Хавал Х6 е докажана големина на македонскиот пазар. На цврстата подлога што тој ја изгради, сега доаѓа нова, премиум марка СУВ-возила под името Веј. Во меѓувреме и електричниот погон може да се добие од Грејт Вол. Ора сака да му парира на Фолксваген ИД.3, па и со изгледот личи како еден постар и многу познат модел на марката.
Во новиот центар на Толту Моторс, веднаш по станицата на Макпетрол во Визбегово, викендов пред македонската јавност беа претставени новините во понудата на Толту Моторс, увозникот на возила од марките на кинескиот концерн Грејт Вол. Сé е многу појасно кога ќе се спомне Хавал и неговиот Х6. Тоа е истиот концерн, Веј е марка СУВ-модели со премиум аспирации, Ора е марка електрични возила. На овие два новитети им се придружи и хибридна изведба од самиот Хавал Х6.
Два модели од марката Веј беа понудени за пробно возење за намерниците во центарот. Веј 03, како што укажува и ознаката, односно неговиот „број“, сака да понуди нешто слично на БМВ Икс 3. Со погон напред, со хибриден погон со системски 367 КС (2,0 со 204 КС и електромотор со 163 КС), со вообичаено високо ниво на опременост за Грејт Вол, „03“ чини 55.000 евра.
Веј 05 оди скалило погоре, секогаш е со погон на сите тркала, што значи дека има и втор електромотор со 184 КС назад, и исто така чини 55.000 евра. Со 4,87 метри, каросеријата е за дваесетина сантиметри подолга од „03“. Тоа што двата модели чинат исто, веројатно се објаснува со нивото на опременост – Луксузно кај помалиот, Премиум кај поглемиот модел.
Ора 03 е целосно електричен компакт, со големина на Фолскваген ИД.3 и со изглед на Буба. Со моќност од 126 кВ и досег до 310 километри, Ора чини 38.000 евра.
Љубителите на Хавал ќе ги привлече хибридната моделска изведба на Х6, со цена од 44.950 евра. Погонската спрега ја сочинуваат 1,5-литарец, батерија од 1,69 кВч и електромотор со моќнмост што не се наведува – меѓутоа производителот ја наведува системската моќност од 243 КС и системскиот вртежен момент од 530 њутнметри. Според Хавал, потрошувачката изнесува 5,2 литри на сто километри.
















