за

Тест: Kia Stonic 1.2 Reference

Kia Stonic е единствена и искрена понуда во сегментот на градски СУВ-модели и кросовери со надувани каросерии и соодветно надувани цени.

Два автомобили во еден – тоа е формулата што ја нудат кросоверите. Kia Stonic на тоа додава уште еден автомобил. Покрај тоа што е компактен и комотен за секојдневието, Stonic може на моменти да биде и во улога на теренец. Третиот автомобил е спортски. Можно е во малиот брат на Sportage и XCeed да се крие уште некој автомобил. Тестот ќе покаже најдобро.

Тоа се случува често во светот во којшто мускули се градат од лежечка положба. Човек посетува студио за фитнес еден месец, два месеци, половина година, доаѓа време кога на ножна преса без проблем подигнува 100 килограми во полна серија. Во така воспоставената рутина, ќе се случи еден ден да треба да се потрча. И, изненадување! Откако ќе открие колку лесно му станало трчањето, човек не знае дали да се радува или да тагува – првото, затоа што е природно луѓето да се радуваат кога ќe стекнат нова „вештина“, а второто, затоа што е природно луѓето да се разочараат од тоа што сето време имале нешто покрај себе, во случајов во себе, а не го користеле.

Исто е со Kia Stonic. Човек може со неа да мине среќно стотици илјади километри, да изживее цела една животна фаза со автомобилот, седумте години од гарантниот период да му поминат со хронична насмевка зад воланот, а пак да не дознае дека тоа што автомобилот во некои детали личи како теренец е поради тоа што автомобилот, во бројни ситуации, и фактички може да извози како теренец. Ова сепак е кросовер, што и навистина функционира како таков.

Kia Stonic изгледа исто како што функционира. Таа е лесен и темпераментен кросовер кога се вози на асфалт, а за куси излети надвор од асфалтот покажува и солидни теренски способности – главно поради големиот клиренс, кој е ист како кај СУВ

Stonic во секојдневието е примерен модел од градската класа. Темелите доаѓаат од Rio, но „градбата“ е различна. Дополнителните 7,5 сантиметри во должината од вкупно 4,14 метри се додадени назад, заради повеќе простор на задната клупа и за поголем багажник. Во сите правци се добива екстра: 3,5 сантиметри во ширина, 5,5 сантиметри во висина, плус 27 литри плус во багажникот, кој располага со вкупно 352 литри.

Најголемите „конкуренти“ за Stonic се во сопствените редови – таму е вечниот бестселер Sportage, но и Ceed, како два модели што имаат изградено моќно име на сцената, поради што Stonic мора прво да се докаже дека е добар најмалку исто колку нив

Идејата при претставувањето на моделот пред нешто повеќе од три години беше Stonic да се нуди само на европскиот пазар. Но, откако Корејците го „видоа“ моделот, а не може поинаку затоа што Stonic се произведува во земјата, на иста лента со Rio, почнаа и тие да го бараат компактниот кросовер. Овој автомобил дефинитивно поседува нешто екстра и точно тоа го покажува примерот со „непланираната“ продажба на моделот во Кореја.

Дизајнот е вториот мотор на Kia. Во случајот на Stonic, неговиот изглед е производ од дизајнерските студија на Kia во Франкфурт и во Намјанг – наспроти Rio, којшто е нацртан во студијата во Калифорнија и Намјанг. Ставата на кросоверов е точно тоа што дизајнерите го опишуваат како напнатост во изгледот. Stonic личи како во секој момент да ќе скокне. Притоа нема пренагласени потези во каросеријата или здодеани финти што се повторуваат низ целата марка – секоја Kia изгледа различно, но пак се познава дека е Kia.

Аха-моментот следи кога со Stonic ќе се напушти асфалтот – или ќе се тргне по патишта на кои возачот само мисли дека вози по асфалт, затоа што има повеќе дупки отколку не-дупки. Точно е дека подвозјето на Stonic работи за нијанса поцврсто и дека од тоа би требало да се очекува истото да реагира уште поцврсто при возење по нерамен пат. Место тоа, се случува изненадување. Тоа што не се наведува како ставка во списокот на сериска опрема, а го поседува секој Stonic, тоа се таканаречените преднапрегнати вентили во предните амортизери. Кусо, тоа значи дека амортизерите реагираат побрзо и посоодветно на нерамнините во патот. Во комбинација со задни амортизери што се поставени речиси вертикално, се добива вешто конструирано и дотерано подвозје, што работи хармонично и претставува уште еден темел за овој автомобил да се обожува.

