Пежо 208 Актив 75 · Тест · Светиот број има уште комбинации

Кога Пежо пред четири децении го пушти 205, важеше дека новиот модел ќе биде поважен, поуспешен и ќе се помни подолго од кој било друг модел пред него, односно дека тоа ќе биде светиот број на марката. Така порачуваа и незаборавните телевизиски реклами од тоа време, со рискантната сцена со возот и со авионското полетување, што завршуваа со слоганот „кел сакре нумеро“. Тој отвори ново поглавје, ја смени марката. Истото се повтори со Пежо 206, најпродаваниот модел на марката со лавот во историјата, со 8,4 милиони примероци.

Следната генерација имаше тешка задача: Пежо 207 во 2006 година додаде половина број над неговата претходничка, беше подолг дваесет сантиметри и потешок 150 килограми. Поради тоа, недостигаше темпераментот и леснотијата на легендарната 206-ка. Работите се вратија во нормала со првиот 208 во 2012 година, покус, полесен, со нов стил, и прв со ај-Кокпит.

Потоа дојде 208, вторпат. Пежо реши кај следната генерација модели да не преоѓа на деветка и остана на осумката, што меѓу другото симболизира и вечност. Колку навистина постигна 208 Вториот, дојден во 2019 година, се гледа дури сега. Двојката на Пежо во оваа генерација мина и пандемии, и криза од микрочипови, и прекинати вериги на добавувачи, па на крајот и криза со возачи на камиони, за нарачаните возила да ги донесат до салон.

Лавот не е лав без причина. Тој победи за Автомобил на 2020 Година во Европа, не се симна од првото место во Франција во 2020-21-22, па во предизвикувачката 2022 година дури стана и најпродаван модел во Европа. За три години, неговото височество 208 Вториот се произведе во преку еден милион примероци. Тоа што го постигна 208, не е ништо послабо од „светиот број“. Дизајнот се погоди како ракавицата на О’Џеј Симпсон, сцената во него јасно го препознаваше 205, но пак распознаваше дека тоа е новиот модел.

Новата изведба на Пежо 208 се препознава непогрешливо

По тешко изодениот пат во беспримерните кризни години, дојде време за освежување на половината од моделскиот век. Фејслифтот на 208 се распознава, не може да се погреши дека тоа е новата варијанта. Место дневно светло како очници на лав, што се спомнуваа во рекламите на радио, сега има три дневни светла. Тоа е јасно дека се лавовски шепи. Истото важи и назад, меѓутоа графиката на задните светла е сменета и трите светлечки ленти се протегаат надолжно. Секако, сменето е логото, сега предната маска го држи „грбот“ на марката, семејниот грб на Пежо.

Пежо 208 сега се појавува во ново светло. Тоа секако дека важи за бојата агуеда, што е нова во палетата, заедно со селен сива, но повеќе важи во преносна смисла. Моделот досега уживаше улога што не е далеку од премиум автомобил во градската класа. Сите моделски изведби што доаѓаа на тест досега, вклучувајќи ја целосно електричната изведба, беа или во повисоките нивоа на опрема и со посилни мотори. Такви се и 208-те што се гледаат на улица. Двојката на Пежо во оваа генерација го наследи имиџот што го имаше претходничката 205, како бескласен автомобил.

Сосем различен 208 од досега, со основен мотор, основна опрема, но и со „голема цена“ од 16.990 евра

А, тоа значи дека, дури и кога буџетот дозволува поголем автомобил, компакт, можеби токму 308, луѓе пак се решаваат за 208, со силен мотор, со луксузна опрема. Овојпат сé е поинаку. Нема електрични 136 КС или бензински 100 КС со отмен осумстепен автоматик, туку 75 КС, атмосферски мотор, мануелен менувач со 5 степени на пренос, па и клима уредот не е автоматски. Ова е нивото Актив.

Тоа е буквално моделската изведба од којашто почнува понудата на Пежо. Повеќе не постои 108, стартот е тука. Двојката повеќе не е моделот што ги задоволува само попрефинетите барања на купувачите во поглед на опремата или моторот, туку одеднаш стана модел што се зема предвид кога домашниот буџет ќе биде благодарен што на автомобил ќе се заштедат илјада, две илјади, повеќе илјади евра – што ќе се искористат за друга режија. Овие времиња нé научија дека скромноста е доблест.

Од скромност, овој дизајн на каросеријата и оваа изработка на внатрешноста, далеку се светлосни години. Тоа е доброто. Пежо 208, и со 75 КС и со ниво актив, со раткапни место алу-тркала, пак изгледа отмено, благородно

Во опремата нема што да се бара повеќе, клима уред, поврзување со телефон, голем средишен дисплеј, системи за асистенција што се важни за безбедност и за комфор, тоа е сé што на човек му треба во автомобил од оваа класа. Седиштата се масивни и добро држат, воланот е обложен со вештачка кожа, дезенот на платното и квалитетот потсеќаат дека Пежо е француска марка.

Менувачот има подолго пресметани преносен односи во вториот и третиот степен, или можеби е таков само личниот впечаток, меѓутоа годи во секој случај, затоа што се постигнува потечно и порелаксирано возење во градскиот сообраќај со постојано забавување, забрзување, скршнување.

Потрошувачката се движи околу седум литри, што е примерна вредност, посебно кога ќе се земе предвид дека моторот не бара да се влегува во високи вртежи, за да се постигне повисока моќност. Динамичното подвозје е тоа што се грижи за забавата во возење, човек не е постојано под товар дека овој Пежо 208 има 75 КС.

Ова е, патем, единствената преостаната класа во којашто сé уште има смисол да се избере мотор со 75 КС. Компактите одамна станаа преголеми и претешки, и во цената секако дека е вклучен и мотор што треба да биде „две класи“ посилен.

Пежо 208, светиот број, ја извлече марката од кризните времиња на светот

Пежо 208 е голем автомобил и вистинскиот наследник е на 205, во поглед на софистицираноста и созреаноста на концептот. Успешен, електричен, продаван, Пежо 208 е сé. Сега откако завршија сите перипетии по светот, со корона вируси, чип кризи, сцената полека се свестува дека 208 всушност ја водеше марката сето ова време низ кризата, односно кризите. Доколку Пежо 208 Вториот не беше толку успешен, автомобилскиот свет денес веројатно не ќе ги имаше Пежо 308, 408, 3008 во такво беспрекорно светло, во коешто ги познаваме. Светиот број, тоа е.

Незаборавните реклами за Пежо 205

 

Претходна објаваШкода Елрок може да стане најпродаван електричен модел на концернот Фолксваген
Следна објаваКонцернот Стелантис ќе се врати во здружението АЦЕА по заминувањето на Тавареш

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here