за

Електрични автомобили во македонските салони

Колку модели на електрични автомобили има во моментов во салоните на автомобилските марки во Македонија? Можеби два или три, веројатно само кај еден увозник? Изненедување за двата табори, на противниците и на заљубениците.

Доколку се верува во општата претстава за електричните автомобили кај нас, тоа се малечки и смешни автомобили, на коишто им поминува модата. Во салон, сликата е сосем различна. Поточно, сликата во македонските салони дури и не се разликува од онаа во Минхен, Париз или Амстердам.

Кога ќе се поминат портите на нашите најголеми увозници на автомобили, човек одеднаш се чувствува како да се телепортирал во ЕУ. Сé мора да биде по стандард на „принципалот“, сé мора да е дотерано според корпоративниот идентитет. Така било отсекогаш, уште во времето пред дваесетина години, кога продажбата од петнаесетина илјади нови автомобили на годишно ниво оправдуваше да се вложува во овие центри, исти како во Западна Европа.

Намерата на вашата Аутомедиа беше да се направи обиколка на салоните и да се снимат сите батериски електрични и приклучни хибридни модели што во почетокот на јуни беа изложени во салоните на марките во Скопје. Од тоа произлезе снимка што е долга триесетина минути и може да се погледне на каналот на Аутомедиа на јутјуб.

Пријатно изненадување беше да се изгледа тој материјал, по објавувањето на видео-мрежата. Електричните автомобили, вклучувајќи ги приклучните хибриди, што зависно од моделот и од генерацијата минуваат од трисетина до стотина километри чисто на струја, навистина се реалност во македонските салони. Можеби тие не се толку многубројни како во салоните во земјите во ЕУ, што одамна ги прифатија возилата со погон на струја, и не се подигнати на пиедестал веднаш по влегувањето во салон, меѓутоа овие автомобили не само што не отсуствуваат, туку повеќе е правило тие да се сретнат во салон, отколку спротивното.

Точно 22 автомобили беа „затекнати“ во салон. Неколку модели не се опфатени во видеото, затоа што увозниците си ги користат за секојдневните деловни обврски. Трошоците за возење им се минимални, па и повеќе чекањето, отколку возењето во град, претставува посебен вид уживање, кога човек е зад волан на автомобил на батерија.

Од градски Фиат 500 што целосно вози на струја, до спортски Порше Тајкан, што на струја може да го постигне истото што и неговите бензински браќа и сестри, од автомобил со цена што почнува со тројка, до автомобил што со 175.000 евра чини колку еден убав живот, сé e наместено во салоните на автомобилските марки.

Полначи во кругот на салонот се задолжителни, купувачите сепак треба да се убедат дека електромобилноста е реалност и во секојдневието на тимовите на увозниците. Во Порше, полначи има повеќе од дузина, од сите големини, вклучувајќи ги и турбо-полначите, поради коишто возачи намерници некаде на југот, се охрабруваат да минат низ нашата најубава земја.

Во Киа, исто како и во Порше, на покривите се поставени соларни панели што произведуваат струја. Затоа луѓе секогаш се чувствуваат пријатно кога вратата од салонот ќе се затвори зад нив и ќе си помислат дека, ете, ја доживуваат енергијата на марката. Реално, тоа е силната енергија од панелите, што (речиси бесплатно) ја напојува климатизацијата.

Зошто оваа нереална слика во салоните, кога веројатно и дечињата во прво одделение, се смеат кога ќе се спомне електричен автомобил во македонски услови?

Доколку можат да изберат увозниците, тие познавајќи ги состојбите на македонската автомобилска сцена, веројатно би ги изоставиле електричните автомобили. Меѓу неколкуте исклучоци би биле Порше Тајкан, на којшто имиџот му е силен и само тешки наивци би упатиле лоша критика кон електрично Порше, како и БМВ Икс 5 со приклучен хибриден погон или Мерцедес-Бенц ГЛЕ, исто така со хибрид со батерија што се полни на „штекер“ и со неа се вози стотина километри, пред да се продолжи со хибриден погон.

