за

ЕУ-државите се тркаат да добијат кинеска фабрика, додека Брисел крои царини

Европските држави се натпреваруваат кинеските компании да изградат фабрики за електрични автомобили кај нив, во време кога ЕУ се подготвува да ги објави казнените царини за кинеските ЕВ.

Продажбата на автомобили од кинеските марки сочинуваше 4 проценти од европскиот пазар лани. Се предвидува уделот да се зголеми на 7 проценти до 2028 година.

Унгарија лани си обезбеди инвестиција за изградба на фабрика од кинескиот гигант со електрични автомобили БИД, а во моментов се преговара со Грејт Вол Мотор. Шпанија привлече пари од Чери, додека Донгфенг е меѓу неколкуте производители на автомобили што преговараат со Рим, за вложување во фабрика за ЕВ.

Владите во Европа можеби стравуваат дека кинеските електрични автомобили ќе им ги преплават пазарите, меѓутоа во исто време тие се во жестока трка за да добијат дел од масивните инвестиции во изградба фабрики и отворање нови работни места што ги донесуваат новите конкуренти од Кина.

Додека ЕУ ја привршува истрагата за субвенциите со коишто Пекинг им помага на домашните производители за да им ги скуси трошоците за производство и наскоро ќе почне со казнени царини за кинеските ЕВ, владите во земјите во ЕУ излегуваат со раширени раце и со големи повластици, за да ги привлечат кинеските производители на автомобили што имаат намера да градат фабрики во Европа.

Трошоците за производство на кинеските производители на ЕВ, како БИД, Чери и државниот САИЦ (МГ) им се многу пониски дома, меѓутоа производителите пак се решени да се одомаќат во Европа и тука да ги градат своите марки. Со тукашните фабрики, тие ќе заштедат и трошоци за транспорт, а воедно ќе бидат поштедени и од царините на ЕУ, што сигурно нема да бидат само од козметичка природа.

Кинеските производители се свесни дека нивните автомобили мора да бидат прифатени како европски, доколку тие сакаат да привлечат внимание меѓу европските купувачи.

Во текот на оваа седмица се очекува ЕУ да ги објави царините. Тие од една страна може да придонесат за европските производители да станат поконкурентни во споредба со кинеските соперници, но од друга страна, тие може да им дадат уште посилен поттик на кинеските производители, што веќе масовно и долгорочно вложуваат во Европа.

Продажбата на автомобили од кинеските марки сочинуваше 4 проценти од европскиот пазар лани. Се предвидува уделот да се зголеми на 7 проценти до 2028 година.

Во Унгарија лани беа произведени околу 500.000 возила. Тоа е воедно првата европска земја што привлече вложување во фабрика за автомобили од кинеска компанија. Кинескиот гигант со електрични автомобили БИД веќе размислува да отвори и втора фабрика во 2025 година.

Тестот на Џили Кулреј

Будимпешта преговара и со Грејт Вол Мотор, за нивната прва европска фабрика, јавуваат тамошните медиуми. Унгарија нуди готовина за работните места што ќе се отворат, како и даночни повластици и други царински олеснувања со цел да се привлечат странски инвестиции во одредени зони.

Унгарија во изминатите години вложи преку 1 милијарда долари за да ја подржи изградбата на фабрики за батерии на јужнокорејските СК Он и Самсунг СДИ, како и на кинескиот гигант КАТЛ.

Кинески Липмотор ќе ги користи постоечките фабрики на својот партнер, концернот Стелантис. Ројтерс објави дека фабриката во полски Тихи е избрана како локација за кинеските ЕВ.

Полска во моментов има голем број програми со коишто се подржува инвестиција вредна преку 10 милијарди долари. Некои од тие програми се подршка за транзицијата кон економија со нулта емисија на ЦО2 и ослободување од данок, во висина и до 50 проценти, за корпорациите што ќе вложат во регионите со ниска стапка на вработеност.

Шпанија и Италија „бркаат“ фабрики за ЕВ

Шпанија, втор најголем производител на возила во Европа, по Германија, обезбеди инвестиција од Чери, што ќе започне со производство во четвртрото тромесечје, во поранешната фабрика на Нисан во Барцелона, во соработка со локален партнер.

Чери очекува да искористи дел од програмата вредна 3,7 милијарди евра, што беше отпочната во 2020 година, со цел да се привлечат фабрики за ЕВ и батерии.

Кинеската групација Енвижн веќе има добиено субвенција од 300 милиони евра од таа шема, за да изгради фабрика за батерии што вреди 2,5 милијарди евра и создава 3.000 нови работни места. Шпанија исто така може да биде домаќинка на 4-та европска гигафабрика на Стелантис, заедно со КАТЛ.

Се шират гласини дека Чери планира втора, поголема фабрика во Европа, а воедно се преговара со владите на повеќе држави, вклучувајќи ја Италија, којашто настојува да привлече втор производител на автомобили, што ќе му парира на Стелантис, концернот каде што спаѓа Фиат.

Италија во периодот од 2025 до 2030 година може да посегне по националниот автомобилски фонд, што е вреден 6 милијарди евра. Од тој фонд може да се црпи и за субвенции за производителите, и за купувачите. Кинескиот Донгфенг е една од компаниите што преговара со Рим за вложување во земјата.

САИЦ, концернот на марката МГ, има намера да изгради две фабрики во Европа.

Првата фабрика ќе биде врз постоечка основа и концернот може да го објави тоа уште во почетокот на јули. Во таа фабрика би се вршела завршна монтажа на готови модули што ќе пристигаат од Кина. Годишното производство би се движело околу 50.000 возила. Втората фабрика на САИЦ во Европа ќе се гради од ново, со капацитет за 200.000 возила годишно. Германија, Италија, Шпанија и Унгарија се во најтесен избор.

Контролирање на трошоците во Европа

Кинеските производители во Европа се соочуваат со повисоки трошоци, почнувајќи од работна рака, преку енергија, па сé до даночните повластици.

Но, трошоците за извоз на автомобили од Кина во Европа, може да пораснат за многу скоро време и да ја уништат заработката што и без тоа е мала.

Аналитичарите пресметуваат дека автомобил што е произведен во Кина и вреди 15.000 евра, кога ќе дојде во Европа чини од 500 до 3.000 евра повеќе, со трошоците за транспорт и логистика.

Италија и Шпанија се добар избор за премиум марките на кинеските производители, затоа што работната рака таму е поевтина отколку на северот, но во исто време, стандардите за производство се мошне високи.

За поевтините возила, привлечни локации се земјите од источна Европа, но и Турција, којашто во моментов произведува по 1,5 милион возила годишно, главно за ЕУ. Земјата преговара со БИУД, Чери, САИЦ и Грејт Вол.

Турција е во царинска унија со ЕУ, а спогодбата за слободна трговска размена со земјите што не се дел од ЕУ ѝ гарантира извоз на возила и делови без царина.

Сите електрични и приклучни хибридни автомобили во македонските салони во јуни 2024 година

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Тојота Хајлукс ниту електромобилноста не ја уништи, ќе вози на водород

Електрични автомобили во македонските салони