Концернот Стелантис ќе се врати во здружението АЦЕА по заминувањето на Тавареш

Влијателното европско здружение на производители на автомобили АЦЕА, со седиште во Брисел, ги штити правата на индустријата од основањето во 1991 година. Членовите се производители на автомобили, доставни возила, камиони и автобуси, што делуваат во Европа. Од азиските производители, членови се Тојота, Киа/Хјундаи, Нисан и Хонда.

Претседателот на АЦЕА и прв човек на групацијата Рено, Лука де Мео, го поздрави барањето на Стелантис за повторно придружување. „Земајќи ја предвид беспримерната криза со конкурентноста на Европа и неопходноста за заеднички да се совладаат предизвиците на зелената трансформација, поважно е од кога било да се постигне единство,“ порачува де Мео во соопштението.

Стелантис е втор најголем производител на автомобили во Европа, по групацијата Фолксваген. Меѓу европските марки на концернот се Пежо, Ситроен, Опел, Фиат, Алфа Ромео.

Бројот на испорачани возила на Стелантис во ЕУ имаше пад од 6,9 проценти до октомври, со 1,51 милион возила, според податоците од АЦЕА. Наспроти тоа, продажбата на концернот Фолксваген, вклучувајќи ги марките Ауди, Сеат, Купра, Порше и Шкода, порасна за 2,9 проценти, на 2,36 милиони возила во првите десет месеци од годината.

Во соопштението од 7-ми декември, Стелантис објави дека ја „потврдува намерата да поднесе барање за членство во АЦЕА.“

Стелантис ја напушти АЦЕА во 2023 година, по решението на поранешниот извршен директор Карлос Тавареш.

Тавареш се противеше на барањето на АЦЕА да се изврши притисок, за ЕУ да ги провери своите планови за смалување на емисијата на ЦО2 за 2025 година. При неисполнување на новите и значително построги норми, производителите ќе мораат заедно да се соочат со казни што ќе достигнат неколку милијарди евра.

АЦЕА бара ЕУ да го одложи применувањето на новите правила, поради наглото забавување на продажбата на електрични возила.

Тавареш изјави пред новинарите на 17-ти септември во Торино, дека Стелантис е подготвен за новите лимити од 2025 година, затоа што лансира низа електрични модели со достапна цена, од марките Ситроен, Опел и Фиат, што се базираат врз платформата Смарт Кар на концернот.

Шефот си замина од Стелантис на 1-ви декември, по острите критики за неговиот начин на раководење со концернот, којшто доведе до криза во односите со дилерите, добавувачите, работничките синдикати, па и со владата на италијанската премиерка Џорџа Мелони.

Претходна објаваПежо 208 Актив 75 · Тест · Светиот број има уште комбинации
Следна објаваСитроен Ц3 · Тест · Автомобилската револуција што нé засега

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here