Stonic е за најмалку сто килограми полесен од Puma, 2008 & Co, но тоа не значи дека автомобилот е „олеснет“ за толку, туку Kia избра каросеријата во најголем дел да ја изработи од челик со висока цврстина – при иста цврстина, тој е потенок и штеди килограми – и секако дека е поскап

Од друга страна, иако тоа е најважно во целиот контекст, каросеријата се одликува со исклучителна цврстина. Така се гарантира дека суспензијата ќе го работи точно тоа што е нејзина задача, место да компензира за свивањето на каросеријата. Секако дека постои причина за оваа тврдокорност на Stonic: Дури 51% од каросериската структура се состои од челична ламарина со висока цврстина. Уште една причина за примената на скап челик за каросеријата на Kia е во целта да се намали тежината, во смисла на смалување на потрошувачката и на емисијата на СО2 & Co, подобрување на возната динамика, комфорот… значи бројни придобивки произлегуваат од тоа. Конечно, Stonic тежи 1.155 килограми. Точно таму се огледува колку се современи денешните конструкции: Тешко, денес значи евтино, а аналогно на тоа, релативно пониската тежина на Stonic во споредба со конкуренцијата, значи и дека во неговата каросерија е вложено повеќе.

Големо е задоволството кога во Stonic ќе се открие „уште еден автомобил“, откако ќе се напушти урбаното секојдневие.

Тоа е спротивно на убедувањата, меѓутоа е реалност. За споредба, наспроти „витите“ 1.155 килограми на Stonic, за повеќе од сто килограми е потежок Citroen C3 Aircross, а не зааостануваат Ford Puma или Peugeot 2008. Возило полесно сто килограми е друга димензија во денешниот свет. Истото беше случај и со Golf VII, кога се појави драстично полесен од „шестката“. Со мотор со 100 КС, германскиот компакт постигнуваше иста динамика како Golf VI со 115 КС во претходникот, а потрошувачката се смали за неколку литри.

Целиот овој „пакет“ на Kia Stonic се заокружува кога се вози подинамично по кривулест пат. Со постегнато подвозје од Rio, кросоверов одвај покажува некое поосетно навалување во свијоци. Управувањето има само 2,5 вртежи меѓу крајните положби, толку директен пренос ретко се сервира во класата. Со цврстата каросерија, со вешто дотераната геометрија на подвозјето и со прецизното управување со солидна повратна информација, Stonic покажува спортски темперамент. Оваа база е подготвена за многу повеќе од 120-те КС кои Kia ги нуди како максимум во кросоверот. Доколку уште беше време за на сцената да се покажуваат мускули, Kia сигурно немаше да пропушти да изведе вистинскa GT-верзија. Затоа, пак, не недостига GT-Line верзија, со нагласен спортски стил.

И повторно за лесната каросерија – со мотор со 84 КС, возната динамика на Stonic остава впечаток како напред да работи мотор со 100 КС. Потрошувачката на гориво исто „знае“ дека Stonic е стотина килограми полесен

Концептот на Kia Stonic се покажува делотворен откако возачот ќе се свести дека напред работат „само“ 84 КС. Доколку не се знае точната вредност, повеќе би се претпоставувало дека станува збор за 100 КС. Задоволителните перформанси што ги покажува Stonic со четирицилиндарецот од 1,2 литар, во голема мера се должат на ниската тежина, односно на примената на челик со висока цврстина за каросериската структура.

Без спектакли во дизајнот, едноставно и прегледно за ракување, вообичаено добра изработка, по ново се вградува голем средишен дисплеј од 8 инчи на допир

Спринт до темпо сто за 13,5 секунди и крајна брзина од 165 km/h сигурно не се вредности што би се очекувале за мотор од 84 КС. Од друга страна е вистина дека тие перформанси се „купени“ со незначително скусен краен преносен однос и со тесно степенуван менувач. Но, пак од некоја друга страна, Kia не го стекна местото што ѝ припаѓа денес со „подвалување“. Конечното уверување во универзалниот карактер на Stonic следи, кога на автопат, при нормално темпо, ќе се утврди дека во кабината е релативно тивко.

Моторот не негодува кога треба да се заврти над 4.000 вртежи, напротив. Атмосферецот меко и без отпор продолжува до крајното подрачје на вртежи. Звукот и во тие моменти останува култивиран, возачот неретко ќе се најде во ситуација кога намерно ќе го изврти моторот до 6.000 вртежи, само за да ужива во тоа, колку моторот ги сака високите вртежи. Граничникот, патем, се вклучува на 6.500 вртежи. Најдобрата вест ја има патниот компјутер, кој пријавува под седум литри на сто километри. Моторот G1.2 е од генерацијата Smartstream и меѓу другото се одликува со два инјектори по цилиндар (Dual Port Injector). Една од предностите на DPi е токму во штедливоста, така што и не треба да изненадува вредноста што ја добивме на тестот – значи, Kia пак сервира двојно. Што се однесува до погонот и до подвозјето, Kia Stonic досега е повеќе од убедлив модел во својата класа – во којашто конкурираат дури 15 модели, од Citroen C3 Aircross до Peugeot 2008.

Тоа што купувачите ќе го ценат кај Kia Stonic е завршната изработка – на сите страни се добиваат уверувања дека „менаџерот за квалитет“ го проверил секој агол на кросоверов, пред негово одобрување за сериско производство

За разлика од конкуренцијата што кон своите модели во оваа класа се однесува како кон сирачиња, Kia очигледно ја сака колава: Кога ќе се отвори врата, долу се покажува заштитен праг што спречува ногавиците да се извалкаат од каросеријата, а исто и подот на багажникот, што се мести на две висини, доволно е цврст да издржи и потежок куфер, без да се прекрши. Тоа се „детали“ на кои се внимава во Kia. Само во багажикот може да се посочат десетина позиции од типот на „пронајдете ги разликите“ (во споредба со автомобилите кои немаат толку педантна завршна изработка како Kia).

