Германија предупредува за трговски бариери додека ЕУ крои царини за кинеските ЕВ

„Не сакаме нашите пазари да ги затвориме за странски компании, затоа што не сакаме истото да им се случи на нашите компании,“ порачува германскиот канцелар Олаф Шолц.

Германскиот канцелар Олаф Шолц е против ограничување на трговијата со автомобили, во време кога Европската Унија е на чекор пред воведување казнени царини за електрични возила што се увезуваат од Кина.

Германската автомобилска индустрија има корист од бизнисот во Кина и ќе може да се натпреварува против производителите од азиската земја доколку трговијата остане „фер и слободна“, кажа германскиот канцелар Олаф Шолц во саботата.

Се очекува ЕУ месецов да ги објави царините за кинеските електрични возила, по завршувањето на истрагата за субвенциите што Пекинг им ги исплаќал на домашните производители на ЕВ. Кина даде знак дека е подготвена да воведе контра-царина за автомобили со големи мотори што се произведени во ЕУ. Тој чекор најмногу би ги погодил германските премиум марки Мерцедес-Бенц, Порше и БМВ.

„Изолација и илегални царински бариери – тоа на крајот само ќе направи сé да стане поскапо, и сите да станат посиромашни,“ кажа Шолц на настанот што Опел го организираше во Риселсхајм, Германија. „Не сакаме да ги затвориме нашите пазари за странски компании, затоа што не го сакаме истото за нашите компании.“

Моќната германска автомобилска индустрија е против царините, со став дека нејзините бизниси со Кина обезбедуваат работни места во земјата.

Поранешниот извршен директор на Фолксваген, Херберт Дис, во почетокот на месецот кажа дека заострувањето на трговските спорови ќе води кон инфлација и ќе го забави преоѓањето кон економија што помалку загадува.

Брисел одлучува за царините во време додека во ЕУ забавува продажбата на ЕВ. Како резултат од тоа, големите производители на автомобили, како Фолксваген, Мерцедес-Бенц и други, го одложуваат пуштањето во продажба на новите генерации електрични модели.

Шолц кажа дека индустријата треба да продолжи да се префрлува на електричен погон, за да си ја осигури конкурентноста во годините што доаѓаат.

„Двоумење околу прогресот, одложување на новите модели и на трансформацијата – тоа ќе има горчливи последици,“ кажа Шолц. „Доколку го направиме тоа, останатите ќе нé престигнат“.

Електрични автомобили во македонските салони, јуни 2024

Претходна објаваСтелантис им раскинува на добавувачите, концернот сам ќе си произведува делови
Следна објаваМарели ќе произведува изолациски плочи за батерии за електрични автомобили

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here