Тест · Фенгон Глори 600 · Слава со заслуги

Светот веќе одамна е свесен дека надворешната убавина не мора секогаш да укажува дека под површината следи внатрешна убавина. Така и кај Фенгон Глори 600. Надворешноста привлекува безгрешно, новиот голем Глори не може да го пропуштите на улица. Најдоброто е во тоа што овој претставителен СУВ не личи како копија на познат модел. Дури и дежурните квиз-мајстори што редовно се јавуваат со коментар дека некој модел е копија, ќе подзапрат кога ќе дојдат до делот кога ќе треба да го напишат името на моделот. „Да, ете го … кинеска копија… на… “ А, на кого тоа е копија?

Шестотката едноставно изгледа убаво. Но, тоа денес не е доволно за да убеди човек дека тоа е добар автомобил. Секако дека и тоа се има случувано во автомобилската историја, кола што изгледа убаво, да разочара откако ќе се отвори возачката врата. Тука се случува спротивното. Човек што прво ќе си признае дека тоа е убава кола, можеби нема да изгуби здив кога ќе ја отвори вратата, но сигурно е дека барем една секунда ќе остане здрвен од глетката, имајќи ја предрасудата дека се работи за модел од марка од Кина.

Квиз-мајсторите повторно ќе се јават дека внатрешноста е копирана… но, кој тоа производител уште може да си дозволи вообичаените десетина пластични прекинувачи во средишната конзола да ги замени со метални преклопници? Нема што да се критикува и кога ќе се забележи дека по целата ширина на кокпитот се протега украсна лајсна налик на дрво. Не само дрво, туку дрво со отворени пори, како што тоа може да си дозволи Мерцедес. Иако е јасно дека тоа е само печатена површина, таа изгледа поверно од која било друго имитација на дрво досега. Не е изработено евтино, тоа е зборот.

Средишната конзола исто така е обложена со симулацијата на дрво. Понатаму се забележува и дека секоја површина е доработена, нема дел да е оставен необложен. Почнувајќи од горе, од врвот на арматурната табла па надолу, материјалите се менуваат од мек полиуретан, метализирана пластика со сатенски ефект, лајсни со изглед на дрво, уште една лајсна со сатенски ефект, па уште две површини полиуретан со спој што е штепуван со контрастен бел конец. Ова е грижлива завршна обработка. Некој сакал да остави впечаток.

Два големи дисплеи, двокрак волан што е исто толку убедливо изработен како таблата, нормално димензионирана рачка за избор на степени, електрична паркирна сопирачка, сјаен финиш во црна боја по целата средишна конзола, автоматска клима… Фенгон Глори 600 е изработен грижливо и скапо, и опремен е богато и во духот со времето. Како една мала група од милион Кинези да била пуштена по светот да прашува како луѓето сакаат да изгледа СУВ за којшто би платиле 30.000 евра. Потоа некој додал уште малку во дизајнерското одделение, па направил Глори 600 да изгледа како за 40.000 евра.

Моделот со една од најславните бројчени ознаки во автомобилската историја, Мерцедес 600

Тоа се реални 30.000 евра, реални во смисла на немањето потреба да се доплати за некоја ставка што недостига или да се посегне по повисоко ниво. Шестотката е достапна само во една моделска изведба, со избор од едно ниво на опременост, еден мотор и еден менувач. Едно, но вредно.

Моторот е 1,5-литарски со директно впрскување и турбонатполнење, со моќност од 175 КС, во комбинација со класичен автоматски менувач со шест степени, место со менувач со двојна спојка, како кај Глори 580. Погонот е напред, опција за погон на сите тркала не постои. За возење по терен служат само клиренсот, цврстата каросерија што е отпорна на свивање и вербата дека контролата на тракцијата нема да активира паника при најмало пролизгување на тркалата.

Освен тоа што моторот е со натстандардна моќност, тој користи и технологија што е над стандардот. Овој мотор од сопствен развој на Донгфенг носи ознака ХД15М1А и се одликува посебно со тоа што работи во милеров циклус. Посебноста на овој циклус е во тоа што вшмукувачките вентили затвораат подоцна во споредба со класичниот ото-мотор. Тоа дозволува дел од смешата да навлезе и во вшмукувачката гранка, со што процесот на согорување на горивото се проширува во мал дел и во тој простор. Целта е да се постигне штедлива работа. Вредности меѓу девет и десет литри во комбинирани услови на возење се сосем остварливи и прифатливи.