Се покажува погрешна претпоставката дека стегнатото подвозје ќе пречи откако ќе се напушти асфалтот – амортизерите користат т.н. преднапрегнати вентили, со што се постигнува побрза и одмерена реакција. Секако дека и ниската тежина на Stonic има улога за тоа

Киа Моторс Македонија моментно има акциска понуда за Stonic. Во комбинација со моторот 1.2 DPi, може да се избира меѓу две нивоа на опрема во рамките на акцијата. Едното ниво е Reference 1, како во тестираното возило, со акциска цена од 14.600 евра, што е рамно 1.000 евра под редовната цена. Второто ниво е Reference 2, со акциска цена од 15.600 евра (редовно 16.600 евра), коешто располага со побогата опрема од Reference 1.

Со моделското освежување на Kia Stonic, увозникот понуди ново основно ниво на опрема EX Base, со цена од 13.950 евра, достапно само во комбинација со 1.2 DPi. Во основа станува збор за пошироко расчленување на нивоата на опрема, односно сега се нудат три место претходно две нивоа на опрема. Високата противвредност и натаму е обележје на Kia, а тоа значи дека таму каде што пишува Base, реално е многу повеќе од „базно“ ниво. Stonic уште во старт доаѓа со клима уред, со денес вообичаената комфорна и функционална опрема, со радио со команди на волан и дисплеј од 8 инчи, греење на ретровизори, потпирач за рака напред, но и со кровни носачи.

По моделското освежување, Stonic се нуди во три нивоа на опрема, место во две – од една страна е понудена уште подостапна моделска варијанта EX Base, којашто и натаму е опремена посолидно од повеќето конкуренти, од друга страна се нуди уште побогато ниво EX Reference 2, со релативно мала разлика во цената во споредба со „средното“ ниво на опрема EX Reference 1

Нивото Reference 1, коешто е предмет на акциската понуда, со цена од 14.600 евра, односно за 650 евра повеќе од нивото Base, располага уште со самостојно запирање при опасност од удар во пешак или велосипедист, систем за следење лента, предупредување при замор, автоматски долги светла, паркинг сензори напред и назад, заедно со камера за рикверц, понатаму со темпомат, кожа на воланот и на рачката на менувачот, патен компјутер со висока резолиција, диодни дневни и задни светла, собирање на ретровизори и алу-тркала од 16 инчи.

Забавата што Stonic ја нуди зад воланот често пати ќе се покаже како повод за да се извози надвор од градот и таму да се ужива во улогата на Stonic како „теренец“

Кој цени дека автоматски клима уред е задолжителен во секој автомобил, тогаш може да се избере топ-нивото Reference 2, со акциска цена од 15.600 евра, односно 1.000 евра повеќе од Reference 1. Во ова ниво, покрај автоматската клима, Kia Stonic располага уште со сензор за дожд и за светла, самозатемнувачки внатрешен ретровизор, копче за стартување на моторот, диодни предни светла и магленки, како и дополнително затемнети задни стакла.

ЗАКЛУЧОК · KIA STONIC ПОВЕЌЕ Е СОЗДАДЕН ДА СЕ ИЗДВОЈУВА ОД ГЛАВНАТА СТРУЈА, ОТКОЛКУ ДА СЕ ВТОПИ СО НЕА

⇒ Денес е многу едноставно да се конструира и понуди СУВ или кросовер во класата на Polo & Co. Уште поедноставно е таков СУВ или кросовер да се продаде, затоа што пазарот не престанува да расте. Но, малку потешко е да се осмисли и конструира автомобил како Stonic, што се издвојува од масата. Овој кросовер е за три или четири сантиметри понизок од останатите модели во класата. Разликата во висината веројатно нема да се забележи кога Stonic ќе се најде покрај Seat Arona или Ford Puma. Една друга мера сепак е поважна. Тоа е клиренсот. Со 165 милиметри, Kia одвај заостанува петнаесетина милиметри зад „најтеренските“ модели во сегментот. Тој клиренс, во комбинација со релативно ниска каросерија, но и со фантастично лесна каросерија, благодарение на примената на „скап“ челик со висока цврстина, создава еден од најзабавните за возење модели во оваа СУВ-кросовер дружина. Кога на тоа ќе се додадат Kia-дизајн, гаранции, врвна противвредност, квалитет, опрема, плус статус на одлично одомаќена марка на македонскиот пазар, Kia во моментов има понуда што не смее да отсуствува, кога потенцијалните купувачи го составуваат најтесниот список на кандидати.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вработените преку свои идеи му заштедиле 7,2 мио. € на Seat

porsche taycan start

Porsche продаде помалку автомобили, заработи повеќе