Брз полнач за електрични автомобили е поставен во Охрид, вкупно шести во државата

Многу е прегледно со електромобилноста во Македонија, затоа што и по повеќе од деценија од поставувањето на првите полначи, што мора да се признае дека и не беше толку задоцнето зад првиот бран во европски рамки, кога ќе се погледне мрежата од полначи и бројот на електрични автомобили денес, земјава уште е на почетокот на електромобилноста.

Еден брз полнач на ЕВН на аеродромското паркиралиште во Петровец, еден во станицата на Макпетрол во Визбегово и еден на вклучувањето на автопатот за Белград на излез од Куманово, еден на станицата во Неготино, близу автопатот, и најпрочуениот брз полнач, оти беше прв, на преминот Богородица кон Грција, исто така на станицата за гориво на Макпетрол – а сега и брз полнач во туристичкото одредиште Охрид, на стотина метри од Билјанини Извори, пред хотел Гарден.

Тоа е целата мрежа од брзи полначи што им стои на располагање на корисниците на електрични возила, надвор од станицата на Порше во Скопје.

Но, и тие шест брзи полначи веќе прават смисол да се размислува за електричен автомобил, иако е сосем извесно дека со зголемувањето на бројот на електрични возила што сообраќаат по македонските патишта, тие полначи со текот на времето ќе треба да прераснат во станици со полначи, односно со места за повеќе возила да можат да полнат истовремено.

Во моментов е мошне комотно, затоа што побарувачката за полначи е слаба, па ако се случи да не е паркиран некој тежок дизел, на место што е резервирано за електрични автомобили, не би требало да претставува проблем да се освежи енергијата во батеријата на електричните автомобили.

Слика од првата воопшто тура со електричен автомобил што Аутомедиа ја извозе со Мини Купер СЕ уште во 2020 година. Мораше да се наоѓа решение, сé е јасно на сликата

Секако дека тука станува збор за брзи полначи со еднонасочна струја, што овозможуваат батерија на нормален автомобил на струја да се наполни за околу 30 минути. Петте последно поставени брзи полначи испорачуваат моќност до 150 кВ, наспроти првиот брз полнач со 100 кВ во гевгелиско. Останатите триесетина полначи на ЕВН располагаат со моќност од 22 кВ. Грубо пресметано, батеријата на брзите полначи ќе се наполни седумпати побрзо отколку на обичен полнач.

Брзите полначи на ЕВН се производ на австриски Костад

Прашањето зошто електромобилноста во Македонија уште е во фазата како пред десетина години, или само малку понапред, сигурно не се сведува на вина поради инертност на компаниите, затоа што ЕВН уште рано се најдоа за повикани да ја туркаат електромобилноста, а не е вина ниту на организациите што одговорно ја презедоа улогата да го популаризираат новиот вид на погон, а сигурно е најмалку вина на увозниците, коишто во изминативе години имаа најмалку 30 премиери на електрични модели во своите салони – не сметајќи ги приклучните хибриди.

Со електрично Пежо 208 во правец на мариовска Градешница

Вината се сведува на една адреса, а тоа се властите, коишто во сите смени досега, ниту нешто имаат преземено за електромобилноста, па барем во насока на охрабрување на купувањето електричен автомобил, преку субвенции, бесплатно паркирање, ослободување од патарина, ниту пак ја имаат барем спомнато електромобилноста во своите програми.

Најголемиот проект со електричен автомобил во Македонија досега го направивме со Тојота би-зи-фор-крос

[the_ad id=”73735″]

Во држави што се напредувани далеку во правец на електричните автомобили, државата дури ги субвенционира и трошоците при користење на полначите, така што трошокот за користење јавен полнач не е споредлив со трошок како да се полни дизел.

Покрај брзите полначи на ЕВН и Порше, постои брз полнач на е-Циан во трговскиот центар Ист Гејт во Скопје и еден брз полнач во Прилеп, во рамки на Стибера Ексклузив Хоум Центар.

Mini ја вози првата електрична тура низ Македонија (Дел 1)

Претходна објаваШкода почна со производство на својот најдостапен електричен модел
Следна објаваТојота ја заврши минатата година со рекордна продажба во Европа

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here