Семејството електрични модели Фолксваген ИД привлекува клиенти. Политичари, градежници на ненаселиви станови или „кафанџии“ е малку веројатно дека ќе излезат од салон со електричен автомобил. Профилот на македонските електромобилисти повеќе се поврзува со софтверски инженери, програмери, вешти претприемачи што не зависат од наместени тендери. Луѓе веројатно сакаат да си го наградат својот успех со автомобил каков што останатите не можат да си дозволат, па макар и со умот. На креативците и на другите создавачи, важно им е да возат автомобил што не е од „закачалка“.

Рено 5 може да изненади. Последниот пат беше кажано дека уште пред почетокот на продажбата има направено две нарачки за електричното продолжение на еден од култните модели од 1970-те, па и во 1990-те, со славната ГТ Турбо 2. Прашање е како ќе се одвиваат нештата околу електричниот Ситроен е-Ц3, модел што настапува со цена споредлива со бензинец. Уште бројни електрични модели чекаат промоција.

Тоа што електричниве автомобили масовно се присутни во македонските салони, тоа е чисто верување на принципалот, што значи на центрите на дистрибуциските мрежи на самите производители на автомобили, дека овие возила на струја во Македонија ќе имаат барем слична побарувачка како во останатите држави во регионот. Во Романија, Унгарија, Србија, Хрватска секако, Словенија, електричните автомобили секаде се реалност и пазарите се движат во насока на 100-процентна електромобилност.

Изложувањето (и вложувањето во) електрични автомобили во салоните повеќе е услов од принципалот, отколку избор на увозниците, барем во повеќето случаи

Вака отстрана може само да замислиме, на какви танталови маки се изложени нашите увозници, за на принципалите да им објаснат дека е-мобилноста кај нас не функционира исто како што тоа успева и во остантите земји во регионот. Некои нешта што се случуваат во нашата убава земја, се необјасниви, односно повеќе се несфатливи за производителите на автомобили. Но, така бараат производителите, тие едноставно мораат да ја развиваат својата марка, без притоа да знаат колку се електро-способни политичариве на овие простори.

Целата „машинерија“ на електромобилноста во нашата Македонија е раздвижена, па и не само развдижена, туки и затегната е на катапулт и само чека да испали. Електричните автомобили се тука, полначи за поставување дома, во гаража, пред зграда, пред фирма, се продаваат по цена од неколку стотини евра во секој автосалон, префрлувањето на производство на чиста струја е веќе отпочнато и со добра политика може да напредува со историско темпо. Што недостига?

Недостига политика. Електричните автомобили се „хируршките клиники“ во мобилноста во Македонија. Не само што и во оваа далеку од напредната фаза на електромобилноста уште не постои стратегија за развојот на возењето на струја што ќе досега најмалку до 2040 или 2050 година, туку уште нема ниту разбирање дека нешто големо и неповратно се случува во браншата. Најлесно да се опише, народски: Овие политичариве наши, поим си немаат што треба да направат и како да направат е-мобилноста да функционира вистински.

Логика на македонски политичар: Ако хибридите се продаваат (затоа што се ослободени од акциза) стави им двојна акциза

Како Илинденска број 2 си ја замислува автомобилската стратегија, најверен пример се токму хибридните автомобили, Тојота. Пред 2020 година, групер-министерствата увидоа дека во земјава се продаваат возила со хибриден погон, и решија да им стават данок, за повеќе да им се полни касата. Продолжува во народски наратив. Овие си помислија дека народот нешто се пали на хибриди, па штом е така, стави повеќе данок.

Секако дека од такви функционери што никој не ги бара не може да се очекува да скројат стратегија, иако и тоа треба само да го препишат од Брисел. Фактот што Тојота ги продаваше своите хибриди на македонскиот пазар во уште поголем обем, уште во време кога е-мобилноста уште беше музика од иднината, лежи во фактот што по некое чудо, хибридните возила кај нас со децении беа ослободени од плаќање акциза. Сé додека оние не почнаа да шараат.

