Porsche Digital отвори нов огранок во Хрватска, како дел од проширувањето на светската мрежа за иновации. Дигиталната единица на Porsche AG во Загреб ќе соработува со хрватската компанија за технологија Infinum во развој на нови бизнис-модели. Главното тежиште во рамките на заедничката инвестиција се става на усовршување на постоечките и релизација на нови онлајн-понуди за клиентите.
Загреб важи како еден од најперспективните и најамбициозни центри за иновација во Европа. Метрополата располага со мултиталенти од сцената на технологијата и развојот, особено благодарејќи на најголемиот универзитет во земјата, со тежиште на ИТ и на природни науки. До крајот на 2020 година, во загрепскиот центар ќе работат околу 30 лица. Во следните години се предвидува значително проширување на огранокот.
„Сакаме активно да ги искористиме шансите за дигитализација и за таа цел ни е потребна мрежа што излегува од границите на земјата, во којашто тимовите разменуваат искуства и се инспирираат меѓусебно“, изјави Штефан Цервек, главен оперативен директор на Porsche Digital. „Со новиот огранок во Загреб го презедовме следниот чекор во таа насока и со Infinum обезбедивме силен партнер.“
Томислав Цар, главен извршен директор на Infinum, цени дека новите технологии и бизнис-модели ги менуваат пазарите ширум светот. „Се радуваме што заедно со Porsche Digital и врз основа на нашето долгогодишно искуство во развојот на производи, во иднина активно ќе учествуваме во дигиталниот свет“, додава Цар.
Infinum вработува 250 лица во САД и Европа. Тимовите осмислуваат, развиваат и приспособуваат дигитални производи, со цел деловните подрачја да се изведат поефикасно и да се поедностави секојдневието на корисниците.
Porsche Digital е компанија ќерка на Porsche AG за развој на дигитални понуди и услуги, за конструирање на технолошки напредни индустриски решенија и воедно катализатор за дигиталниот екосистем. Иновациската мрежа ја сочинуваат канцеларии во Израел, Кина, САД, а сега и во Хрватска. Главното седиште е во Лудвигсбург, а дигитални центри се наоѓаат во Берлин, Барцелона, Тел Авив, Шангај, Атланта и во Силиконската Долина.
https://www.instagram.com/p/B3wryb7J2Ef/
















