Автомобилската групација Гуангџоу и групацијата ЈАЦ во следниот месец ќе објават квартална загуба што ќе биде поголема од кога било досега.
Кинеската автомобилска индустрија трпи штета од прекумерните капацитети што остануваат неискористени и од беспоштедната ценовна борба. Надлежните институции и директорите на автомобилските компании излегоа со предупредувања до берзата, за опасностите за долгорочната рентабилност на секторот.
Производителите во државна сопственост главно се повеќе погодени отколку приватните компании, од ковот на БИД и Џили. Некои производители се здружија со Хуавеј, за да лансираат нови марки и да развиваат нови електрични модели, користејќи ги напредните технологии и имиџот на техно-гигантот.
ГАЦ очекува загубата на тримесечно ниво да се движи меѓу 1,1 милијарда и 1,9 милијарда јуани (132 до 228 милиони евра), наспроти загубата од 731,6 милиони јуани во првото тромесечје. Во вториот квартал лани, загубата изнесуваше 296 милиони вони.
Очекуваната вкупна загуба за првото полугодие во висина до 2,6 милијарди уани, ќе биде најголемата полугодишна загуба на ГАЦ, откако компанијата во 2010 година стартуваше на берзата. Вината за тоа во најголем дел лежи во неуспехот на новите електрични и хибридни модели, чијашто продажба не ги достигна очекувањата, како и во жестоката ценовна војна.
Загубите на ГАЦ влијаеја и врз билансот на јапонските партнери Хонда и Тојота, коишто своите удели во кинеските компании им ги продадоа на локалните производители, како БИД. Како резултат на шестоката конкуренција опадна и продажбата на електричните и хибридните модели од марките Ајон и Трумпчи, во сопственост на ГАЦ.
Продажбата на електрични и хибридни модели на групацијата ЈАЦ во првото полугодие опадна за 35 проценти, и овој вид погон сега учестува со само 4,4 проценти во вкупната продажба на ЈАЦ.
Компанијата очекува загубата во вториот квартал да достигне 457 милиони јуани, што е двојно повеќе во споредба со загубата во првиот квартал, како и со загубата во истиот квартал во 2024 година.
ЈАЦ е главно насочен кон извоз и соопшти дека извозот бил во пад, поради „сé покомплексните состојби во светот и засилената конкуренција на прекуокеанските автомобилски пазари.“
Во соопштението до берзата, ЈАЦ наведува дека фабриката сé уште го нема постигнато полниот капацитет за проектот со скапи електрични возила.
Електричната лимузина Маекстро С800, што е развиена заедно со Хуавеј, почна да се продава кон завршетокот на мај со цена од 708.000 јуани, што одговара на околу 85.000 евра. Тоа е најскапиот електричен модел што досега има произлезено од соработката со Хуавеј.
Аркфокс, како што гласи името на огранокот за електрични возила на Беиџинг Аутомотив Груп, објави на 14-ти јули дека очекува загубата во вториот квартал да изнесува 1,5 милијарда јуани, што би било помалку во споредба со загубата во вториот квартал лани. Тоа пак не го менува фактот што компанијата постојано е во загуба од 2020 година наваму.
Состојбата со кинеските автомобили покажува сосем различна слика на македонскиот пазар. Оптимизмот важи пред сé за марките на Донгфенг, којшто го привлекува вниманието уште од појавувањето на ДФСК Глори 560, за потоа целата сцена уште еднаш да го смени гледањето на возилата од Кина, со доаѓањето на моделот Фортинг Т5 Ево. По него следеа Фенгон 600, електричниот Нами Бокс, најдостапната лимузина Еолус Шајн, а од истата марка во моментов се главни Мејџ и Хјуџ, два СУВ-модели, што се вмешуваат во најчувствителниот сегмент на возила од компакт и средната класа.
