Електромобилноста не е завршена, туку Европа си ги потроши парите на туѓата војна во Украина, што пак се поврзува со нафта и гас

Најважното прашање. Дали електромобилноста веќе „зајдува“ и тоа поглавје наскоро ќе заврши? Фон Дер Брисел сигурно нема да го соопшти тоа толку просто, меѓутоа Европа е во војна. Германија има дупка во буџетот од преку 60 милијарди евра, поради тоа што (мора да) ја финансира американската војна во Украина. Тоа е единствената причина зошто Берлин ги укина масивните субвенции. Како најголем пазар за електрични автомобили во Европа, падот во продажбата на е-возилата во Германија од 30-на проценти влијаеше и врз целиот европски пазар. Други држави исто така ги укинаа субвенциите, од истите причини.

На тоа следи и несигурноста на нормалниот народ, околу големи издатоци како што се автомобилите. Згора на сé, притиска инфлацијата, парите вредат помалку. По изборите во ЕУ, се менуваат нештата околу Украина. Европа бара да си ги сочува парите за попаметни нешта. Електромобилноста ќе се врати во уште посилен обем. Доаѓаат и Кинезите. Тоа ќе ги зголеми инвестициите и на Европејците, и на Кинезите. Значи, пак, сé е до државата. До оние пусти политичари, што се чини дека насекаде се помалку способни отколку што народот поверувал.

Моделите во видеото:

  • Audi Q8 e-tron 55 quattro
  • Audi Q4 e-tron 55 quattro
  • BMW X5 xDrive 50e
  • Citroen eBerlingo Van Crew Cab
  • Fiat 500e
  • Kia XCeed PHEV
  • Kia Niro
  • Kia EV6 GT-line
  • Mercedes-Benz EQE SUV 350
  • Mercedes-Benz C 300de 4Matic
  • Mercedes-Benz GLE Coupe 350 de
  • Mercedes-Benz GLE 350 de
  • Opel Grandland 1.6 PHEV Ultimate
  • Opel Astra 1.6 PHEV GSe
  • Porsche Taycan 4S
  • Renault Megane E-Tech Electric
  • Skoda Enyaq 85
  • Toyota RAV4 Plug-in Hybrid Style (+ bZ4X што беше дел од цела серија тестови)
  • Volvo EX30
  • Volkswagen ID.4 GTX
  • Volksvagen ID.5 GTX
  • Volkswagen ID.7

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

2 коментари

Одговори
  1. Od naslovot mislev deka kje dobijam relevantni info za e-vozila, no sum prilicno razocaran. Dobronamerno ukazuvanje: mnogu recenici se nejasni, ili zaradi obid da deluvaat mnogu sofisticirano, ili se od google translate.
    Voedno, za tekst koj pretendira nesto za e-vozila vo Mk, blic obidi za objasnuvanje na politicki zadnini samo defokusiraat.
    Voedno, nema podatoci za ceni
    Pozdrav

    • Здраво Огнен, објавата е главно од ревијален карактер и имаше повеќе за цел да создаде слика за присутноста на електричните автообили во салоните. Критичките оцени и ставови на Аутомедиа во поглед на електромобилноста биле предмет на бројни објави на порталот и истите се лесно достапни за пребарување, сепак станува збор за портал каде што имате пристап до близу 15.000 објави од сите теми. Електричните автомобили редовно доаѓаат на тест возење во Аутомедиа, со тоа што главниот нагласок во моментов се поставува на видео материјалот што е снимен од тестовите. Аутомедиа меѓу другото имаше проект на тура ниц цела Македонија со електричен автомобил, со Тојота би-зи-фор-крос во минатата година, претходно со Мини Купер СЕ, беше направена и репортажа со електрично Пежо 208 до мариовска Градешница, репортажа долж течението на Треска со електричен Серес 3, достапен е навистина широк обем од објави на сите теми од подрачјето на електромобилноста. Поздрав, благодариме за коментарот.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

ЕУ-државите се тркаат да добијат кинеска фабрика, додека Брисел крои царини

Ford Focus 10 EB 125 KS Titanium Business

Форд е решен да престане со производство на Фокус во Германија