Доколку се прашуваат стратезите во Renault, за најсовршената форма на каросеријата што треба да ја поседува еден автомобил, оттаму и денес би одговориле дека нема подобра форма од ванот. За близу 40 години од првиот Espace, прв ван од европски производител воопшто, Французите ја извежбаа оваа каросериска форма во сите класи и можни поткласи. Бидејќи немирот за нештата да се направат поинаку и подобро им е во природата на марката, во екот на ван-еуфоријата тие направија еден отмен Avantime, па дури и едно култно Twingo. Тоа искуство се пренесува и во Austral, и тоа му дава дополнителен шарм на компактниот СУВ на местото на Kadjar.
Како и бројни други концепти што браншата му ги има сервирано на народот, така и вановите денес се претопија во СУВ. За среќа, се покажа дека тоа се два мошне блиски концепти што се надополнуваат едно со друго. Renault Austral е СУВ од новата генерација, којшто донесува големи промени во понудата на француската марка во овој сегмент. Со име што потекнува од латинскиот збор за југ, и со тоа се повикува на сонце, темперамент, патување, уживање, Austral доаѓа како замена за Kadjar.
Од двете фрази што се вообичаени кога се менуваат две генерации, за смената на Kadjar со Austral повеќе важи дека е револуција, отколку еволуција. Kadjar можеби ќе постигнеше уште поголема слава и ќе беше повеќе забележлив во гамата на Renault, доколку името Qashqai не беше толку силно присутно на сцената. Освен од партнерот во алијансата, Nissan, силна конкуренција доаѓаше и од сопствената Dacia, од втората генерација на Duster, којшто ја користи истата платформа.
Затоа сега се случува оваа голема промена со Austral. Французите сакаа во возилото да внесат повеќе шик, поквалитетни материјали, подобра изработка, и на клиентите да им понудат понапредна техника. Нема сомневање дека повеќето од овие цели се постигнати, и човек се уверува во тоа уште при седнувањето. Седиштата се цврсти и широки, со добра странична поддршка. Ќе минат многу километри, пред човек да посака да направи пауза.
Внатрешноста остава мошне солиден впечаток, дури може да се квалификува и како одушевување. Сé е модерно, но не и стерилно модерно. Главниот момент е во масивната „форма“ што се наоѓа во средишната конзола меѓу седиштата и лизга петнаесетина сантиметри напред назад. Тука човек се присетува дека ова е марката со вановите и очекува дека со лизгањето на оваа сé уште неименувана форма ќе се отвори некоја посебна преграда. Генерално се очекува некое Renault-чудо.
Austral ги соединува сите умешности што Renault ги има стекнато низ својата богата историја
Вистинската корист се покажува кога ќе се посегне по огромниот исправен дисплеј, којшто практично ја заменува целата средишна конзола во нејзината традиционална смисла и форма. Тоа не е ништо друго, освен приспособлив потпирач, за дланката кога ќе се потпре тука, да има стабилна подлога за спокојно и достоинствено да се ракува со дисплејот. Тоа е една мала револуција, но многу е поважна отколку што може да се заклучи првично. Вакви детали прават моделите да станат симпатични. Додека на друго место треба со прстите да се погодува брзо по дисплејот, небаре се игра на мобилен телефон, и притоа неретко се случува исходот да биде неуспешен, тука сé оди мазно и релаксирано. Ризикот по безбедноста кога мора да се „гаѓа“ со прст по дисплејот кај повеќето модели, тоа е посебна тема. Голема „работа“ е овој лизгачки држач.
Уште по мирисот во кабината се чувстува дека се седнува во француска марка. Тоа се нагласува уште повеќе во нивото на тестираниот модел, којшто е само едно ниво под врвното што Renault го нуди за својот Austral. Спортската нота што е очигледна намера се објаснува со името на нивото, ова е Techno Esprit Alpine. Од почит кон марката, името не се изговара „есприт алпајн“, туку отмено „еспри алпин“. Alpine секако се однесува на спортската марка во групацијата, на којашто шефот Лука де Мео ѝ има смислено голема иднина. Умесно е тоа што Renault го користи ова големо име за нивоата на опременост, посебно кога ќе се препоознае колку внимание е посветено во дизајнирањето и изработката на кабината. Опшивката на воланот со трите бои на француското знаме и материјалите на седиштата се верна најава за тоа што треба да се очекува во Austral.
Двата дисплеи не се само големи, туку и функционираат малку понапредно. Тоа шго им дава живот е Google Automotive Services. Ракувањето со инфо-забавните функции и со навигацијата е верно како да се ракува со мобилен телефон, со тоа што има многу повеќе простор и уште повпечатлива графика, со живи бои. Брзината на работата исто така остава мошне позитивен впечаток. Renault никогаш не запна со развојот на софтверот, затоа што навреме беше насетено тоа што браншата го доживува денес.
Четири цилиндри, турбо, стартер-генератор за тивко и неосетно будење на моторот
Дизел не постои во понудата на Austral, а бензинците секогаш се придружени со електромотор. Во тестираниот модел работи благ хибрид, односно познатиот 1,3-литарски турбо бензинец со 4 цилиндри е комбиниран со стартер-генератор. Два степени на моќност се во игра, едниот со 140 КС и мануелен менувач, другиот со 160 КС и со безстепен менувач со 8 фиктивни степени на пренос – како на тестот.
Стартер-генераторот има функција да произведува електрична енергија при сопирање и забавување, и истата да ја складира во мала и евтина батерија. Таа енергија понатаму се користи, за стартер-генераторот, како своевиден електромотор, да му асистира на бензинецот при поаѓање, при одржување умерено темпо на автопат, па и кусо при забрзување. Тој не може самостојно да го движи автомобилот, туку има функција единствено да ја смали потрошувачката, а со тоа и емисијата.
