Новиот Fiat 600 се појави на слики, премиера летово

Сликите што се појавија на интернет потврдуваат дека идниот малечок кросовер на Fiat, чијшто почеток на продажба е планирана кон завршетокот на годината, ќе ја носи историската бројка 600.

Ознаката 600 е јасно видлива на маската, а стилот се раководи според електричниот Nuova 500. Формата на каросеријата е мошне слична со тековниот малечок кросовер 500X, со заоблен покрив и опаш. Предните столбови и рамниот ветробран се слични со Jeep Avenger. Двата модели ја користат втората генерација на платформата e-CMP на концернот Stellantis. Оваа платформа служи како основа за моделите од градската класа, меѓу кои Peugeot 208 или Opel Corsa, како и за неколку модели од компакт класата (Citroen C4/C4 X).

Fiat 600 ќе биде прв модел на италијанската марка што користи платформа од Stellantis, откако итало-американскиот Fiat Chrysler се спои со францускиот PSA, за да го создадат концернот Stellantis во 2021 година.

Почетокот на продажбата на Fiat 600 се очекува кон завршетокот на годинава. Според пишувањата на италијанските медиуми, премиерата може да се очекува на 4-ти јули.

Од Stellantis не излегоа со коментар околу наводите.

Fiat ја користеше ознаката 600 за две свои моделски серии. Едната од нив е Fiat 600, од којшто произлезе еден од најпопуларните автомобили на балканските простори, лиценцно произведуваната Zastava 750. Моделот „600“ се произведуваше до доцните 1960-ти години, вклучувајќи и изведба на миниван, со познатото име Multipla.

Втората генерација на Fiat 600 се појави во доцните 1990-ти години, со името Seicento, што е шестотини на италијански јазик. Подоцна и неговата ознака беше сменета во 600.

Новиот Fiat 600 ќе се произведува во Полска, во поранешната фабрика на FCA во Тихи, денес фабрика на Stellantis. Моделот ќе се изработува на иста лента со Jeep Avenger, што беше претставен во минатиот октомври и чијшто испораки во Италија стартуваа во април.

Платформата e-CMP овозможува моделски изведби со бензински, дизел или целосно електричен погон. Jeep Avenger на повеќето европски пазари ќе се продава само во електричната изведба. Верзијата со 1,2-литарски трицилиндарец ќе биде достапна само во Италија, Полска и Шпанија. Истото се очекува и кај Fiat 600.

Кон завршетокот на 2023 година се очекува да биде претставен и малечок кросовер од Alfa Romeo, веројатно под моделското име Brennero. Тој ќе ја користи истата платформа и исто така ќе се произведува во Тики. Продажбата ќе стартува во 2024 година.

Fiat 600 е првиот целосно нов модел на италијанската марка, по премиерата на електричната Nuova 500 во 2020 година. На конференцијата во февруари, Stellantis објави дека во втората половина од 2023 година ќе бидат претставени два нови електирчни модели на Fiat. Голема е вероојатноста дека вториот новитет ќе биде верзија на Fiat на електричниот четирицикл Citroen Ami. Италијанската верзија е можно да го врати на сцената името Topolino.

Продажбата на Fiat во Европа се зголеми за 7,5 проценти во првиот квартал, на вкупно 103.312 возила. Целиот европски пазар, сепак забележи раст од 18 проценти во истиот период. Уделот на Fiat се смали од 3,5 проценти во 2022 година, на 3,2 проценти во првиот квартал годинава. Новите модели секако ќе донесат голема промена во продажбата динамика. На пазарите во Јужна Америка, Fiat продава шампионски.

Претходна објаваŠkoda ќе ги развива основните мотори TSI за сите марки од концернот Volkswagen
Следна објаваКинески Great Wall Motor гради фабрика во Бразил, производството почнува в година

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here