Вистина е дека бројни скусувања во понудата од модели на автомобилските марки се случија поради СУВ-трендот, кој буквално срамни сé пред себе. Семејни ванови, практични комби модели, универзалци со висок покрив, сето тоа исчезна од понудата на европскиот пазар. СУВ-трендот сепак не е виновник за исчезнувањето на големите и претставителни лимузини од големоволуменските марки.
Тоа што Ford, Opel, Renault, Alfa Romeo, Citroen, веќе одамна го немаат во својата моделска понуда, денес останаа да го негуваат само две марки што владеат на големоволуменскиот пазар: Toyota сo Camry и Škoda со Superb. Последната Alfa Romeo 166 излезе од фабрика во 2007 година, Citroen C6 остана до 2012, Fiat го напушти сегментот уште во 1976 година со „130“, легендарниот Ford Scorpio е во легендите уште од 1997, најновата Mazda Xedos 9 датира од 2003 година. На низата се приклучуваат и Nissan Maxima (до 2004), Opel Omega (2003), Peugeot 607 (2010), Renault Latitude/Samsung SM5 (2012). Saab (9-5, 2011) и Rover (75, 2005) денес не постојат ниту како марка. Тоа е реалноста на денешниот автомобилски пазар.
Нормално, колку што Ford, Renault & компанија не продаваат, толку повеќе продаваат Mercedes, BMW, Audi & компанија. За нивните E-Class, серија 5, A6, нема зимо. Исто важи за Volvo S90, Lexus ES. Станува збор за автомобили што постигнуваат светски успех, тоа не се само „локални“ феномени, затоа што E-Class се бара подеднакво и во Европа, и во Кина, и во САД, исто како и нејзините соперници од Минхен и Инголштат. Глобалниот фактор е уште повеќе присутен кај Volvo и Lexus. Но, како им успева на Toyota Camry и на Skoda Superb да издржат во борба против премиум-конкуренцијата? Поточно, како на Camry и Superb им успева да ги убедат купувачите, да не доплатат уште одредена сума и да се снабдат со премиум-модел? Во таа категорија на цени, купувачите сепак имаат „малку“ повеќе слобода при изборот. Има нешто.

Двата модели секако дека се присутни и на македонскиот пазар, Toyota и Škoda сепак се марки што држат голем дел од нашиот скромен, но свесен пазар на нови автомобили. Toyota денес може да си ја дозволи таа комоција, својот Camry да го нуди на македонскиот пазар, па и на целиот европски пазар, исклучиво во изведба со хибриден погон. Понудата на Тојота Авто Центар почнува oд 33.190 евра редовна цена за Camry со ниво на опрема Comfort.
Хибридни 218 КС и 421 Nm наспроти дизелски 200 КС и 400 Nm
Погонската спрега ја сочинува 2,5-литарски атмосферски четирицилиндарец што работи во милеров циклус и самиот испорачува максимално 178 КС, односно 221 Nm при 3.600 вртежи во минута, на кого што му помага електромотор со моќност од 88 киловати (120 КС) и вртежен момент од 202 Nm. Во комбинацијата влегуваат уште батерија од 1,6 kWh и традиционалниот безстепен менувач CVT.

Чешката лимузина ѝ парира на Camry со класичен дизел 2.0 TDI со 200 КС и со цена од рамно 35.000 евра во нивото на опрема Ambition, што е почетно за овој мотор. Погонската спрега ја комплетира 7-степен менувач со двојна спојка, како стандард. Škoda Superb по фејслифтот е достапна и со 1,4-литарски TSI во комбинација со електормотор и батерија со можност за надворешно полнење, што како значи приклучен хибрид, исто со 218 КС како Toyota, меѓутоа оваа верзија уште не се појавува во ценовникот на Порше. Гамата на Superb почнува уште со .5 TSI со 150 КС и со ниво на опрема Active, за 25.370 евра, меѓутоа за меѓусебна споредба со Camry и со премиум-конкуренцијата, ја зедовме цената на верзијата со дизел со 200 КС.
Хибридниот погон денес функционира како стандард и во моделите на премиум марките
А, колку чини премиумот? Mercedes-Benz E 220 d чини 57.500 евра во стандардната изведба. BMW 520 d во ценовникот на М Кар стои со 57.540 евра. Двете марки ги нудат своите лимузини и во изведба на приклучен хибрид, како E 300 e со цена од 61.990 евра и како 530e со цена од 61.850 евра.
Toyota и Škoda реално не целат толку високо со своите Camry и Superb, туку нудат нешто во средина. Јапонската – иако е поверодостојно да се нарече американска лимузина, поради тоа што подолго од 20 години е најпродаван патнички автомобил во САД – и чешката лимузина, нудат просторна комоција и претставителност на виша класа, меѓутоа со цената и со спецификацијата, којашто меѓу другото предвидува и колку далеку ќе оди понудата од мотори и колку ќе биде максималниот праг на вградување скапа и супернапредна опрема, тие повеќе им конкурираат на премиум моделите од средната класа, што во случајов би значело C-Class, Серија 3, Audi A4, Volvo S60.

