за

Тојота Хајлукс ниту електромобилноста не ја уништи, ќе вози на водород

Десет прототипи од Тојота Хајлукс со погон на водород и горивни ќелии се изработени во фабриката на компанијата во Британија.

Хајлукс доби официјална потврда од Кларксон-Меј-Хамонд дека е најнеуништливиот автомобил на планетата. Нормално дека ќе вози и на водород.

Тојота е решена за водородот, и својот проект за Хајлукс да го префрли на погон на водород, со горивни ќелии и мал резервоар за водород, место со масивна и тешка батерија, веќе го донесе во степен кога пикапот може да се изнесе во јавност и да се понуди на пробно возење.

Погонот на водород уште одамна е одомаќен во Тојота, и тоа веќе во две генерации на Тојота Мираи, лимузина што во меѓувреме е продадена во повеќе од 10.000 примероци. Јапонскиот примус си зеде нов предизвик, водородот да го користи во пикап, во Хајлукс, возило во најрудиментарната смисла.

Јавноста првпат можеше да се увери дека Тојота го развива водородниот погон во Хајлукс за да достигне сериска зрелост, во септември лани, кога беше прикажан првиот прототип. Со помош на британската влада, проектот напредуваше далеку и веќе е дојден до степенот кога возилата може да се тестираат.

Овој чекор е во согласност со намерата на Тојота, преку истовремен развој на повеќе видови горива и погон да се оди во насока на целосна неутралност во поглед на емисијата на ЦО2. Тоа значи дека Тојота ќе нуди возила со самополнечки хибрид, со приклучен хибрид, со батериски електричен погон, со водороден електричен погон, со е-горива.

Во фабриката во Дерби, Англија, изработени се десет прототипи. Пет возила се користат за тестирање на безбедноста, перформансите, функционалноста и издржливоста. Останатите пет возила се резевирани за тестирање од новинари и организации, вклучувајќи ја и Олимпијадата и Парaолимпијадата Париз 2024.

Развојот на погон на водород во Тојота почна уште пред 30 години. Во споредба со погонот во Мираи, водородниот погон во Хајлукс е проектиран да трае подолго, да постигнува подолг досег, и речиси најважното, да биде поевтин. Поважно од тоа е „само“ да постои инфрастуктура за полнење водород, и добивањето водород да е неутрално во поглед на ЦО2.

Тојота очекува Европа да стане најголем пазар за водородни возила до 2030 година.
Вечниот Хајлукс во водородна верзија користи продолжена кабина, долг е 5.325 милиметри, широк 1.855 милиметри и висок 1810 милиметри. Но, под металот, сé e музика од иднината.

Голем дел од компонентите се од Мираи, лимузина што Тојота ја продава уште од 2015 година. Досегот се очекува да се движи околу 600 километри. Бидејќи нема батерија, погонот е лесен, што секако дека е главната корист кај еден пикап, што треба да носи товар, а не самиот да биде товар – како лош пример, Тесла Сајбертрак.

Водородот се чува во три скапи техно-боци во коишто има по 2,6 килоиграми компримиран водород, односно вкупно 7,8 килограми. Тие се поставени во самата носечка рамка.

Модулот од горивни ќелии се состои од 330 одделни ќелии – може да се замисли декла секоја ќелија има големина колку кибрит и ги пропушта само протоните од атомот на водородот. Електроните се прекрупни за да поминат низ посебната мембрана што е во ќелијата. Бидејќи со тоа се нарушува стабилноста на атомот, електроните почнуваат да се движат, а движењето на електроните е – електрична енергија.

Таа енергија се користи за напојување на погонскиот електромотор. Значи сé е „исто“ како кај батерискиот електричен погон, единствено е разликата во тоа што тука не постои батерија. Реално, таа постои, но е минимална. Таа главно се користи за напојување на потрошувачите во кабината и на помошните уреди.

Погонот е назад, моќноста е 134 кВ, односно 182 КС, вртежниот момент 300 њутнметри. Од издувната цевка излегува само пареа, лабораториски чиста.

Електричниот погон е цар во градскиот сообраќај, уживање место мачење – за возилото и за возачот

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Грејт Вол со нови марки и нови видови погон во понудата

ЕУ-државите се тркаат да добијат кинеска фабрика, додека Брисел крои царини