за

Mercedes-Benz eSprinter: 400 километри на струја, полни за 42 минути

Mercedes-Benz има нова генерација на електричниот Sprinter, достапна на 60 пазари, ќе се продава и во САД и Канада.

Избор од две каросериски фирми и две должини, како и три големини на батерија, прават новиот Mercedes-Benz eSprinter да одговара за секаков вид на примена. Освен во две фабрики во Германија, големото доставно возило ќе се произведува и во Јужна Каролина.

Целата понуда од доставни возила на Mercedes-Benz Vans вози на струја. Новиот eSprinter е развиен со цел да понуди најмногу што може во ефикасноста, досегот и големината на товарниот простор. Под мотото „Lead in Electric Drive“, електричниот Sprinter ќе биде достапен на повеќе од 60 пазари ширум светот.

Конструкцијата се заснова врз три модули, за да се овозможи eSprinter да се изведе во исто толку изведби и варијанти, колку Sprinter со обичен погон.

Предниот модул е заеднички за сите варијанти и ги содржи сите високонапонски делови. Вториот модул ја содржи батеријата во подот и тоа е најваријабилната компонента, додека третиот и најважниот модул е задната оска, вклучувајќи го погонскиот електромотор. Модилот со електричната задна оска исто така е заеднички за сите варијанти на eSprinter.

Во развојот на новиот eSprinter се вложени 350 милиони евра. За производството во трите фабрики – Чарлстон во Јужна Каролина, и Диселдорф и Лудвигсфелде во Германија, вложени се по 50 милиони евра.

Продажбата ќе стартува напролет во САД и Канада, во долгата варијанта со висок покрив. Доставното возило во почетокот ќе се продава со најголемата батерија со капацитет од 113 kWh. Товарниот простор има зафатнина од 14 метри кубни, дозволената носивост е 4,25 тони.

Просечната вредност на досегот изнесува 400 километри. При возење во град, каде што е соодветно поголема рекуперацијата на енергијата, досегот може да достигне 500 километри.

Европа ќе ги добие првите примероци од електричното доставно возило кон завршетокот на 2023 година. Понатаму ќе бидат воведени верзијата со гола шасија и други варијанти на батеријата. Mercedes-Benz очекува на тој начин да привлече нови бизниси и нов круг на клиенти за eSprinter, вклучувајќи ги работилниците за каросериска надградба.

Електричната задна оска, што го содржи и новиот електромотор, првпат се вградува во доставно возило на Mercedes-Benz. Синхрониот мотор со постојана магнетна побуда тежи само 130 килограми и се одликува со ниска потрошувачка. Може да се избира меѓу две варијанти, со максимална моќност од 100 и 150 киловати (136 и 204 КС), со вртежен момент до 400 њутнметри.

За батеријата може да се избира капацитет од 56, 81 или 113 лкиловатчасови. Батеријата со литиум – железен фосфат не користи кобалт и никел.

Вградениот полнач во возилото има моќност од 11 киловати. При користење брз полнач со еднонасочна струја, новиот eSprinter може да полни со моќност до најмногу 115 kW.

Батеријата од 56 kWh на брз полнач достигнува наполнетост од 80% за 28 минути. За големата батерија од 113 kW се потребни 42 минути

Во новиот електричен Sprinter се вградува истата MBUX-генерација како во патничките возила на Mercedes-Benz. Навигацијата помага да се организира и возење на подолги рути, при што се зема предвид и конфигурацијата на теренот, односно нагорнините и надолнините.

Mercedes-Benz почна да ја електрифицира понудата од доставни возила уште во 2010 година, со Vito E-CELL. Денес погонот на струја е достапен во целата понуда од модели, од Citan до Sprinter.

Од 2025 година, новите генерации модели на Mercedes-Benz Vans повеќе нема да користат мотори со внатрешно согорување, односно ќе бидат целосно електрични возила. Основата за тие модели ќе ја даде новата платформа VAN.EA (MB Vans Electric Architecture).

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Дали Tesla навистина е најпродавана електрична марка во Европа

Тест · Toyota Yaris Cross 1.5 Fancy