика во Хаифонг, на северот на Виетнам, и со брод да ги превезува до САД. Но, и тие испораки се одложени и место кон завршетокот на 2022 година, возилата треба да бидат натоварени на брод во втората половина од месецов.
Туј го образложи доцнењето наведувајќи дека VinFast чека одобрение од американската агенција за заштита на животната средина, за зголемениот досег на својот модел VF8, којшто сега изнесува 207 милји, односно 333 километри. „Додека го чекаме одобрението од агенцијата, VinFast продолжи да го обновува софтверот, со цел да го подобриме корисничкото искуство“, кажува шефицата.
VinFast скуси околу 80 работни места во Северна Америка, вклучувајќи го директорот за финансии во САД. Заминувањето на Родни Хејнс, директорот за финансии на VinFast во САД, „не ги менува активностите на Vinfast во САД или глобално“, коментираат од компанијата.
