Уште една многу важна корист: Тој го стартува моторот меко и брзо, затоа што преку ремен е поврзан со коленестото вратило. Генерално, благиот хибрид е делотворен и навистина помага за потрошувачката да се одржува во разумни граници. На тестот се покажа просек од околу 7,5 литри, вклучувајќи и градско возење. Кој е расположен за тоа, може да постигне и шестка пред запирката. Тоа што Renault целосно се откажа од дизелот, секако дека се базира на увереноста на техничарите дека во поглед на штедливоста нема што да се приговара.
Третата опција, и воедно главна во настапот на Renault, кога го рекламира Austral, тоа е верзијата со целосно хибриден погон, со 1,2-литарски трицилиндарец со 130 КС и електромотор со 50 kW.
Со 160 КС и вртежен момент од 270 њутнметри што стојат на располагање уште од 1.800 вртежи па натаму, името Alpine што е напишано на крилата не мора да е напразно. Перформансите се сосем задоволителни, но тоа што денес се цени многу повеќе е култивираноста на работата на погонот. Светот денес сака да патува лежерно, релаксирано. Во тој поглед, Austral е класа: Тивка и смирена работа на моторот, рамномерно повлекување, доверба во способноста на погонот.
Впечаток остава и комоцијата во градското секојдневие. По запирање на семафор и кусо задржување на педалата за сопирачките, Austral мирува сé додека повторно не се притисне врз гасот. Уште една доблест на инженерите на Renault е тоа што менувачот CVT не завива при забрзување, туку сето време се добива впечаток како да се вози со класичен автоматски менувач.
View this post on Instagram
Може да се избира меѓу четири режими на возење: Штедлив, спортски, нормален и сопствен. Во спортскиот режим се чувствува дека менувачот за одредена мера го скусува преносниот однос. Се менува и реакцијата на моторот, исто како и сервоподдршката на управувањето. Спортски нагласени возни својства не се за очекување, а никој и не ги бара. Овој карактер што го заокружиле техничарите на француската марка, сосем се совпаѓа со претставата за Renault: Комотно, угладено, технички вешто изведено.
Управувана задна оска стои на располагање како опција, но само кај целосно хибридниот Austral
Амортизацијата работи за нијанса помеко, но затоа тивко и ненападно. Тоа светот го цени денес. Управување на сите четири тркала е специјалитет кај хибридниот модел. Тоа е посебно корисно при маневрирање во градска средина, затоа што кругот на вртење се скусува на одвај нешто повеќе од 10 метри. Но, и во тој случај пак се доплаќа 2.000 евра за системот. Дополнителна преност е тоа што и динамиката на возење во свијоци преоѓа еден степен погоре.
Каде е ванот во Austral? На многу места, но главно на задната клупа. Таа се поместува наназад за повеќе простор за нозете или нанапред за зафатнината на багажникот да се зголеми за шеесетина литри. Стратезите на марката утврдиле дека клиентите што ќе изберат ниво Techno Esprit Alpine не се посебно заинтересирани за лизгачка задна клупа, па затоа ја нудат како опција за 800 евра. Затоа, пак, во пониското ниво Techno, клупата што се поместува е стандард.
Намерата да им се угоди на возачот и на патниците се познава и во бројни детали, што колку се поситни, толку се посимпатични. Тоа важи на пример за копчето за менување на режимот на возење, што е поставено на самиот волан, и што ја менува бојата, зависно од режимот што е избран за возење во моментот.
Заедно со командите за ракување со преносот и со менувачот, десно зад воланот има четири рачки
Рачката на менувачот е поставена во мерцедесовски стил, горе зад воланот, и во почетокот ќе се случува по грешка да се посегне по рачката на бришачите. Некое истражување покажало и дека е подобро воланот да не се оптоварува со дополнителни копчиња, па сите команди за радиото се поставени на посебна рачка десно зад воланот.
Функционалноста е уште едно наследство од вановите. Соборување на задната клупа преку рачки директно од багажникот е мошне корисна работа. Притоа не мора ниту да се спуштаат потпирачите за глава. Тоа е вредното искуство што го поседува Renault од своите ван-времиња и воедно е искуство што прави Austral да биде просторен, комотен и пријатен СУВ за патување. И за секој ден, воопшто.
Austral е пред сé Renault
Искуството од тестов на Austral упатува на едно: Неблагодарно е да се генерализира и сите германски автомобили да бидат „германски“, а сите автомобили од француските марки „француски“. Секоја марка е приказна за себе, со голема историја, и тоа што е неоспорно, со големо искуство што се има насобирано низ годините. Austral отвора ново поглавје на Renault. Пред него тоа веќе го стори Megane E-Tech, којшто е помалку забележлив од Austral, затоа што е 100% електричен и затоа што е компакт. Сцената се разбуди повеќе за Austral, затоа што СУВ-моделите и натаму ѝ се повеќе не око, а реално и поради тоа што тој вози со конвенционален погон. Благиот хибрид помага „само“ за штедење и „само“ за тивко и неосетно старт-стоп во градското секојдневие. Ако на човек не му кажете дека напред има благ хибриден погон, може и никогаш да не дознае за тоа. Несомнено свеж модел, со напредна технологија, но и со француски шик, што прави секој детал да има Renault-печат. Неколку ситни детали може да се пропуштени, од типот на јамките за соборување на задната клупа или едноставната задна полица, можеби и отсуството на радарски темпомат во ова ниво на опременост, меѓутоа во целина, овој автомобил има причини за гордо да го носи ромбот на марката напред.