Škoda најави развој на посилни и поштедливи мотори, со пониска емисија, за марките на концернот Volkswagen, вклучувајќи ги VW, Audi и Cupra.
За групацијата Volkswagen да може повеќе да се посвети на развој на батериски електрични автомобили, марката Škoda доби одговорност за понатамошниот развој на бензинските мотори од семејството EA 211.
Моторите се вградуваат во 50 моделски серии во седум марки на групацијата, вклучувајќи ја матичната марка Volkswagen, Audi и Cupra.
Škoda обично добива одговорност за постари автомобилски технологии или за такви технологии што главно се наменети за пазари во развој, каде што најчесто решава цената. Чешката марка, на пример, одговорна е за развојот на барабан сопирачки, како и за развој на платформата MQB A0, којашто е наменета за модели за Индија и за југоисточна Азија.
Чешката марка и досега раководеше со развојот на атмосферските изведби MPI на моторите од семејството EA 211. Во иднина, Škoda ќе се грижи и за развојот на бензиските мотори со турбонатполнење TSI.
Моторите од семејството EA 211 TSI се достапни во верзии со три или со четири цилиндри, со работна зафатнина што се движи од 1,0 до 1,6 литар. Тие се користат во модели со благ хибриден погон, со приклучен хибриден погон и во модели со обичен погон. Овие мотори се наоѓаат во главнината од автомобилите што групацијата Volkswagen ги продава во Европа.
Инженерите во Млада Болеслав ќе продолжат да ги усовршуваат и приспособуваат моторите според потребите и според нормите во најразлични региони ширум светот.
View this post on Instagram
Од седиштето на Škoda порачуваат дека „целта е да се развијат уште посилни и поштедливи мотори, со пониска емисија, со нагласок на врвна издржливост“.
Škoda во 2012 година започна со производство на моторот 1.0 MPI од семејството ЕА 211 во матичната фабрика во Млада Болеслав. По кусо време, чешката марка доби одговорност над целиот развој на мотори MPI за марките од групацијата.
Škoda го разви познатиот 1.2 HTP мотор со три цилиндри EA 111, којшто е претходник на EA 211. Овој мотор за 15 години се произведе во 3,5 милиони примероци, наменети за вградување во марките на групацијата.
