Не менува многу ако големите автомобили на Toyota и Škoda се споредат со C-Class и Серијата 3. Лимузината од средната класа на Mercedes е меѓу „најсвежите“ модели на пазарот. Во изведбата C 220 d со 200 дизел- и 20 електрични-КС (бидејќи секоја C-Class во оваа генерација е благ хибрид, најмалку толку), Mercedes чини 53.990 евра. Како C 200, со 204 КС бензински и 20 електрични КС, цената е 50.990 евра. М Кар за баварскиот 320d бара 45.920 евра, но затоа ги има во понуда и 320e со 204 КС, како приклучен хибрид, за 47.820 евра и 330е со 292 КС, за 52.670 евра.
Зачудува колку се изедначени јапонската и чешката лимузина. Camry е подолга за 16 mm, потесна е 24 mm, пониска е 24 mm, а во меѓуоскиното растојание е покуса за 16 mm. Тоа се помалку од незначителни разлики. Во багажникот има голема предност во корист на Superb, со 625 наспроти 524 литри, иако реално станува збор за шампионски вредности во двата случаи. Мајсторијата на јапонските техничари се докажува во тежината. Иако е хибрид, Camry е само 19 килограми потешка од дизел-Superb.
Два сосем различни погонски концепти на двете лимузини што се скроени по слична матрица
Спринтот на Toyota со 100 km/h трае само четири десетинки подолго отколку на Škoda, којашто таа задача ја завршува за 7,9 секунди. Лимитот на 180 km/h на Camry повеќе е од џентлменски карактер. Superb продолжува до 243 km/h. Според WTLP-нормата, двете лимузини трошат апсолутно исто: 5,3 литри, но во едниот случај супер, а во другиот дизел. Емисијата на СО2 секако е во корист на Toyota, со 120 грами, наспроти 139 грами на Škoda. Јапонците можат да ликуваат. Додека машината на германскиот концерн мора да користи двојно пречистување на азотните оксиди, плус користи и адблу, Toyota може да работи со обичен регулиран катализатор. Како што ЕУ ќе поставува сé построги СО2-стандарди, што ќе бараат уште посложени и поскапи системи за пречистување на издувните гасови, Toyota ќе може да коригира со мали, а тоа значи и евтини зафати.

Во чувствителното подрачје на опременоста, Toyota влече во своја корист. Camry стандардно доаѓа со приспособлив темпомат, систем за следење лента со зафат во управувањето и со камера за знаци, за што треба да се доплаќа кај Superb. Пристапот без клуч исто е стандард кај Camry, како и камера за рикверц. Од друга страна, Škoda ја има предноста што најразлични ставки опрема, од наједноставна до технолошки најнапредна, може да се доплатат посебно – и уште поважно – по цени што се речиси заштитен знак на чешката марка.
Кај автобилите никогаш не е чисто црно или чисто бело. Секогаш има нијанси, а тие нијанси решаваат. Кај Camry, таа „нијанса“ може да биде хибридниот погон, кај Superb, токму спротивно, нијансата може да биде традицијата и името на VW во дизел моторите.
Зошто големите лимузини на Toyota и Škoda единствени останаа да им парираат на премиум лимузините на Mercedes & Co? Нема потреба од многу објаснување. Возачките и возачите едноставно веруваат во овие марки. Тоа е дел од имиџот. Уште е добро да се вози класична каросерија со знак на Toyota и Škoda, две марки што се многу различни, а во едно се најслични. Во време на пандемија, овие две марки напредуваа најмногу. Тоа е пак во контекст на довербата.
