Сосем различни карактери со Фортинг Т5 Ево

Фенгон, односно некогаш ДФСК, дел е од понудата на македонскиот увозник на Донгфенг, а во таа понуда се наоѓа и хит-моделот Фортинг Т5 Ево. Цените на двата модели се слични и секако дека тоа наведува на споредба. Во поглед на култивираноста на работата на подвозјето, Фортинг е во предност. Тоа е комфорен крстосувач пар екселанс, со удобна амортизација и релативно тивко ниво на работа. Сепак се работи за мотор на Мицубиши.

Фортинг Т5 Ево на тестот во Аутомедиа

Фенгон 600, пак, во почетокот покажува за нијанса поголема крутост во работата на амортизацијата при минување по погруби нерамнини во асфалтот, меѓутоа вистината се покажува малку подоцна. Фенгон 600 покажува резерва да се вози и по земјен пат, па оттаму и извесната крутост во подвозјето, што доаѓа и со звучна придружба.

Тоа од друга страна му дава на Фенгон и поголема динамика при возење по асфалт, подиректна вклученост на возачот во случувањата меѓу гумите и асфалтот и општо поспортско чувство во возењето. Таква била намерата на проект менаџерите и го погодиле автомобилов.

За техничките податоци и опременоста посетете ја страницата за моделот на увозникот АБЦ Брадер

DFSK 600

Просторноста е без забелешки. Уште едно пријатно изненадување. Фенгон Глори 600 се испорачува со седум седишта. Третиот ред седишта честопати изгледа подобро на рекламите, отколку во стварноста. Кинескиов концерн и тоа го прави подобро од очекувањата. Назад се пристапува навистина едноставно, но и за просторноста и за идејата таму да се помине подолго време на пат нема што да се забележи. Навистина неочекувано и дарежливо од ДФСК. Тоа се објаснува со пристапот. Шестотката уште од старт е развиена да располага со седум седишта, тоа не е додадено оти пазарот одеднаш побарал таков автомобил.

Системите за асистенција што станаа уште поактуелни откако ЕУ летово постави услов, за секој нов автомобил да поседува одреден арсенал од системите што помагаат за возењето да биде и побезбедно и поудобно, исто така се на број. Предупредување за возило во мртов агол, камери за приказ во 360 степени, предупредување при возило што наидува од попречен правец кога се излегува наназад, мошне е згодно секојдневието во Глори.

Од стандардната опременост, Фенгон има сé, и уште малку повеќе. Тоа значи сончев покрив, камера што го снима возењето во секвенци, електрично ракување со задната врата, пристап без клуч, вентилација на возачко седиште, луксузот не му е туѓ на овој СУВ.

За искуството од тест-возењето да биде сосем веродостојно, секако дека мора да има и неколку забелешки. Полето за ракување со клима уредот и тука е повеќе закосено, слично како во Фортинг, и во одредени услови може да се случи да не биде највидливо дали на пример е вклучена рециркулација во кабината. Графиката на инфо-забавниот систем исто така не е најубедлива, а и поврзувањето со телефон не функционира толку мазно како преку Андроид Ауто или Епл Карплеј. Меѓу положбата за паркирање и положбата за возење наназад на рачката за избор на степен на возење би требало да постои поосетно двоење. Уште еден данок што треба да се плати е стиропорот под предната половина на подот на багажникот, каде што е вграден и сабвуферот и каде што треба да се внимава со потешки куфери или товар. И, дали тоа прави Фенгон Глори 600 да биде помалку вреден. Тоа ништо не менува. Ова е еден од најпогодените автомобили од кинеска марка досега.

Фенгон Глори 600 е +1 автомобил

Точно така, кога човек свесно очекува нешто повеќе од оваа кола, добива нешто повеќе и од тоа. Дизајнот, изработката на кабината, опременоста, моќта на погонот и автоматикот како стандард, одличната искористливост на третиот ред седишта, стоичкиот карактер кога ќе се излезе на терен и динамиката кога се вози побрзо во свијоци, сите овие својства говорат за зрел и вреден автомобил. Кинескиот автомобил со најславната автомобилска бројка на сите времиња, можеби нема да доживее толкава слава како Мерцедес 600 (од генерацијата В100, од 60-те), но на некои луѓе им е сосем доволно да имаат автомобил што во секој поглед е над просекот. Единствено во цената, Фенгон Глори 600 останува кинески.

Претходна објаваРаботниците на Стелантис во Италија во штрајк оти фабриките не работат под полна пареа
Следна објаваДиректори на Тесла во Германија ги проверуваат вработените дома кога ќе заминат на боледување

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here