Renault и Nissan ќе вложат 600 милиони долари за зајакнување на своите бизниси во Индија, вклучувајќи и план да се пуштат во продажба шест заеднички развиени модели.
Компаниите го опишаа вложувањето како појдовна точка со којашто ќе се отворат дополнителни 2.000 работни места во Ченаи. Тамошната фабрика на алијансата произведува модели од двете марки и вклучува и центар за истражување и развој.
Соработката во Индија е меѓу петте нови проекти што Renault и Nissan ги договорија во новостартуваниот сојуз во почетокот на месецот. Со новиот договор, двете компании учествуваат со по 15 проценти акции во партнерската компанија, со целосно право на глас.
Во претходните релации во сојузот, Renault поседуваше 43 проценти од акциите на Nissan, којшто пак учествуваше со 15 проценти во француската компанија, а немаше ниту право на глас. Тоа создаваше постојано разидување меѓу партнерите, што на крајот доведе до повеќемесечни преговори. Извршниот директор на Renault, Лука де Мео, ги опиша преговорите како „напнати“.
Nissan воедно ќе вложи до 15 проценти во огранокот за електрични возила, што Renault планира да го издвои како посебен бизнис, под името Ampere.
Renault произведува три клучни модели во Индија, сите покуси од четири метри, за возилата да не влегуваат во категоријата за којашто индиската држава наплаќа повисоки даноци. Трите модели се минито Kwid, незначително поголемиот кросовер Kiger и моделот Triber, што е достапен и во изведба со седум седишта.
Продажбата на Nissan главно се базира врз малечкиот СУВ-модел Kick и врз моделот Magnite, којшто е речиси идентичен со Kiger.
Меѓу новите модели што се најавуваат се два мини-автомобили со целосно електричен погон. Тоа ќе бидат први модели Renault и Nissan со таков погон во Индија. Конкурентскиот концерн Stellantis неодамна започна со производство на целосно електричниот мини-автомобил New C3 во Индија. Иако ознаката е слична со европскиот модел на Citroen, нема многу заеднички точки меѓу двата модели.
Останатите планирани модели се четири компактни СУВ, развиени од ново. Сите нови модели ќе се конструираат и проиизведуваат во Ченаи. За нив ќе се користат заедничките платформи на алијансата, „со задржување на посебниот и различен стил на соодветните марки“, се наведува во соопштението.
View this post on Instagram
Клучен момент во новата стратегија е да се зголеми искористеноста на фабриката до 80 проценти, преку извоз. Двете компании не наведуваат понатамошни детали околу тоа каде се планира извозот на индиските модели.
Компаниите ја сменија и сопственичката структура на својот бизнис во Индија. Nissan поседува 51 проценти од фабриката во Ченаи, останатите 49 проценти му припаѓаат на Renault. Соодносот е сменет за центарот за истражување и развој, каде што Renault држи 51 проценти, а останатите 49 проценти му припаѓаат на Nissan.
Далеку најголем производител на индискиот пазар е Maruti Suzuki, со продадени 1.118.659 возила лани. Втора е групацијата на Kia и Hyundai, со 552.511 возила. Renault е на третото место, со продадени 87.118 возила, додека Nissan е на 13-то место, со 34.565 возила. Продажбата на патнички автомобили во Индија се зголеми за 24 проценти во минатата година и достигна 3.997.996 возила.
Индија ја престигна Јапонија и стана трет најголем пазар за патнички автомобили во светот, по Кина и по САД. Аналитичарите предвидуваат пазарот годинава да порасне 6 проценти, а продажбата на возила во 2027 година се очекува да достигне пет милиони возила.