Марели објави дека потпишал партнерство со неименуван автомобилски концерн, за испорака на 5 милиони термоизолациски плочи за батерии за електрични автомобили.
Марели постигнал договор за партнерство со светски производител на автомобили, со којшто се предвидува испорака на термоизолациски плочи за батерии за идна генерација електрични автомобили.
Договорот со неименуваниот производител на автомобили почнува во 2024 година, со планови за испорака на околу 5 милиони единици во следните пет години. Плочите за топлинска изолација ќе се вградуваат во возила наменети за продажба во Кина, Северна Америка и Европа, соопштуваат од Марели. Производството ќе се одвива во фабрики во Кина, Мексико и Романија.
Напредните термоизолациски плочи на Марели користат точкести влабнувања, со цел да се подобри пренесувањето на топлината и да се одржува температурата на батериските ќелии. Тоа ги побрува перформансите на батеријата во ЕВ, каде што батеријата е единствен извор на енергија.
Ефикасното одржување на температурата придонесува за долготрајноста на батеријата, го зголемува досегот, ги подобрува перформансите на погонскиот систем, и секако, го забрзува полнењето на батеријата.
Термалната плоча е развиена од страна на технолошкото одделение на Марели, коешто нуди решенија за најразлични клиенти, објаснуваат од компанијата. Плочата е „исклучително тенка“ и „одзема минимум простор“, со што се олеснува приспособувањето и поставувањето во возилото. Приспособливата технологија овозможува променливи димензии, согласно потребите на клиентите.
Марели е со седиште во Саитама, Јапонија, и се наоѓа на 26-то место на најголеми добавувачи на компоненти за автомобили во светот. Во 2022 година, компанијата остварила промет од 12,2 милијарди долари.
Компанијата е создадена во 2019 година, со соединување вредно 6,5 милијарди долари меѓу јапонскиот Калсоник Кансеи и италијанскиот Мањети Марели, основан од Фиат.
















